(продолжува од претходниот ден) Кога станал, Христос од гробот извел многу заробеници. Земјотресот при неговата смрт ги отворил нивните гробови и кога Тој станал и тие излегле со него. Тоа биле Божји соработници кои и по цена на својот живот сведочеле за вистината. Сега требало да бидат сведоци за Оној што ги подигнал од мртвите. За време на својата служба Исус дигал мртви во живот. Тој го воскреснал синот на вдовицата од Наин, ќерката на поглаварот и Лазара. Но тие не биле облечени во бесмртност. Иако воскреснале, сè уште биле подложни на смртта. Но оние што излегле од гробот при Христовото воскресение, станале во вечен живот. Тие се вознеле со него како знак на неговата победа над смртта и гробот. Овие, рекол Христос, не се повеќе заробеници на сатаната. Јас ги откупив. Јас ги изведов од гробот како првина на мојата сила, да бидат со мене каде што сум јас, за никогаш повеќе да не видат смрт или да вкусат болка.
Овие отишле во градот и им се покажале на мнозина објавувајќи: Христос воскресна од мртвите и ние воскреснавме со него. Така е овековечена светата вистина за воскресението. Воскреснатите свети сведочеле за вистинитоста на зборовите: „Ќе оживеат твоите мртви, ќе воскреснат мртвите тела.“ Нивното воскресение било сликовит приказ за исполнување на пророштвото: „Разбудете се и триумфирајте вие, жители на правот! Зашто… земјата ќе ги исфрли мртовците“ (Исаија 26,19).
Христос за верниците е воскресение и живот. Во нашиот Спасител е обновен животот што е загубен поради гревот; Тој во себе има живот да го оживее оној кого што сака. Нему му е дадено правото да дарува бесмртност. Животот што го положил во човечка природа, Тој повторно го зема и му го дава на човечкиот род. „Јас дојдов“, рекол Тој, „за да имаат живот и да го имаат во изобилие.“ „А кој пие од водата што јас ќе му ја дадам, нема да биде жеден довека, туку водата што јас ќе му ја дадам ќе стане во него извор на вода која извира во вечен живот.“ „Кој го јаде телото мое и ја пие крвта моја, има живот вечен, и јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јован 10,10; 4,14; 6,54).
За верникот смртта не значи многу. Христос за неа зборува како да има мала важност. „Оној што ќе ја одржи мојата реч, нема да види смрт довека“, „нема да вкуси смрт довека.“
За христијанинот смртта е само сон, миг на тишина и темнина. Животот е скриен со Христа во Бога и „кога ќе се јави Христос, нашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со него во слава“ (Јован 8,51.52; Колошаните 3,4).
Гласот на крстот „Се сврши“ се чул меѓу мртвите. Тој продрел низ ѕидовите на гробниците и ги повикал умрените да станат. Така ќе биде кога од небото ќе се слушне Христовиот глас. Тој глас ќе продре во гробниците и ќе ги отвори могилите и мртвите во Христа ќе воскреснат. При воскресението на Спасителот се отвориле неколку гробови, но при неговото второ доаѓање сите драгоцени мртви ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат во славен бесмртен живот. Истата сила што го подигнала Христа од мртвите, ќе ја подигне и неговата Црква и ќе ја прослави со него, над сите господства, над сите сили, над секое име што се спомнува, не само на овој свет, туку и во светот што ќе дојде.