Исус секогаш ги сакал децата. Ја прифаќал нивната наклоност и нивната искрена, неусилена и ненаметлива љубов. Благодарното величење од нивните чисти усни било музика за неговите уши и освежување за неговиот дух кога бил измачен од допирот со лукавите и лицемерни луѓе. Каде и да одел Спасителот, добродушноста на неговото лице и неговото нежно, љубезно однесување ја задобивале љубовта и довербата на децата.
Меѓу Евреите било вообичаено мајките да ги донесуваат своите деца кај рабинот да ги благослови ставајќи рака врз нив, но учениците на Спасителот сметале дека неговата работа е премногу важна за да се прекинува на тој начин. Кога мајките со своите малечки доаѓале кај него, учениците покажувале незадоволство кон нив. Сметале дека децата се премногу малечки за да можат да имаат некаква полза од посетата кај Исуса и заклучиле дека Тој ќе биде незадоволен поради нивното присуство. Меѓутоа, учениците биле тие со кои Тој не бил задоволен. Спасителот ја разбрал грижата и товарот на мајките кои се труделе своите деца да ги воспитуваат сообразно со Божјата реч. Тој ги чул нивните молитви и сам ги привлекол кон себе.
Мајка со дете го напушта својот дом за да го најде Исуса. Попатно за својата намера ѝ раскажува на својата сосетка, па и таа посакува Исус да ѝ ги благослови децата. Така се собира група мајки со своите малечки. Некои од овие деца излегле од периодот на раното детство и стапиле во периодот на младоста. Додека мајките ја изразуваат својата желба, Исус благонаклоно го слуша нивното срамежливо барање придружено со солзи. Меѓутоа, почекува да види како ќе постапат учениците со нив. Кога гледа како ги враќаат мајките, мислејќи дека со тоа му прават услуга, им укажува на нивната грешка, велејќи: „Оставете ги децата да доаѓаат кај мене и не бранете им, зашто на таквите им припаѓа Божјето царство!“ Ги зел децата во прегратка, ги положил рацете врз нив и им го дал благословот по кој дошле.
Мајките се утешиле. Се вратиле во своите домови засилени и благословени со Христовите зборови. Биле охрабрени со нова радост да го понесат својот товар и со полна надеж да работат за своите деца. Денешните мајки треба да ги прифатат неговите зборови со иста вера. Исус и денеска е исто така наш личен Спасител како што бил додека живеел како човек меѓу луѓето. Тој е исто така помошник на мајките денеска како што бил додека во своите прегратки ги земал малечките во Јудеја. Децата на нашите семејства се исто така откупени со неговата крв како што биле децата во тоа време.
Исус го познава товарот што лежи во срцето на секоја мајка. Тој, чијашто мајка се борела со немаштија и со скудност, сочувствува со секоја мајка во нејзината макотрпна работа. Тој, кој пошол на долг пат за да го ослободи загриженото срце на жената Хананка, ќе го стори истото тоа и за денешните мајки. Тој, кој ѝ го вратил единецот на вдовицата од Наин и кој во своите смртни маки на крстот се сетил на својата мајка, и денеска е трогнат со мајчинската жалост. Во секоја жалост, во секоја потреба, Тој ќе даде утеха и помош.
Мајките нека дојдат кај Исуса со своите тешкотии. Тие ќе најдат милост што ќе биде доволна да им помогне при подогањето на нивните деца. Вратата е отворена за секоја мајка што сака да го положи својот товар пред нозете на Спасителот. Тој, кој вели: „Оставете ги децата и не бранете им да дојдат кај мене“, сè уште ги повикува мајките да ги доведат своите малечки да ги благослови. Дури и новороденчето во прегратките на својата мајка може да престојува во засолништето на Севишниот со верата на мајката која се моли. Јован Крстителот бил исполнет со Свети Дух уште од своето раѓање. Ако сакаме да живееме во заедница со Бога, ние исто така можеме да очекуваме нашите малечки, уште од нивните најрани денови, да ги обликува божествениот Дух.
Во децата што дошле во допир со него Исус видел мажи и жени кои ќе станат наследници на неговата милост и припадници на неговото царство, а некои од нив маченици за него. Тој знаел дека овие деца ќе го слушаат и ќе го прифатат како свој Откупител со многу поголема подготвеност отколку возрасните луѓе, од кои мнозина имале световна мудрост и тврдо срце. Во своето поучување Тој се спуштил на нивото на нивното разбирање. Тој, небесното Величество, не ги презрел нивните прашања и своите важни поуки ги поедноставил за да одговараат на нивното детско сфаќање. Тој во нивните умови го посеал семето на вистината кое во годините што настапуваат ќе никне и ќе донесе род за вечен живот. (продолжува)