(продолжува од претходниот ден) Стомната ја донесувал до олтарот што бил сместен среде предворјето за свештениците. Тука се наоѓале два сребрени сада, а покрај секој од нив стоел по еден свештеник. Бардачето со вода е испразнето во еден сад, а бардачето со вино во друг; содржината на двата сада истекувала во заедничка цевка што била поврзана со потокот Кедрон и оттаму во Мртвото Море. Ова истекување на посветената вода го претставува изворот кој, на Божја заповед, потекол од карпата за да ја угаси жедта на децата Израелови. Тогаш би се разлеала радосната песна: „Господ ми е сила и песна“; „со радост ќе црпете вода од изворот на спасението“ (Исаија 12,2.3).
Додека синовите на Јосифа се приготвувале да присуствуваат на празникот Сеници, забележале дека Христос не презема ништо со што би покажал дека има намера да учествува на него. Го набљудувале загрижено. Од исцелувањето во Витезда, Тој не присуствувал на народните собири. За да ги избегне бесполезните средби со водачите во Ерусалим, својата работа ја ограничил на Галилеја. Неговото очигледно занемарување на големите верски собири и непријателството што го покажувале свештениците и рабините кон него, го збунувале народот околу него, дури и неговите ученици и неговите роднини. Во своите поуки ги истакнувал благословите на послушноста кон Божјиот закон, а самиот изгледал рамнодушен кон службата што ја воспоставил Бог. Неговото дружење со цариниците и со другите што ги биел лош глас, неговото непочитување на рабинските прописи и слободата со која ги отфрлил обичајните барања во врска со саботата, сето тоа како да го ставало наспроти верските водачи и поттикнувало многубројни прашања. Неговите браќа сметале дека греши со тоа што се отуѓува од големите и учени луѓе во народот. Чувствувале дека овие луѓе имаат право и оти Исус греши што се става наспроти нив. Меѓутоа, биле сведоци за неговиот беспрекорен живот па, иако не се вбројувале меѓу неговите ученици, биле длабоко трогнати со неговите дела. Неговата омиленост во Галилеја го поттикнувала нивното славољубие. Сè уште се надевале дека ќе даде очигледен доказ за својата моќ која фарисеите би ги навела да увидат дека Тој е Оној кој е. Што ако Тој би бил Месија, Царот Израелов! Оваа мисла ја негувале со посебно задоволство.
Тие толку многу го сакале тоа и го поттикнувале Христа да оди во Ерусалим: „Замини оттука“, велеле, „и оди во Јудеја за да ги видат и твоите ученици делата што ги правиш, зашто никој не прави нешто тајно, кога самиот сака да биде познат. Ако веќе ги правиш тие дела, објави му се на светот. „Зборот “ако „ изразувал сомневање и неверување. Тие му припишувале страшливост и слабост. Ако знае дека е Месија, тогаш зошто е таа чудна воздржливост и неделотворност? Ако навистина поседува таква сила, тогаш зошто не појде храбро во Ерусалим и не го одбрани своето право? Зошто да не ги стори во Ерусалим оние величествени дела за кои се зборува дека ги правел во Галилеја? Немој да се криеш по зафрлени области, му велеле, и да ги правиш тие силни дела пред неуки селани и рибари. Појави се во главниот град, задоби поддршка од свештениците и поглаварите и обедини го народот воспоставувајќи го новото царство.
Исусовите браќа ова го правеле од себични побуди, што толку често се наоѓаат во срцата на оние кои копнеат да се истакнат. Со светот владеел ваков дух. Биле навредени што Христос се прогласил себеси за Леб на животот, наместо да бара земен престол. Биле длабоко разочарани кога го напуштило толкаво мноштво негови ученици. Му го свртиле грбот и го напуштиле него за да го избегнат крстот да не го препознаат и признаат низ неговите дела дека Тој е Пратеникот од Бога.
„Затоа Исус им рече: ‘Моето време сè уште не е втасано, а за вас времето секогаш е згодно. Светот вас не може да ве мрази; тој мене ме мрази, зашто сведочам за него оти неговите дела се зли. Вие појдете горе на празникот. Јас нема да отидам, зашто моето време уште не е исполнето.’ Тоа им го рече и остана во Галилеја.“ Неговите браќа му зборувале заповеднички, одредувајќи му го патот по кој треба да оди. Им го вратил прекорот, наредувајќи ги не меѓу своите ученици полни со самооткажување, туку меѓу светот. „Светот вас не може да ве мрази“, рекол Тој, „мене ме мрази, зашто јас сведочам за него оти неговите дела се зли“. Светот не ги мрази оние што му се слични по духот; тој нив ги сака како свои. (продолжува)