Најголемата потреба на светот е потреба за луѓе кои не можат ниту да се купат ниту да се продадат, луѓе кои во длабината на душата се вистинољубиви и чесни, луѓе кои не се плашат гревот да го наречат со неговото вистинско име, луѓе чијашто совест е верна на должноста како магнетната игла на полот, луѓе кои ќе се придржуваат кон правдата макар и небото да се урне. (Елена Вајт, Воспитување – Education pg. 57)
Прва и најголема должност на секое со разум надарено суштество е од Светото писмо да дознае што е вистина, и тогаш според светлината и да живее, поттикнувајќи и други да појдат по неговиот пример. Библијата секој ден треба трудољубиво да ја проучуваме, одмерувајќи ја секоја изложена мисла и споредувајќи стих со стих. Со Божја помош мораме сами да формираме свое мислење, бидејќи пред Бога сами ќе полагаме сметка.
(Елена Вајт, Големата Борба – Great Controversy pg. 598)
Во Своето Слово, Бог на луѓето им го дал неопходното знаење за спасение. Светите списи на Неговото Слово треба да се прифатат како единствено, авторитативно и непогрешливо откровение на Неговата волја. Тие претставуваат мерило за карактерот, проверка на верското учење и тест за искуството… Божјиот Збор е стандард според кој треба да се мерат сите учења и искуства.
(Елена Вајт, Големата Борба – Great Controversy pg. VII)
Библијата е единственото правило на верата и доктрината. Не е предвидено ништо друго кое може повеќе да го стимулира умот и да го зајакне интелектот, како што е тоа случај со проучувањето на Божјиот Збор… Илјадници луѓе кои служат во проповедањето се во недостаток на суштински квалитети на умот и карактерот, бидејќи не се посветуваат себеси на проучувањето на Светото Писмо.
(Елена Вајт, Преглед и гласник – The Review and Herald, July 17, 1888)
Но Бог сака на Земјата да има народ кој Библијата и само Библијата ќе ја истакнува како единствено мерило за секое учење и како темел за секоја реформа. Ниту мислењата на учените луѓе, ниту научните тврдења, ниту симболите на верата или решенијата на црковните собори, толку многубројни и спротивни како и црквите што ги застапуваат, ниту гласот на мнозинството – ништо од ова, ниту сите заедно, не можат да се сметаат како доказ за или против било која точка на библиската вера. Пред да го примиме било кое учење или пропис, треба да се осведочиме дали тоа е поткрепено со она јасно и посветено начело: “Така зборува Господ.”
(Елена Вајт, Големата борба – Great Controversy pg. 595)
Бог, повеќе од било кој, во својата премудрост знае дека христијаните не се доволно запознати со Библијата, а со самото тоа пред сè не се доволно запознати со Него – со тоа каков е неговиот карактер, каков е неговиот однос кон нас луѓето, која е неговата волја, кои се неговите планови за нас. Преку списите на Елена Вајт, Бог недвосмислено насочува кон страниците на Библијата на кои се запишани најскапоцените вистини за неговата безусловна љубов; за неговата неизмерна благодат која му се дава на секој човек на оваа земја во изобилие; за големината и силата на таа благодат која неспоредливо ја надминува големината и силата на гревот; за величествениот план на спасение и вечниот живот на сите спасени. Искуството на милиони ширум светот е дека колку повеќе читаат од книгите од Елена Вајт, толку повеќе го засакуваат Бог, постојано продлабочувајќи го својот личен однос со Него, додека целосно ја засноваат својата вера на Божјиот Збор – Библијата. Наша искрена желба е тоа да биде и ваше искуство. Во продолжение на оваа страна се поставени книгите од Елена Вајт кои се преведени на македонски јазик.
Доколку сакате да се запознаете со биографијата на Елена Вајт и вдахновениот книжевен опус произлезен од нејзиното перо, како и за односот помеѓу нејзините списи и Библијата кликнете на следниов линк.
ЕДИЦИЈА „КОСМИЧКИ КОНФЛИКТ“
Во христијанскиот свет, кога се изнесуваат Библиски учења, најчесто се става голем акцент на засегнатиот човечки род, додека истовремено се занемарува големата слика – космичкиот конфликт кој што се води првенствено околу прашањето на Божјиот карактер. Доколку ја испуштиме од вид таа голема слика, не би биле во можност правилно да го разбереме Бог, начинот на неговото делување низ вековите, ниту пак нашето место и улога во космичкиот конфликт кој што беснее околу и во секој еден од нас. Доколку постојано не ја имаме на ум големата слика, не само што може да западнеме во конфузија, фрустрација, страв, па дури и очај во овој живот, туку тоа може во голема мера да нè доведе во опасност да го презреме и отфрлиме дарот на вечниот живот што Исус ни го дал. Оваа едиција од пет капитални дела се голем духовен телескоп кој на нашиот поглед му овозможува не само да ѕирне, туку и да проникне во најголемите длабини на Библијата, запознавајќи нè со духовните законитости кои владеат во универзумот и како истите тие нè афектираат нас самите.
