(продолжува од претходниот ден) Додека учениците сè уште зачудено гледале горе, слушнале гласови што звучеле како најраскошна музика. Се свртиле и виделе двајца ангели во човечка лика кои им проговориле: „Луѓе Галилејци, зошто стоите и гледате во небото? Овој Исус, кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде така како што го видовте да оди на небото.“
Овие ангели му припаѓале на друштвото кое чекало во сјајниот облак да го придружува Исуса до неговиот небесен дом. Овие двајца ангели биле највозвишени во ангелското мноштво. Тие дошле на гробот при Христовото воскресение и биле со него во текот на целокупниот негов живот на земјата. Со топла желба цело небо го очекувало крајот на неговото задржување на светот понижен со проклетството на гревот. Настапило времето сега вселената да го прими својот Цар. Зар овие двајца ангели не копнееле да му се придружат на мноштвото што го поздравувало Исуса со добредојде? Но во своето сочувство и љубов кон учениците што Тој ги оставил, тие почекале да ги утешат. „Не се ли сите тие прислужнички духови пратени да им служат на оние кои ќе наследат спасение?“ (Евреите 1,14).
Христос се вознел на небото во човечка лика. Учениците го виделе облакот што го прифатил. Истиот Исус кој одел, зборувал и се молел со нив, кој кршел леб со нив, кој бил со нив во нивните чамци на езерото и кој истиот тој ден се мачел со нив искачувајќи се до врвот на Маслинската гора истиот тој Исус сега отишол да го дели престолот со својот Отец. Ангелите ги уверувале дека истиот Оној што го виделе како си заминува на небото, исто така ќе дојде повторно како што се вознел. Тој ќе дојде „во придружба на облаци и ќе го види секое око“. „Зашто сам Господ ќе слезе од небото, на заповед, со глас на архангел и со Божја труба, и мртвите во Христа ќе воскреснат први.“ „Кога Синот човечки ќе дојде во својата слава и сите ангели со него, тогаш ќе седне на престолот на славата“ (Откровение 1,7; 1. Солуњаните 4,16; Матеј 25,31). Така ќе се исполни Господовото ветување што им го дал на своите ученици: „А кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам кај себе, за да бидете и вие таму каде што сум јас“ (Јован 14,3). Учениците навистина можеле да се радуваат со надеж дека нивниот Господ повторно ќе дојде.
Кога учениците се вратиле во Ерусалим, луѓето ги набљудувале со чудење. По Христовото судење и распнување, се сметало дека тие ќе бидат столчени и усрамени. Нивните непријатели очекувале на нивното лице да видат израз на жалост и пораз. Наместо тоа, се видела радост и победа. Нивните лица биле озарени од среќа не со земно потекло. Не тагувале над неостварените надежи, туку во полнота го славеле и му благодареле на Бога. Со радост раскажувале за величествениот настан, за Христовото воскресение и за неговото вознесение на небото, а нивното сведоштво мнозина го прифатиле.
Учениците не гледале веќе во иднината со недоверба. Знаеле дека Исус е на небесата и дека неговата наклоност е насочена кон нив. Знаеле дека имаат Пријател пред Божјиот престол и топло сакале своите барања пред Отецот да ги изнесат во Исусово име. Со свечена страхопочит се поклониле во молитва, повторувајќи го цврсто ветувањето: „Што и да побарате од Отецот во мое име, ќе ви даде. Досега ништо не баравте во мое име; барајте и ќе добиете, за вашата радост да биде целосна“ (Јован 16,23.24). Ја подавале раката со вера сè повисоко, цврсто уверени: „Исус Христос умре, но и воскресна, кој е од десната страна на Бога и кој се зазема за нас“ (Римјаните 8,34). Педесетница им донела полнота на радост во појавата на Утешителот токму онака како што ветил Христос.
Цело небо чекало да го поздрави Спасителот со добре дојде во небесните дворови. Додека се вознесувал, одел напред, а по него мноштво заробеници ослободени при неговото воскресение. Радосната поворка ја придружувала небесна војска со триумфални извици на слава и со небесни песни.
Кога се приближиле до Божјиот град, ангелите од придружбата пратиле повик:
„Порти, подигнтете ги надвратниците свои!
Врати исконски, подигнете се,
Царот на славата да влезе!“
Радосно одговорила стражата што чекала:
“Кој е тој Цар на славата?“ (продлжува)