Дошло време Христос да се вознесе до престолот на Отецот. Како божествен победник, се приготвувал да се врати во небесните дворови со знаменитостите на својата победа. Пред својата смрт му изјавил на својот Отец: „Ја свршив работата што ми ја даде да ја свршам“ (Јован 17,4). По своето воскресение извесно време останал на земјата за неговите ученици да можат да се запознаат со него во неговото воскреснато и прославено тело. Сега бил готов за разделба. Ја докажал веродостојноста на фактот дека Тој е жив Спасител. Неговите ученици немаат повеќе потреба да го поврзуваат со гробот. Тие за него можат да мислат како за прославен пред целата вселена.
Како место за своето вознесение Исус го избрал местото што често било посветено со неговото присуство додека престојувал меѓу луѓето. Со тоа не требало да биде почестена гората Сион, местото на Давидовиот град, ниту гората Морија, на која се наоѓал храмот. Овде Христа го исмевале и го отфрлиле. Овде брановите на милоста, враќајќи се во многу посилна плима на љубов, се одбивале од срцата што биле тврди како карпа. Оттаму Исус, уморен и со тешко срце, отишол понатаму да бара одмор на Маслинската гора. Светата шекина, напуштајќи го првиот храм, стоела на источната гора како да се колебала да го напушти избраниот град; така и Христос стоел на Маслинската гора, со копнеж во срцето, и го набљудувал Ерусалим. Шумичките и долинките на оваа гора биле посветени со неговите молитви и солзи. Од нејзините брегови се одгласувале победоносните извици на мноштвото што го прогласило за цар. На нејзините коси падини нашол дом кај Лазара во Витанија. Во Гетсиманската градина, на нејзиното подножје, сам се молел и страдал. Од оваа гора требало да се вознесе на небото. Нејзиниот врв ќе ја допре неговата нога кога повторно ќе се врати. Не како човек на болката, туку како славен и победнички цар ќе стои на Маслинската гора, додека еврејските извици „Алилуја“ ќе се мешаат со незнабожечкото „Осана“, и гласовите на спасените како силни војски ќе се слеат во извикот: Крунисајте го Господарот над господарите!
Сега Исус со единаесеттемина ученици се упатил кон гората. Додека поминувале низ ерусалимската капија, многу зачудени погледи го набљудувале малечкото друштво предводено од Оној кој пред неколку седмици поглаварите го осудиле и го распнале. Учениците не знаеле дека тоа била нивна последна средба со Учителот. Исус го поминувал времето во разговор со нив, повторувајќи ги своите поранешни упатства. Кога се приближиле до Гетсиманија, се запрел за да можат да се сетат за поуките што им ги дал ноќта пред својата претсмртна борба. Повторно ги погледнал лозата и прачката со чија помош тогаш го прикажал единството на својата Црква со себе и со својот Отец; пак ги повторил вистините што им ги изнесувал тогаш. Насекаде околу него се наоѓале докази што потсетувале на неговата невозвратена љубов. Дури и учениците, кои му биле толку мили, во мигот на неговото понижување го осрамотиле и го напуштиле.
Христос престојувал на овој свет триесет и три години. Тој од него поднел презир, навреди и потсмев; бил отфрлен и распнат. Сега, кога се приготвувал да се вознесе на својот славен престол разгледувајќи ја неблагодарноста на народот што дошол да го спаси дали ќе го повлече од нив своето сочувство и љубов? Дали неговата љубов ќе се сосредоточи на она царство во кое го ценат и во кое безгрешните ангели чекаат да го извршат неговиот налог? Не, неговото ветување, дадено на оние што ги сака и што ги остава на земјата, гласи: „Јас сум со вас во сите дни до крајот на светот“ (Матеј 28,20).
Кога стигнале на Маслинската гора, Исус пошол по патот преку нејзиниот врв кон Витанија. Овде застанал, а учениците се собрале околу него. Додека ги набљудувал со љубов, од неговото лице како да светеле зраци на светлина. Не ги осудувал за нивните грешки и промашувања, туку последните зборови што потекле од усните на нивниот Господ до нивните уши биле зборови на најдлабока нежност. Со рацете подадени да благословат и како да ги уверува во својата заштитничка грижа, полека се издигнувал меѓу нив, привлечен кон небото со сила појака од која и да е земна привлечна сила. Додека се издигнувал, учениците, проникнати со страхопочит, гледале напрегајќи ги очите да ја фатат последната сцена на Господа кој се вознесувал. Од нивниот поглед го засолнил славен облак и, додека го прифаќала ангелска кочија слична на облак, до нив допирале зборовите: „Еве, јас сум со вас во сите дни до крајот на светот.“ Истовремено до нив допирала најмилна и најрадосна музика на ангелски хор. (продолжува)