ПАТРИЈАРСИ И ПРОРОЦИ
Оваа книга на фантастично убав начин, инспирирано и анимирано, ни ги прикажува настаните поврзани со зачетоците на гревот во срцето на најсилниот Божји ангел, Луцифер, продолжувајќи со неговиот бунт кој прераснал во отворен космички судир и војна, која се пренела на нашиот свет и која наскоро ќе заврши со целосна победа на Христа над сатаната и над неговиот пеколен изум, гревот, со неговите стравотии.
Чудесно убаво е опишано создавањето на нашиот свет, падот на нашите родители, Адам и Ева, во грев и страшните последици што произлегле од тоа. Вчудовидува извештајот за потопот, првата катаклизма што го снашла нашиот свет поради тоа што луѓето преку гуша потонале во грев, постигнувајќи го апсолутното дно на беззаконието и ја загубиле смислата на постоење како луѓе, што, според Христовите зборови, е повторена слика во нашите денови, непосредно пред скорашното второ Христово доаѓање.
Тука е и грандиозниот настан – ослободувањето на израелскиот народ од египетско ропство и неговиот премин низ Црвеното Море. Бог видливо ја покажува својата сила така што го разделува морето и на својот народ му прави сув пат низ море да премине на другата страна.
Секако, не може да се заобиколи ниту величествениот и свечен настан кога семоќниот Бог го почестил и на грешното човештво му подал рака така што го напуштил небото и слегол на нашата планета Земја, на планината Синај, и среде страшен оган и дим, кои се издигнувале до небото, среде силни татнежи на громови и молскавици, на својот народ му го објавил својот закон, десетте заповеди, кои ги напишал со свој прст на две камени плочи и му ги предал на Мојсеја, со заповед целото човештво да живее според нив, според десетте Божји заповеди.
Четириесет години Бог видливо е присутен среде својот народ во столб од оган кој се издигнувал од ковчегот во Светилиштето во кој биле сместени двете плочи со десетте Божји заповеди, напишани со Божји прст. Полни четириесет години Бог видливо води милионски народ низ Синајската пустина – дење го засолнува со облак од пустинските горештини, а ноќе го води со столб од оган низ синајските клисури и беспатици. Тие величествени сцени авторот во својата книга вдахновено ни ги анимира и прикажува така како да се одвиваат сега пред нашите очи, и толку интересно, што го пленат нашето внимание.
Библиските настани натаму, сè до бурната историја на Давида, се нанижани во импресивна низа и ние во нив гледаме како слабите грешни луѓе во борбата со гревот доживуваат падови и подеми, како со Божја помош стануваат вистински „голијати“, победници,чекорејќи напред по Божјиот пат кон вечен живот во Божјето царство.
ПРОРОЦИ И ЦАРЕВИ
„Силата на народите и на поединците не се крие во можностите и средствата, кои навидум ги прават непобедливи; таа не се наоѓа ниту во нивното вообразено величие. Само Божјата сила и намера може да ги направи големи и силни. Самите тие, преку својот однос кон таа намера, одлучуваат за нивната судбина. Луѓето пишувале многу истории, но тие зборуваат за човечките достигнувања, за нивните победи во битките и за успесите во искачувањето по скалилата на световното величие. Божјата историја го опишува човекот таков каков што е во Божјите очи.”
Оваа книга – Пророци и цареви – почнува со извештајот за Соломоновото славно владеење над Израел и над обединетото царство, за Господовиот Храм како средиште на вистинското богослужение. Опишани се подемите и падовите на издвоениот избран народ, кој бил растргнат меѓу верноста кон Бога и служењето на боговите на народите што живееле во Палестина.
И тука, во текот на овој толку значаен период од историјата на овој свет, јасно се гледаат драматичните докази дека меѓу Христа и сатаната се води жестока борба за срцето и преданоста на луѓето.
Книгата изобилува со извонредни описи на различни карактери – мудриот Соломон, кого мудроста не го спречувала да греши; Јеровоам, себичен политичар чиешто владеење оставило разорни последици; моќниот и храбар Илија; Елисеј, пророк на мирот и исцелувањето; Ахаз, суров и расипан човек; Езекија, верен и добро намерен владетел; Даниел, возљубен Божји човек; Еремија, пророк на тагата; Агеј, Захарија и Малахија, пророци на обновувањето. Сите нив ги надминува славата на Царот што доаѓа, Божјето Јагне, единородниот Син, во кого сите симболи ќе најдат свое исполнување.
