ГОЛЕМАТА БОРБА
Просветлен со помош на Светиот Дух, на писателот на оваа книга му се откриени сцените на долгата борба меѓу доброто и злото. Повеќепати му беше овозможено да ги посматра сцените на страшната борба меѓу Христа, Кнезот на животот, Творецот на нашето спасение, и сатаната, кнезот на злото, причинителот на гревот и првиот престапник на Божјиот закон. Истото непријателство што го покажал сатаната кон Христа, го покажал и кон Христовите следбеници. Во текот на целата историја на човештвото се забележува истата омраза на сатаната кон начелата на Божјиот закон, истата теорија на лага што оди кон тоа заблудата да ја прикаже како вистина, човечките закони како Божји закони, обожавањето на природата како обожавање на Творецот. Низ сите векови сатаната се трудел погрешно да го претстави Божјиот карактер со цел луѓето да имаат погрешен поим за Бога и да се плашат од него, дури и да го мразат, наместо да го сакаат; сатаната настојува да го отстрани Божјиот закон за народот да поверува дека е слободен од неговите барања; ги прогонува оние што се осмелуваат да се противат на неговите измами. Сето тоа го гледаме кога ги проучуваме биографиите на патријарсите, на пророците, на мачениците и реформаторите.
Во последната жестока битка од големата борба сатаната ќе се послужи со истата тактика, ќе покаже ист дух и ќе се стреми кон иста цел како и во сите векови во минатото. Стапиците на сатаната ќе бидат полукави и неговите напади порешителни. Ќе настојува да ги прелаже, ако биде можно, и избраните (Марко 12,22).
Кога Божјиот Дух ми ги откри големите вистини на својата Реч и ми ги покажа сцените од минатото и иднината, заповедано ми е и на другите да им го откријам она што ми е покажано: да ја опишам големата борба во текот на вековите и да ја прикажам така за таа да ја расветли и идната битка што се приближува. Настојувајќи да ја постигнам таа цел, се трудев да ги одберам и да ги поместам настаните од црковната историја на таков начин за да биде прикажан развојот на големите вистини што му биле дадени на светот во различни времиња и да покажам како тие вистини предизвикале гнев кај сатаната и непријателство кај црквата што го сака светот, но се сочувани преку сведоштвото на оние кои „не држеа до својот живот сѐ до смртта”.
Во овие извештаи може да се види сликата на битката што е пред нас. Ако ги посматраме во Божјата реч и расветлени од Светиот Дух, можеме да ги видиме разоткриени стапиците на сатаната и опасностите што треба да ги одбегнуваат оние кои сакаат да бидат „беспрекорни“ кога ќе дојде Спасителот.
Големите настани што го обележиле напредокот на реформацијата во минатите векови се забележани во историјата и добро се познати. Тоа се факти што никој не може да ги негира. Оваа историја ја изнесов накратко, сообразно со целта и обемот на книгава. Фактите концизно се изнесени на толкав број страници колку што е неопходно потребно да се разберат. Во некои случаи, каде што историчарите настаните ги групирале за да ја прикажат суштината на прашањето, или подробностите ги изнеле сообразно со планот на ова дело, јас ги цитирав нивните зборови; но, во некои случаи не ги цитирав изворите, зашто цитатите не се наведени за да ги истакнат писателите како авторитет, туку затоа што нивните зборови овозможуваа јасен и убедлив приказ на предметот. Следејќи го искуството и погледите на оние што ја унапредуваа реформата во нашето време, слично постапив и јас, користејќи примери од нивните објавени дела.
Целта на оваа книга не е толку да изнесе нови вистини за борбата на минатите векови, туку да ги истакне фактите и начелата што можат да бидат значајни за идните настани. Посматрани како дел на борбата меѓу силите на светлината и силите на темнината, овие извештаи од минатото добиваат ново значење. Од нив излегува светлина што ја осветлува иднината и патот на Божјите деца кои се повикани, како некогаш реформаторите, да сведочат за Божјата реч и за Исусовото сведоштво, дури и во опасност да го загубат сето земно богатство.
