(продолжува од претходниот ден) Сепак, свештениците и поглаварите немале мир. Ја постигнале целта со тоа што го убиле Христа, но тие не го доживеале чувството на победа што го очекувале. Дури и во мигот на нивната очигледна победа, ги мачела неизвесност што ќе се случи потоа. Го чуле извикот „Се сврши!“ „Оче, во рацете твои го предавам мојот дух“ (Јован 19,30; Лука 23,46). Неспокојни и загрижени виделе како се кршат карпите и го почувствувале силниот земјотрес.
Додека бил жив, му завидувале на Христа за влијанието што го имал среде народот, а му завидувале дури и во смртта. Повеќе се плашеле од Христа мртов, многу повеќе отколку што кога и да е се плашеле од него жив. Се плашеле дека вниманието на народот премногу го насочиле кон настаните што го придружувале Христовото распнување. Се плашеле од последиците на она што го сториле тој ден. Во никој случај не сакале неговото тело да остане на крстот во текот на саботата. Саботата се приближувала, а телата што виселе на крст би ја осквернувале нејзината светост. Така, користејќи го ова како изговор, еврејските водачи барале од Пилата да се забрза смртта на овие жртви и нивните тела да се симнат пред да зајде сонцето.
Пилат не бил расположен, како ни тие, Исусовото тело да остане на крстот. Кога добиле негова согласност, војниците им ги скршиле нозете на двајцата разбојници за да ја забрзаат нивната смрт, но, како што утврдиле, Исус веќе бил мртов. Суровите војници биле трогнати од она што го чуле и што го виделе од Христа и затоа се воздржале не ги скршиле неговите нозе. Така во жртвувањето на Божјето Јагне се исполнил пасхалниот закон: „Нека не кршат ниту една коска на неа. Нека ја слават според прописите за Пасха“ (4. Мојсеева 9,12).
Свештениците и поглаварите се изненадиле кога утврдиле дека Христос е мртов. Умирањето на крст траело долго; тешко било да се одреди кога животот престанал. Никогаш не се чуло човек да умре шест часа по распнувањето. Свештениците сакале да бидат сигурни дека Исус умрел и по нивни совет еден војник го пробол Христа со копје меѓу ребрата. Од раната што била создадена потекле два обилни и различни млаза едниот крв, а другиот вода.
Тоа го забележале сите набљудувачи и Јован мошне сигурно го опишува овој настан. Тој вели: „Еден од војниците го прободе со копје меѓу ребрата, и веднаш потече крв и вода. Оној што сè виде, посведочи, а неговото сведоштво е веродостојно и тој знае дека ја зборува вистината, за и вие да поверувате. Имено, сето ова се случи за да се исполни Писмото: ‘Негова коска нема да биде скршена.’ А на друго место Писмото вели: ‘Ќе гледаат на Оној кого го прободоа’“ (Јован 19,34-37).
По воскресението свештениците и поглаварите пронесувале глас дека Христос не умрел на крстот, дека само се онесвестил и потоа оживеал. Друга вест тврдела дека телото што е положено в гроб не било вистинско тело од месо и коски, туку само нешто слично на тело.
Постапката на римските војници ги побива овие невистини. Тие не ги скршиле неговите нозе затоа што веќе бил мртов. За да ги задоволат свештениците, му ги проболе ребрата. Кога животот веќе не би бил згаснат, оваа рана би предизвикала моментална смрт. (продолжува)