(продолжува од претходниот ден) Кога го видел Исуса подигнат на крст, Никодим се сетил за неговите зборови изговорени ноќ та на Маслинската гора: „Како Мојсеј што подигна змија во пустината, така мора да биде подигнат Синот човечки, за секој што верува во него да има живот вечен“ (Јован 3,14.15). Таа сабота, додека Христос лежел в гроб, Никодим имал можност да размислува. Сега неговиот ум го осветлила појасна светлина, па зборовите што му ги изговорил Исус не биле повеќе таинствени. Чувствувал дека многу загубил што не се поврзал со Спасителот во текот на неговиот живот. Сега си спомнувал за настаните од Голгота. Христовата молитва за оние што го распнале и неговиот одговор на молбата на разбојникот што умирал му зборувале на срцето на овој учен советник. Повторно го набљудувал Спасителот во неговата агонија и пак го чул тој последен извик „Се сврши“, изговорен како извик на победник. Повторно ја набљудувал земјата како се лула, затемнетото небо, раскинатата завеса, скршените карпи, и неговата вера засекогаш се утврдила. Истиот настан, што ги уништил надежите на учениците, ги осведочил Јосифа и Никодима во Исусовото божество. Нивните стравувања ги совладала храброста на нивната цврста и непоколеблива вера.
Никогаш Христос не го привлекол во толкава мера вниманието на мноштвото како сега кога е положен в гроб. Луѓето, како и обично, ги доведувале своите болни и неволници во предворјето на храмот, распрашувајќи се: Кој може да ни каже нешто за Исуса од Назарет? Мнозина дошле од далеку да го најдат Оној што ги лекувал болните и ги воскреснувал мртвите. Од сите страни се слушал извикот: Го бараме Христа Исцелителот! Свештениците во оваа пригода ги прегледале оние за кои се мислело дека покажуваат знаци на лепра. Мнозина морале да чујат дека нивните мажи, жени или деца се прогласени за лепрозни и осудени да ја напуштат сигурноста на својот дом и наклоноста на своите пријатели, за од далеку да ги предупредуваат поминувачите со болниот извик: „Нечист, нечист!“ Пријателските раце на Исуса од Назарет, кои никогаш не одбивале со допир да ја исцелат одвратната лепра, сега биле прекрстени на неговите гради. Усните, кои на неговата молба одговарале со утешните зборови: „Сакам, исчисти се!“ (Матеј 8,3), сега биле неми. Мнозина напразно им се обраќале на првосвештениците и поглаварите за сочувство и олеснение. Било очигледно дека решително сакале пак да го имаат Христа жив во својата средина. Упорно и ревно се распрашувале за него. Не сакале да си одат. Меѓутоа, ги истерале од предворјето на храмот и на капиите поставиле војници да го враќаат мноштвото што барало да влезе со своите болни и со оние што умираат.
Неволниците што дошле Спасителот да ги исцели се разочарале и се обесхрабриле. Улиците биле исполнети со лелеци. Болните умирале поради недостиг од исцелувачкиот допир на Исуса. Напразно барале совет од лекарите; никој немал таква сила како Оној што лежел во гробот на Јосифа.
Тажните извици на страдалниците уверливо им сведочеле на илјадници дека исчезнала голема светлина од овој свет. Без Христа земјата станала мрак и темнина. Мнозина, чиишто гласови се слеале со извикот: „Распни го, распни!“, сега ја сфатиле несреќата што се урнала врз нив, па кога Тој би бил уште жив, исто толку ревно би викале: Пушти ни го Исуса!
Кога луѓето дознале дека свештениците го погубиле Исуса, се распрашувале за неговата смрт. Подробностите за неговото судење се држани во најдлабока тајност, но за време додека се наоѓал во гробот, неговото име не слегувало од илјадници усни, а извештаите за неговото срамно судење и за нечовечноста на свештениците и поглаварите кружеле насекаде. Умните луѓе ги повикале овие свештеници и поглавари да ги објаснат пророштвата на Стариот завет за Месија, и додека тие се обидувале да смислат некоја лага како одговор, се збуниле. Не можеле да ги објаснат пророштвата што укажувале на Христовите страдања и смрт, па мнозина од оние што се распрашувале се осведочиле дека светите списи се исполниле. (продолжува)