(продолжува од претходниот ден) Првите ученици тргнале да ја проповедаат речта. Го откривале Христа со својот живот. А и Господ работел со нив, „ја помагаше и ја потврдуваше нивната реч со чудотворни знаци коишто ја следеа“ (Марко 16,20). Овие ученици се приготвувале за својата работа. Пред денот Педесетница се состанале и ги отстраниле сите недоразбирања. Биле еднодушни. Верувале во Христовото ветување дека ќе им се даде благослов, па се молеле со вера. Не го барале благословот само за себе; нив ги притискал товар за спасување на душите. Евангелието требало да се однесе до најоддалечените краишта на земјата, и затоа го барале дарот, силата што ја ветил Христос. Тогаш се излеал Светиот Дух и илјадници се обратиле во еден ден.
Истото тоа може да се случи и денеска. Наместо човечки размислувања, нека се проповеда Божјата реч. Христијаните нека ги отфрлат своите несогласија и нека му се предадат на Бога за спасување на загубените. Со вера нека го бараат благословот и тој ќе дојде. Излевањето на Духот во времето на апостолите било „ран дожд“ и успехот бил славен. Но „позниот дожд ќе биде многу пообилен“ (Јоил 2,23).
Сите што ќе му ги посветат душата, телото и духот на Бога, постојано ќе добиваат нови дарови на телесна и умна сила. На располагање им стојат неисцрпните небесни извори. Христос им дава здив од својот дух, живот од својот живот. Светиот Дух ги дава своите најдобри сили да работат во срцето и во умот. Божјата милост ги проширува и ги умножува нивните способности и во делото на спасувањето на човечките суштества им се придружува сето совршенство на божествената природа. Соработувајќи со Христа, тие се совршени во него и оспособени во својата човечка слабост да прават дела на Семожниот.
Спасителот копнее да ја открие својата милост кон светот и да го проникне со својот карактер. Тој е негова откупена сопственост и сака луѓето да ги направи слободни, чисти и свети. Иако сатаната настојува да ја спречи оваа намера, сепак, со крвта пролеана за светот ќе се извојуваат многу победи што ќе му донесат слава на Бога и на Јагнето. Христос нема да биде задоволен сè додека победата не биде целосна и додека не „се насити со нејзиното спознание“ (Исаија 53,11). Сите народи на земјата треба да го чујат евангелието за неговата милост. Нема сите да ја примат неговата милост, „но потомството ќе му служи, и за Господа ќе им се кажува на идните поколенија“ (Псалм 22,30). „А царството, власта и величеството под небесата ќе му се дадат на народот на светите на Севишниот“, зашто „земјата ќе биде полна со знаење за Господа како морето што е полно со вода“. „До запад ќе се бојат од името Господово, и од славата негова до сончевиот изгрев“ (Даниел 7,27; Исаија 11,9; 59,19).
„Колку се красни на горите нозете на оној што носи радосни гласови, кој огласува мир; на оној што носи добри вести, кој навестува спасение; на оној што му вели на Сион: ‘Бог твој царува… Радувајте се, ликувајте, урнатини… зашто Господ го утеши својот народ… Ја засука Господ својата света мишка пред очите на сите народи, за сите земни краишта да го видат спасението на нашиот Бог’“ (Исаија 52,7-10).