ВОСПИТУВАЊЕ

Нашите претстави за воспитувањето се премногу ограничени и со ниски дострели. Треба да имаме поширок поглед и да си поставиме повисока цел. Вистинското воспитување подразбира повеќе отколку самосовладување на одредена наставна програма. Тоа е повеќе од подготовка за сегашниот живот. Тоа се занимава со целото човеково битие и се однесува на целокупниот период на неговото постоење. Воспитување значи хармонично развивање на телесните, душевните и духовните сили. Тоа го подготвува ученикот за радосна служба во овој и за повозвишена и порадосна служба во светот што ќе дојде. Изворот на таквото воспитување е истакнат во зборовитe на Светото писмо кои укажуваат на Бесконечниот: „Во кого се скриени сите богатства на мудроста и знаењето“ (Колошаните 2,3). „Во Него се советот и разумот“ (Книгата за Јов 12,13).

Светот имал свои големи учители, луѓе со гигантски интелект, кои многу го унапредиле човековото истра­жување, луѓе чии говори ѝ давале поттик на човечката мисла и ги отворале видиците кон нови области на човечкото знаење; овие луѓе биле вреднувани и почитувани како водачи и добротвори на својот народ; но постои Еден кој е повисок од нив. Ние можеме да ја следиме наназад низата од светски учители до каде што допираат човечките извештаи; но Светлината била пред нив. Како што Месечината и планетите на нашиот Сончев систем ја одразуваат сончевата светлина, така и големите мислители, доколку нивното учење е правилно, ги одразуваат зраците на Сонцето на Правдата. Секоја искрена мислата, секој блесок на интелектот потекнуваат од Светлината на светот.

Во наше време многу се зборува за природата и важноста на „повисоко воспитување“. Вистинското „пови­соко воспитување“ го дава Оној во кого се „мудроста и силата“ (Книгата за Јов 12,13) од чија уста „доаѓа знае­њето и разумот“ (Мудри изреки 2,6). Секое вистинско знаење и вистински развој имаат свој извор во познавањето на Бога. Каде и да се свртиме во физичкото, менталното и духовното подрачје, каде и да погледнеме, исклучувајќи ги болните последици од гревот – секаде ни се открива тоа познавање. Со која било гранка на истражување да се занимаваме, со искрена намера да ја дознаеме вистината, ние доаѓаме во допир со невидливиот моќен Ум кој дејствува во сѐ и преку сѐ. Човековиот ум се поврзува со Божјиот, ограничениот со Неограничениот. Непроценливо е влијанието на таквата врска врз телото, умот и душата.

Во оваа врска се наоѓа највисокото воспитување. Тоа е Божјиот метод на развој. „Зближи се со Него“ (Книгата за Јов 22,21) – гласи Неговата порака до човештвото. Методата, опишана со овие зборови, била применета во воспитувањето на таткото на нашиот род. Кога Адам во славата на безгрешната мажевност престојувал во светата Едемска градина, Бог го поучувал на тој начин. За да разбереме што сѐ опфаќа воспитното дело, мораме да ја разгледаме човечката природа и целта што Бог ја имал кога го создал човекот. Исто така, мораме да ја разгледаме и промената на човековата состојба која настанала со познавањето на злото, и планот што Бог го замислил за да може, и покрај тоа, да ја постигне возвишената цел што ја поставил за воспитување на човечкиот род.


Следува содржината на книгата „ВОСПИТУВАЊЕ“

ПРВИ ПРИНЦИПИ
ИЗВОР И ЦЕЛ НА ВИСТИНСКОТО ВОСПИТУВАЊЕ
ШКОЛАТА ВО ЕДЕМ
ПОЗНАВАЊЕ НА ДОБРОТО И ЗЛОТО
ОДНОСОТ НА ВОСПИТУВАЊЕТО КОН ОТКУПУВАЊЕТО

ПРИМЕРИ
ВОСПИТУВАЊЕТО НА ИЗРАЕЛЦИТЕ
ПРОРОЧКИ ШКОЛИ
ЖИВОТОТ НА ГОЛЕМИТЕ ЛУЃЕ

ГОЛЕМИОТ УЧИТЕЛ
УЧИТЕЛ ДОЈДЕН ОД БОГА
ПРИКАЗ НА НЕГОВИТЕ МЕТОДИ

ПОУКИ ОД ПРИРОДАТА
БОГ ВО ПРИРОДАТА
ПОУКИ ОД ЖИВОТОТ
ДРУГИ СЛИКОВИТИ ПОУКИ

БИБЛИЈАТА КАКО ВОСПИТУВАЧ
РАЗВИВАЊЕ НА УМОТ И ДУХОТ
НАУКАТА И БИБЛИЈАТА
ПРИНЦИПИ И МЕТОДИ НА РАБОТЕЊЕ
БИБЛИСКИ БИОГРАФИИ
ПОЕЗИЈАТА И ПЕСНАТА
ТАЈНИТЕ НА БИБЛИЈАТА
ИСТОРИЈАТА И ПРОРОШТВОТО
БИБЛИСКА НАСТАВА И ПРОУЧУВАЊЕ

ФИЗИЧКА КУЛТУРА
ПРОУЧУВАЊЕ НА ФИЗИОЛОГИЈАТА
ВЛАДЕЕЊЕ СО СЕБЕСИ И ДИЕТЕТИКА
РЕКРЕАЦИЈА
ОБУЧУВАЊЕ ЗА РАБОТА

ИЗГРАДБА НА КАРАКТЕРОТ
ОБРАЗОВАНИЕТО И КАРАКТЕРОТ
МЕТОДИ НА ПОУЧУВАЊЕ
ОДНЕСУВАЊЕ
ОБЛЕКУВАЊЕ И ВОСПИТУВАЊЕ
ДЕНОТ ЗА ОДМОР
ВЕРА И МОЛИТВА
ЖИВОТНО ДЕЛО

ПРВИ УЧИТЕЛИ
ПОДГОТОВКА
ЗАЕДНИЧКА РАБОТА
ДИСЦИПЛИНА

ПОВОЗВИШЕНО ВОСПИТУВАЊЕ
ШКОЛА ВО ВЕЧНОСТА

СОДРЖИНА

 

Pin It on Pinterest