(продолжува од претходниот ден) Не сакале да се покаат. Знаеле дека Христос покажал сочувство кон сиромасите. Знаеле дека биле виновни за уценување при работењето со народот. Го мразеле Христа затоа што ги знаел нивните мисли. Тој јавно ги покарал и тоа значело понижување на нивната гордост и му завидувале што неговото влијание врз народот сè повеќе расте. Решиле да го прашаат за силата со која ги истерал и кој му ја дал таа сила.
Полека и претпазливо, но со омраза во срцето, се вратиле во храмот. Меѓутоа, каква промена настапила за време на нивното отсуство! Кога побегнале, останале сиромасите, и тие сега го посматрале Исуса чиешто лице покажувало љубов и сочувство. Со солзи во очите им зборувал на исплашените луѓе околу себе: Не плаши се, јас ќе те избавам, а ти ќе ме славиш. Јас за тоа дојдов на овој свет.
Народот се тискал околу Христа, со итни, трогателни повици: Учителе, благослови ме. Неговото уво слушало секој вик. Со сожалување што го надминува сожалувањето на една нежна мајка, Тој се наведнувал над малечките што страдале. На сите им посветувал внимание. Секој бил исцелен без оглед од која болест боледувал. Немите со фалба ги отвориле усните; слепите го гледале лицето на својот Исцелител. Срцата на оние што страдале станале радосни.
Додека свештениците и службениците на храмот го посматрале ова големо дело, какво откровение за нив биле гласовите што ги слушале! Луѓето раскажувале за страдањата што ги поднесувале, за неисполнетите надежи, за болните денови и за бессоните ноќи. Кога изгледало дека згаснала и последната искра на надеж, Христос ги исцелил. „Товарот беше толку тежок“, сведочел еден, „но го најдов Оној што ми помогна. Тој е Христос Божји, и јас ќе го посветам мојот живот во негова служба.“ Родителите им велеле на своите деца: „Тој ви го спаси животот, подигнете ги гласовите и славете го него.“ Гласовите на децата и младите, на татковците и мајките, на пријателите и посматрачите, се слеале во благодарност и славење. Нивните срца ги исполнувале надеж и радост. Во нивниот ум завладеал мир. Им биле исцелени и душата и телото и тие се вратиле дома објавувајќи ја насекаде неспоредливата Исусова љубов.
При Христовото распнување, оние што доживеале такво исцелување не ѝ се придружиле на толпата што викала: „Распни го, распни го!“ Тие сочувствувале со Исуса, зашто го почувствувале неговото силно сочувство и неговата чудесна сила. Знаеле дека Тој е нивни Спасител, зашто им подарил здравје и на телото и на душата. Го слушале проповедањето на апостолите и Божјата реч, што влегла во нивните срца, им подарила разбирање. Станале посредници на Божјата милост и орудија на неговото спасение.
Мноштвото што побегнало од предворјето на храмот, по извесно врме полека се вратило. Делумно се прибрале од стравот што ги обзел, но лицата сè уште им изразувале нерешителност и плашливост. Тие со восхит ги посматрале Исусовите дела, уверени дека во него се исполниле пророштвата за Месија. Гревот за обесветување на храмот во голема мера почивал врз свештениците. Под нивно влијание предворјето е претворено во пазариште. Во споредба со нив, народот бил невин. Врз него Исусовиот божествен авторитет оставил впечаток, но впечатокот на свештениците и поглаварите бил многу поголем. Тие Исусовата служба ја сметале како новина и му го оспорувале правото да се меша во она што било домен на црковната власт. Биле навредени поради прекинувањето на трговијата и се оглушувале на повиците на Светиот Дух.
Свештениците и поглаварите, пред сите други, требало во Исуса да го препознаат Помазаникот Господов, зашто светите списи што ја опишувале неговата мисија се наоѓале во нивни раце и затоа што знаеле дека исчистувањето на храмот било доказ за нешто поголемо од човечка сила. Иако многу го мразеле Исуса, тие не можеле да се ослободат од помислата дека постои можност Тој да е пророк пратен од Бога, да ја обнови светоста на храмот. Со почит што произлегла од овој страв, дошле кај него со прашањето: „Со каков знак ни докажуваш дека смееш да го правиш ова?“
Исус им покажал знак. Во светлината што засветила во нивните срца и со делата што ги сторил пред нив, а што требало да ги стори Месија, им дал уверливи докази за својот карактер. Сега, кога тие барале знак, Тој им одговорил со споредба, покажувајќи дека ја чита нивната лоша намера и гледа до каде таа ќе ги одведе. „Урнете го овој храм“, рекол, „и за три дена пак ќе го подигнам.“
Овие негови зборови имале двојно значење. Тој не зборувал само за разурнувањето на еврејскиот храм и на богослужението, туку и за својата смрт за разурнувањето на храмот на своето тело. Евреите за ова веќе ковеле заговор. Кога свештениците и главарите се вратиле во храмот, предложиле да го убијат Исуса и на тој начин да се ослободат од Оној што им создава тешкотии. Сепак, кога ги соочил со нивната сопствена намера, не го разбрале. Сметале дека неговите зборови се однесуваат само на храмот во Ерусалим, и со негодување извикнале: „Овој храм е граден четириесет и шест години, а ти ќе го подигнеш за три дена?“ Чувствувале дека Исус сега го оправдал нивното неверување и тоа ги утврдило во решеноста да го отфрлат. (продолжува)