Седејќи на трева во квечерината на пролетната вечер, луѓето се поткрепувале со храната за која се погрижил Христос. Зборовите што ги слушале тој ден им звучеле како Божји глас. Исцелувањата што ги гледале со свои очи можела да ги изврши само божествената сила. Меѓутоа, чудото со лебовите оставило впечаток врз секого во тоа силно мноштво. Сите имале полза од тоа чудо. Во времето на Мојсеја Бог го хранел Израел со мана во пустината; кој е Овој што ги нахранил овој ден ако не Оној за кого пророкувал Мојсеј? Никаква човечка сила не може да создаде од пет јачменови лебови и од две малечки риби доволно храна за да се нахранат илјадници гладни луѓе. Тие си зборувале еден на друг: „Овој навистина е Пророкот кој требаше да дојде на светот.“
Ова уверување се засилувало во текот на целиот ден. Ова крунско дело е гаранција дека долгоочекуваниот Ослободител е меѓу нив. Надежите на народот сè повеќе се загревале. Тој е Оној кој од Јудеја ќе создаде земен рај, земја во која тече мед и млеко. Тој може да исполни секоја желба. Тој може да ја скрши силата на омразените Римјани. Тој може да ги ослободи Јуда и Ерусалим. Тој може да ги исцели војниците ранети во војната. Тој може да снабди цели армии со храна. Тој може да ги освои народите и на Израел да му ја даде долго саканата надмоќ .
Во своето одушевување народот е готов веднаш да го круниса за цар. Увидуваат дека Тој воопшто не се труди да го привлече вниманието на себе или да си осигури себеси чест. Во ова Тој суштински се разликува од свештениците и поглаварите, па се плашеле дека никогаш нема да го бара своето право на Давидовиот престол. Откако заеднички се советувале, се согласиле да го земат и сосила да го прогласат за цар на Израел. Учениците се здружиле со мноштвото во изјавата дека Давидовиот престол е законско наследство на нивниот Учител. Скромноста, си велеле тие, не му дозволува на Христа да ја прифати таквата почест. Народот нека го издигне својот Ослободител. Горделивите свештеници и поглавари нека бидат присилени да го почитуваат Оној што доаѓа наметнат со власт од Бога.
Ревносно се приготвувале да ги спроведат своите намери; но Исус согледал каков процес е покренат и го сфатил она што тие не можеле да го разберат каков ќе биде резултатот на таквото движење. Дури и сега свештениците и поглаварите го бараат неговиот живот. Тие го обвинуваат дека го одвраќа народот од нив. Напорите да го постават на престол ќе бидат придружени со насилство и бунт и дејствувањето на духовното царство ќе биде попречено. Движењето мора да се запре без одлагање. Повикувајќи ги учениците, Исус им заповеда да земат чамец и веднаш да се вратат во Капернаум, препуштајќи му нему да го распушти народот.
Никогаш порано не им се чинело толку тешко да го послушаат Христа. Учениците долго се надевале на некое народно движење што ќе го постави Исуса на престол; тие не можеле да ја поднесат помислата дека ќе биде напразно сето ова одушевување. Мноштвото што се собирало да прослави Пасха било желно да го види новиот Пророк. На неговите следбеници ова им се сторило златна прилика својот сакан Учител да го постават на престолот Израелов. Во жарот на овој нов стремеж кон слава, тешко им било да одат сами и да го остават Исуса осамен на тој пуст брег. Тие се бунеле против таквиот договор; но Исус сега зборувал со таква власт каква што никогаш порано не покажувал кон нив. Знаеле дека секакво нивно натамошно опирање ќе биде напразно, па во тишина се упатиле кон морето.
Тогаш Исус му наредил на мноштвото да се разотиде. Постапил толку решително, што не се осмелувале да не го послушаат. На нивните усни замреле зборовите на фалба и восхит. Нивните чекори биле запрени при обидот да го фатат, а од нивните лица исчезнал радосниот и ревносен поглед. Во тоа мноштво имало луѓе со силен ум и со цврста решителност; но Исусовото царско држење и неколкуте негови мирни, но заповеднички зборови, ја смириле толпата и ги осуетиле нивните планови. Во него препознале сила што е над сите земни власти и без никакво прашање се покориле. (продолжува)