Целта на оваа книга е да ги прикаже сцените на големата борба меѓу вистината и заблудата; да ги открие измамите на сатаната и средствата со кои можеме успешно да му се противставиме; да даде вистинско решение за големиот проблем на злото; да го расветли потеклото и крајот на гревот и тоа на таков начин за да се види праведноста и благоста на Бога во сите негови постапки кон неговите созданија; и најпосле, да ја покаже светоста и непроменливоста на Божјиот закон. А искрена молитва на писателот е оваа книга да помогне душите да се спасат од силите на темнината и да „учествуваат во наследството на светите“, на слава на Оној кој нѐ љубел и себеси се предал за нас.
Следува содржината на книгата „ГОЛЕМАТА БОРБА“
УВОД
1. РАЗУРНУВАЊЕТО НА ЕРУСАЛИМ
2. ПРОГОНСТВАТА ВО ПРВИТЕ ВЕКОВИ
3. ЕРА НА ДУХОВНА ТЕМНИНА
4. ВАЛДЕНЖАНИТЕ
5. ЏОН ВИКЛИФ
6. ХУС И ЈЕРОНИМ
7. ЛУТЕР ГО НАПУШТА РИМ
8. ЛУТЕР ПРЕД ДРЖАВНИОТ СОБОР
9. ШВАЈЦАРСКИ РЕФОРМАТОР
10. НАПРЕДОК НА РЕФОРМАЦИЈАТА ВО ГЕРМАНИЈА
11. ПРОТЕСТ НА КНЕЗОВИТЕ
12. РЕФОРМАЦИЈАТА ВО ФРАНЦИЈА
13. ХОЛАНДИЈА И СКАНДИНАВСКИТЕ ЗЕМЈИ
14. ПОДОЦНЕЖНИ АНГЛИСКИ РЕФОРМАТОРИ
15. БИБЛИЈАТА И ФРАНЦУСКАТА РЕВОЛУЦИЈА
16. ПОБОЖНИ ПАТНИЦИ
17. УТРИНСКИ ПРЕДВЕСНИЦИ
18. ЕДЕН АМЕРИКАНСКИ РЕФОРМАТОР
19. СВЕТЛОСТ ВО ТЕМНИНА
20. ГОЛЕМО ВЕРСКО БУДЕЊЕ
21. ОТФРЛЕНА ОПОМЕНА
22. ИСПОЛНЕТИ ПРОРОШТВА
23. ШТО Е ТОА СВЕТИЛИШТЕ?
24. ВО СВЕТИЊАТА НАД СВЕТИЊИТЕ
25. БОЖЈИОТ НЕПРОМЕНЛИВ ЗАКОН
26. ПРЕТКАЖАНА РЕФОРМА
27. БУДЕЊА ВО ПОНОВО ВРЕМЕ
28. СООЧУВАЊЕ СО ИЗВЕШТАЈОТ ЗА СВОЈОТ ЛИЧЕН ЖИВОТ
29. ПОТЕКЛОТО НА ЗЛОТО
30. НЕПРИЈАТЕЛСТВО МЕЃУ ЧОВЕКОТ И САТАНАТА
31. АКТИВНОСТИТЕ НА ДЕМОНИТЕ
32. СТАПИЦИТЕ НА САТАНАТА
33. ПРВАТА ГОЛЕМА ИЗМАМА
34. МОЖЕМЕ ЛИ ДА РАЗГОВАРАМЕ СО МРТВИТЕ И ТИЕ СО НАС?
35. СЛОБОДАТА НА СОВЕСТА – ЗАГРОЗЕНА!
36. СУДИР КОЈ СЕ ПРИБЛИЖУВА
37. БИБЛИЈАТА – НАША ЗАШТИТА
38. ПОСЛЕДНА ОПОМЕНА
39. ВРЕМЕ НА ГОЛЕМА НЕВОЛЈА
40. БОЖЈИОТ НАРОД ИЗБАВЕН
41. ПУСТОШЕЊЕ НА ЗЕМЈАТА
42. ГОЛЕМАТА БОРБА Е ЗАВРШЕНА
ДОДАТОК
Попис на библиските стихови
ИНДЕКС
СОДРЖИНА