(продолжува од претходниот ден) Бог на овој свет му зборувал преку природата, преку симболи и слики, преку патријарсите и пророците. Човештвото морало да добие поука со човечки јазик. Весникот на заветот мора да зборува. Неговиот глас мора да се чуе во неговиот храм. Христос мора да дојде да изговори зборови што јасно и конечно ќе се разберат. Тој, Творецот на вистината, мора да ја одвои вистината од плевата на човечките умотворби што ја направиле неделотворна. Начелата на Божјето владеење и планот на спасението мора јасно да се одредат. Поуките од Стариот завет мора целосно да им се изложат на луѓето.
Меѓу Евреите уште имало непоколебани души, потомци на онаа света лоза преку која е сочувано сознанието за Бога. Тие уште чекале да се исполни надежта дадена во ветувањето на нивните претци, засилувајќи ја својата вера држејќи се за ветувањето дадено преку Мојсеја: „Господ Бог ќе ви подигне од вашите браќа Пророк како мене; послушајте сè што ќе ви каже Тој“ (Дела 3,22). Тие повторно читале како Бог ќе помаже Еден да им јави „добри гласови на кротките“, да ги превие „ранетите во срцето“, да им огласи на „заробените слобода“ и да објави „година на Господовата милост“ (Исаија 61,1.2). Тие читале како Тој ќе „постави суд на земјата“, како островите ќе ја „чекаат неговата наука“, како народите ќе доаѓаат кај неговото видело и царевите кај светлината на неговиот сјај (Исаија 42,4; 60,3).
Зборовите што ги изговорил Јаков пред својата смрт ги исполнувале со надеж: „Нема да се оддалечи жезолот од Јуда ниту палката владеачка од неговите нозе, додека не дојде Оној на кого му припаѓа на кого ќе му се покоруваат народите“ (1. Мојсеева 49,10). Опаѓањето на моќта на Израел сведочело дека доаѓањето на Месија е близу. Пророштвото на Даниел ја прикажало славата на неговото владеење над царството што ќе ги наследи сите земни царства и кажува дека „тоа ќе постои довека“ (Данило 2,44). Малку имало такви кои ја разбрале природата на Христовата мисија, но затоа големо мноштво очекувало силен кнез кој ќе воспостави свое царство во Израел и кој ќе дојде како ослободител на народите.
Времето се исполнило. Човештвото, понижено со вековните престапи, копнеело за доаѓањето на Откупителот. Сатаната се трудел да го продлаби понорот меѓу земјата и небото и истиот да го стори непремостлив. Со своите лаги тој ги поттикнувал луѓето кон грев. Намера на сатаната била да го исцрпе Божјето трпение и да ја задуши неговата љубов кон човекот за да го натера Бога да му го препушти светот нему.
Сатаната се обидел да го скрие од луѓето знаењето за Бога, да го пренасочи нивното внимание од Божјиот храм и да воспостави свое царство. Неговата борба за превласт навидум потполно успеала. Всушност, Бог во секое поколение имал свои претставници. Дури и меѓу незнабошците имало луѓе преку кои Христос работел за да го подигне народот од гревот и понижувањата. Меѓутоа, овие луѓе биле презрени и замразени. Мнозина од нив доживеале насилна смрт. Мрачната сенка што ја фрлил сатаната врз светот станувала сè потемна.
Сатаната преку незнабоштвото со векови ги одвраќал луѓето од Бога но, изопачувајќи ја верата на Израел, тој извојувал голема победа. Следејќи и промовирајќи ги своите сфаќања, незнабошците го загубиле знаењето за Бога и станувале сè поизопачени. Така било и со Израел. Начелото дека човекот може да се спаси со своите дела лежи во основата на секоја незнабожечка религија; сега тоа станало начело на еврејската вера. Ова начело го засадил сатаната. Каде и да се прифати тоа, луѓето немаат заштита од гревот.
Веста за спасението им е објавена на луѓето преку човечки орудија. Меѓутоа, Евреите настојувале вистината за вечниот живот да остане исклучително во нивна власт. Напластиле жива мана и таа се расипала. Верата што се обиделе да ја задржат само за себе се претворила во соблазна. Тие го лишиле Бога од неговата слава и го измамиле светот со искри во колчено евангелие. Тие не сакале да му се потчинат на Бога за спасение на светот и станале сатански посредници за негово уништување. (продолжува)