(продолжува од претходниот ден) О колку Христос копнеел на Израел да му ги открие драгоцените ризници на вистината! Меѓутоа, нивното духовно слепило било такво што не било можно да им се откријат вистините за неговото царство. Цврсто се држеле за своето верују и за своите празни обреди додека небесната вистина чекала да ја примат. Своите пари ги трошеле на ништожни работи, додека лебот на животот им бил при рака. Зошто не ѝ пристапиле на Божјата реч трудољубиво да ја проучуваат за да видат дали биле во заблуда? Списите на Стариот завет јасно изнесувале секоја подробност од Христовата служба, а Тој постојано ги наведувал пророците и изјавувал: „Денес се исполни ова Писмо што го чувте со ваши уши.“ Кога искрено би го истражувале Писмото, подложувајќи ги своите теории на проверка на Божјата реч, не би било потребно Исус да плаче над нивната окоравеност. Тој не би морал да изјави: „Еве, вашата куќа ќе ви остане пуста“ (Лука 13,35). Би можеле да го запознаат доказот за неговото месијанство и со тоа да ја избегнат несреќата што го претворила нивниот горд град во урнатини. Меѓутоа, умот на Евреите се спекол со нивниот неразумен фанатизам. Христовите поуки ги откривале недостатоците на нивниот карактер и барале покајание. Кога би ги прифатиле неговите учења, нивниот начин на живот би морал да се измени и би морале да ги напуштат надежите што ги негувале. За да ги почитува Небото, мораат да го жртвуваат почитувањето на луѓето. За да ги послушаат зборовите на овој нов Рабин, мора да ги отфрлат мислењата на големите мислители и учители на своето време.
Вистината не била омилена во Христово време. Таа не е омилена и во нашето време. Станала неомилена откако сатаната првпат кај човекот предизвикал одвратност кон неа изнесувајќи лаги што воделе кон самоизвишување. Зар не се сретнуваме и ние денеска со теории и со доктрини што немаат основа во Божјата реч? Луѓето цврсто се придржуваат кон нив како и Евреите што се придржувале кон своите преданија.
Еврејските водачи биле исполнети со духовна гордост. Нивната желба за лично прославување се покажувала дури и во службата во светилиштето. Сакале највисоки места во синагогата. Сакале да бидат поздравувани на улица и биле задоволни кога би го слушнале звукот на своите титули од усните на луѓето. Додека вистинската побожност опаѓала, уште пољубоморно се држеле за своите преданија и обреди.
Бидејќи нивниот разум бил затемнет со себични предрасуди, тие не можеле силата на Христовите убедливи зборови да ја сообразат со скромноста на неговиот живот. Не сфатиле дека на вистинската големина не ѝ е потребно надворешно расфрлање. Сиромаштвото на овој Човек е во потполна спротивност со неговото тврдење дека е Месија. Ако е Тој она што тврди дека е, се прашувале тие, тогаш зошто е толку скромен. Ако е задоволен со тоа да биде без вооружена сила, што ќе биде со нивниот народ? Како можат силата и славата, што толку долго ги очекувале, да ги доведат народите во поданство на градот на Евреите? Зар свештениците не учеле дека Израел треба да завладее со сета земја? Дали е можно големите верски учители да згрешиле?
Меѓутоа, причината што ги навела Евреите да го отфрлат Христа не била само отсуството на надворешна слава во Исусовиот живот. Тој бил олицетворение на чистотата, а тие биле нечисти. Живеел меѓу луѓето како пример на беспрекор на чистота. Неговиот живот без мана ги осветлил нивните срца. Неговата искреност ја откривала нивната неискреност. Таа сторила да се покаже сета превртливост на нивната лицемерна побожност и им го открила беззаконието во сиот негов изопачен карактер. Таквата светлина била непожелна.
Кога Христос би ги истакнувал фарисеите и би го величел нивното знаење и побожност, тие со радост би го поздравиле. Но, кога зборувал за небесното царство како период на милост за сите луѓе, изнесувал еден вид религија што не сакале да ја трпат. Нивниот личен пример и учење никогаш не биле такви за службата на Бога да ја сторат пожелна. Кога го виделе Исуса како им укажува внимание на оние што тие ги мразеле и ги отфрлиле, во нивните горделиви срца се разгореле најлоши страсти. Фалејќ и се дека „Лавот од племето на Јуда“ (Откровение 5,5) ќе го издигне Израел над сите народи, тие не би можеле да го поднесат разочарувањето во своите славољубиви надежи во поголема мера отколку што можеле да го поднесат Христовиот прекор поради нивните гревови и поради осудата што веќе ја чувствувале и од самото присуство на неговата чистота.