(продолжува од претходниот ден) Ниеден друг живот не бил во толкава мера исполнет со труд и со одговорност како што бил Исусовиот живот; па сепак, колку често го затекнувале на молитва! Колку постојана била неговата заедница со Бога!
Во историјата на неговиот земен живот постојано се повторуваат забелешките како што се овие: „А изутрината, додека уште беше темно, стана, излезе и отиде на пусто место, и таму се молеше.“ „Големо мноштво народ се собираше да го слуша и да се исцелува од своите болести. А Тој се повлекуваше на осамени места и се молеше на Бога.“ „Во тоа време отиде Исус на гора да се моли. Таму помина цела ноќ молејќи го Бога“ (Марко 1,35; Лука 5,15.16; 6,12).
Во животот што исцело му бил посветен за добро на другите, Спасителот сметал дека е неопходно да се повлече од прометните патишта и од мноштвото што постојано го следело. Тој морал да се повлече од животот на постојана работа и допир со човечките потреби, да побара мир и нераскинлива заедница со својот Отец. Како и секој од нас, како учесник во нашите потреби и слабости, бил наполно зависен од Бога и на тајно место во молитва барал божествена сила за да може да појде засилен за должностите и пробите. Во грешниот свет Исус издржал борби и душевни страдања. Во заедница со Бога можел да го симне товарот на болката што го притискал. Тука наоѓал утеха и радост.
Во Христа криците на човечкиот род допреле до Отецот на бесконечната милост. Како човек упатувал молитви кон Божјиот престол, додека неговата човечка природа не се исполнила со струја на небесна сила што треба да го поврзува човечкото и божественото. Со постојана врска примал живот од Бога за да може да му даде живот на светот. Неговото искуство мора да стане и наше искуство.
„Дојдете вие насамо“ нè повикува Тој. Ако го послушаме, ќе станеме посилни и покорисни. Апостолите го барале Исуса и му раскажале сè, а Тој ги храбрел и ги поучувал. Кога денеска би изделиле време да одиме кај Исуса и да му ги кажеме сите наши потреби, не би биле разочарани; Тој би се нашол на десната страна до нас да ни помогне. Нам ни е потребна повеќе едноставност, повеќе доверба и потпирање врз нашиот Спасител. Тој, чиешто име е „Бог силен, Отец вечен, Кнез мироносен“; Тој, за кого е напишано дека „на рамото носи власт“, е Красен, Советник. Повикани сме да бараме мудрост од него. Тој „на сите им дава изобилно и без прекор“ (Исаија 9,6; Јаков 1,5).
Само тие што ги воспитува Бог мора да откријат живот што не е во сообразност со светот, со неговите обичаи и постапки; и секој треба да има лично искуство со кое се здобива со знаење за Божјата волја. Ние мораме лично да го чуеме Бога како му зборува на срцето. Кога ќе стивне секој друг глас и кога во мир чекаме пред него, тишината на душата Божјиот глас го прави поразбирлив. Тој ни заповеда: „Занемете и познајте дека јас сум Бог“ (Псалм 46,10). Само тука може да се најде вистински спокој. Тоа е најуспешна подготовка за сите што работат за Бога. Среде раздвиженото мноштво и напорот на силното животно дејствување, душата што се освежила на овој начин ќе биде опкружена со атмосфера на светлина и мир. Животот ќе дише со мирис и ќе ја открива божествената сила што ќе допре до човечките срца.