(продолжува од претходниот ден) Мнозинството луѓе во Христово време празнувањето на овој празник го свеле на формализам. Но какво значење имал овој празник за Божјиот Син!

Првпат детето Исус го набљудувало храмот. Ги видел свештениците облечени во бела облека како ја вршат својата свечена служба. Ја гледал жртвата што крвавела како лежи на жртвениот олтар. Додека се издигнувал облак од темјан пред Бога, Тој се наведнал во молитва со другите поклоници. Бил сведок на впечатливиот обред на пасхалната служба. Од ден на ден, сè појасно го согледувал нивното значење. Секој чин како да бил поврзан со неговиот живот. Во него се буделе нови стремежи. Тивок и задлабочен во мислите, се чинело како да проучува некој голем проблем. На Спасителот му се откривала тајната на неговата мисија.

Окупиран со размислување за овие сцени, не останал покрај своите родители. Сакал да биде сам. Кога завршиле пасхалните служби, и понатаму се задржал во предворјето на храмот, па кога поклониците го напуштиле Ерусалим, Тој останал.

Со оваа посета на Ерусалим родителите сакале да го доведат Исуса во допир со големите учители во Израел. Од една страна, во секоја подробност  ѝ бил послушен на Божјата реч, а од друга, не се прилагодил кон рабинските обреди и обичаи. Јосиф и Марија се надевале дека Тој ќе биде поттикнат да покаже повеќе почит кон учените рабини и дека многу поподготвено ќе ги прифати нивните барања. Меѓутоа, Бог во храмот го поучил Исуса. Она што го примил, веднаш почнал и да го дели.

Во тоа време една просторија, поврзана со храмот, била изделена за света школа според примерот на пророчките школи. Тука се собирале водечките рабини со своите ученици, и тука дошло момчето Исус. Заземајќи место крај нозете на овие сериозни, учени луѓе, ги слушал нивните поуки. Како оној што копнее за мудрост, на овие учители им поставувал прашања за пророштвата и за настаните што се одигрувале тогаш и укажувале на доаѓањето на Месија.

Исус се претставил како оној кој е жеден за знаење за Бога. Неговите прашања упатувале на длабоките вистини што долго биле замаглени, а што сепак биле од животно значење за спасението на душите. Секое прашање изнесувало пред нив една божествена поука, а вистината ја ставало во нов однос, покажувајќи колку е плитка и површна мудроста на овие мудри луѓе. Рабините зборувале за чудесниот подем што ќе му го донесе Месија со своето доаѓање на еврејскиот народ, но Исус го изнел пророштвото на Исаија и ги прашал за значењето на тие списи што укажуваат на страдањата и на смртта на Божјето Јагне.

Овие учени луѓе му се обратиле со прашања и биле восхитени со неговите одговори. Со детска понизност ги повторувал зборовите од Писмото, откривајќи им ја длабината на значењето што на овие мудри луѓе никогаш не им дошло на ум. Кога би ги следеле овие патокази на вистината што ги истакнал Тој, тие би предизвикале реформација во тогашната религија. Би се јавил длабок интерес за духовните вистини и кога Исус би ја почнал својата служба, мнозина би биле подготвени да го прифатат.

Рабините знаеле дека Исус не бил поучуван во нивните школи, а сепак неговото разбирање на пророштвата далеку го надминувало нивното знаење. Тие сфатиле дека ова мисловно галилејско Момче многу ветува. Посакале да го придобијат за свој ученик, да стане учител во Израел. Сакале да го преземат на себе неговото воспитување, чувствувајќи дека толку блескавиот ум мора да го обликуваат лично тие.

Исусовите зборови ги поттикнале нивните срца онака како никогаш што не биле поттикнати со зборови од човечки усни. Бог сакал да им даде светлина на овие водачи во Израел и Тој го употребил единственото средство со кое можел да допре до нив. Нивната горделивост и достоинство не им дозволувале да признаат дека можат да примат поуки од кого било. Кога Исус би се појавил и би се обидел да ги учи, тие горделиво би одбиле да слушаат. Самите себеси си ласкале дека го поучувале него или, во најмала рака, го проверувале неговото познавање на Писмото. Исусовата младешка скромност и милност ги распрскале нивните предрасуди. Несвесно нивните умови се отвориле за Божјата реч и на нивните срца им зборувал Светиот Дух.

Тие морале да увидат дека нивното очекување на Месија не се темели на пророштвата, но не сакале да се откажат од своите теории кои го скокоткале нивното честољубие. Никогаш не би признале дека погрешно ги сфатиле Писмата, сметајќи се за нивни толкувачи. Од еден до друг кружело прашањето: „Од каде има олку големо знаење ­ кога никогаш не учел?“ Светлината светела во темнина, и „темнината не ја обзеде“ (Јован 1,5).

Pin It on Pinterest