(продолжува од претходниот ден) Кога Исус на богатиот младич му ги прикажал условите под кои може да стане негов ученик, Јуда бил незадоволен. Сметал дека е направена грешка. Кога тие луѓе, како овој поглавар, би можеле да бидат поврзани со верниците, би го поддржувале Христовото дело. Само кога тој, Јуда, би бил прифатен за советник, си мислел, би можел да предложи многу планови за унапредување на оваа малечка црква. Неговите начела и методи би се разликувале малку од Христовите, но во тоа себеси се сметал за помудар од Христа.
Во сè што им кажал Христос на своите ученици, имало нешто со што Јуда во своето срце не се согласувал. Под негово влијание квасецот на незадоволство бргу дејствувал. Учениците во сето тоа не го виделе поттикнувачот, но Исус видел дека сатаната своите својства ги пренесува врз Јуда и со тоа отвора канал низ кој може да влијае врз другите ученици. Една година пред предавството, Христос го објавил ова: „Зар не ве избрав јас дванаесетмина, и сепак, еден од вас е ѓавол?“ (Јован 6,70).
Секако, Јуда не се противел отворено, ниту пак изгледало дека се сомнева во поуките на Спасителот. Не мрморел отворено сè до мигот на гозбата во куќата на Симона. Кога Марија ги помазала нозете на Спасителот, Јуда ја покажал својата дрчна природа. Исусовиот укор длабоко го огорчил. Повредената гордост и желба за одмазда ги урнале браните и со него завладеала алчноста на која толку долго ѝ попуштал. Тоа ќе стане искуство на секого што ќе истрае во играта на гревот. Основните облици на вродените склоности кон гревот на кои не им се противставуваме и кои не ги победуваме, подлегнуваат на сатанско искушение и тој по своја волја ја заробува душата.
Но Јуда не закоравел потполно. Иако дури двапати ветил дека ќе го предаде Спасителот, постоела можност за покајание. На пасхалната вечера Исус дал доказ за своето божество со тоа што ја открил намерата на предавникот. Нежно и Јуда го ставил во службата што ја извршил за учениците. Меѓутоа, последниот повик на љубовта останал без одговор. Тогаш е запечатен случајот на Јуда и нозете што ги измил Исус отишле да го извршат предавничкото дело.
Ако Исус треба да биде распнат, си размислувал Јуда, тоа мора да се случи. Неговиот чин на предавство на Спасителот нема да го измени конечниот резултат. Ако Исус не треба да умре, тоа само би го принудило да се ослободи. Од сите настани Јуда со предавството би стекнал некоја корист. Сметал дека со предавството на својот Господ договорил одлична работа.
Сепак, Јуда не верувал дека Христос ќе дозволи да биде фатен. Имал намера со своето предавство да му даде на Исуса поука. Прифатил улога што ќе го присили Спасителот во иднина да постапува кон него со должна почит. Но Јуда не знаел дека Христа го предава на смрт. Колкупати закониците и фарисеите, додека Исус ги изнесувал своите поуки низ споредби, биле возбудени со неговите неочекувани сликовити прикази! Колкупати си изрекувале пресуда самите себеси!
Често, кога вистината ги осведочувала нивните срца, тие разбеснети земале камења да фрлат на него; но секојпат Тој им побегнувал. Бидејќи избегнал толку стапици, си мислел Јуда, секако, нема да дозволи да биде фатен.
Јуда решил сето тоа да го провери. Ако Исус навистина е Месија, народот, на кој Тој му сторил толку многу добра, ќе се собере околу него и ќе го прогласи за цар. Тоа засекогаш ќе ги определи оние што до сега биле нерешителни. На Јуда би му се припишувале заслугите што го довел Царот на Давидовиот престол. Ова дело би му обезбедило прво место во новото царство, веднаш до Христа. (продолжува)