КОПНЕЖОТ НА ВЕКОВИТЕ
Во срцето на секој човек постои копнеж за она што го нема. Овој копнеж во неговата природа го всадил милостивиот Бог. Затоа тој често е незадоволен со своите животни постигнувања, независно од нивната големина. Бог сака човекот да трага по највозвишеното добро за да ја открие вечната среќа на својата душа.
Сатаната со своето лукавство и со измама го изменил овој копнеж на човечкото срце. Луѓето ги навел да веруваат дека нивниот порив може да се уталожи со сетилни задоволства, со богатство, со удобност, со слава и моќ . Но милијарди луѓе, што ги завел тој, увидуваат дека сето тоа ја губи својата привлечност и во душата остава огромно незадоволство и подлабока празнина од онаа што ја чувствувале порано. Бог замислил овој порив, овој копнеж на човечкото срце, да се насочи кон Оној кој единствено може да го задоволи, кон Исуса Христа, во кого можат да се исполнат сите наши копнежи.
Целта на оваа книга не е да ја прикаже хармонијата на Евангелијата или да даде механички, емпириски хронолошки редослед на важните настани и поуки од Исусовиот живот. Таа прикажува како од Божјето срце блика љубов која се открила во неговиот Син Божја несебична, насфатлива, чудесна, милна, копнежлива љубов која ги прегрнува сите луѓе на оваа планета.
На нејзините страници е прикажана божествената убавина на Христовиот живот ¬ привлечна, посакувана убавина која плени сечие срце. Исус ги привлекувал учениците, и луѓето околу себе, со добрината на својот карактер, со својот допир полн со сочувство и со несебичноста на својата пожртвуваност; ги преобразувал нивните карактери постојано дружејќи се со нив, и од себични, создавал самопрегорни луѓе; од грешни праведни, од тесногради и прости, полни со предрасуди, луѓе со најшироки сознанија и со длабока љубов кон сите народи и раси. Затоа, желба на оваа книга е да го прикаже милостивиот Избавител на начин кој ќе создаде копнеж кај читателот да дојде кај него, лично, лице в лице, своето срце да го соедини со неговото и во него да го најде, како и апостолите во свое време, силниот Исус, „кој може да ги спаси за вечни векови оние кои преку него доаѓаат кај Бога“.
Тешко е да се опише животот на Исуса Христа. Тоа е слично на обидот да се наслика на платно живо виножито, или со црно-бели знаци да се запише најмилната музика.
Сепак, на страниците на ова високо вредно духовно дело, нивниот автор, Елена Вајт, вдахновена личност со длабоко и долго искуство, инспирирано открила и опишала нови убавини од Исусовиот живот. Истакнала многу нови скапоцености од таа ризница на драгоцености. Ги направила достапни богатствата за кои не може ни да се сонува. Од многу познати библиски текстови, чијашто длабина читателот уште порано само ја насетувал, блескоти нова и величествена светлина. Најконцизно кажано, Исус Христос е откриен како полнота на Божеството, бескрајно милостив Спасител на грешниците, Сонце на правдата, милостив Првосвештеник, Исцелител на сите човечки болести, нежен Пријател полн со сочувство, постојан, доследен Другар кој секогаш е готов да помогне, Кнез на Давидовиот дом, Засолниште на својот народ, Кнез на мирот, Цар кој ќе дојде, вечен Отец, врв и исполнување на копнежите и надежите на сите векови.
ДЕЛАТА НА АПОСТОЛИТЕ
Со својата содржина оваа книга комплетно ги покрива активностите на ранохристијанската, апостолската црква која, под водство на Светиот Дух, што го примила на Духовден, постигнала силен подем и сјајни резултати при ширењето на Христовото евангелие со кое била проникната, уривајќи ги при тоа тврдините на паганството и христијанизирајќи ги многубожечките народи. Со евангелието како „Божја сила“ во срцето и на усните, црквата успешно ги премавнувала сите бариери и ѕидишта што ги подигал сатаната пред неа и ги совладувала многубројните внатрешни и надворешни проблеми и тешкотии со кои се соочувала незапирливо напредувајќи и освојувајќи безброј нови срца за Христовото царство.
На страниците на оваа книга се поместени извонредни извештаи за животот и работата на Христовите ученици, наречени апостоли кои, гонети од невидена љубов во срцето и од огнен дух во градите, ја исполнувале заповедта на својот сакан Учител и Господ, Исус Христос, што им ја дал по своето воскресение, пред да замине на небото: „Одете по целиот свет и проповедајте му го евангелието на секое создание!“ (Марко16,15).
Во неа се среќаваме со неуморниот апостол Павле, со неговата бесмртна, пламена ревност за Христа, со тој ненадминат колерик кој во ореова лушпа би го препловил и Пацификот само да го однесе евангелието во најдалечните краишта на земјата. Да, со Павле кој знамето на Христовото евангелие го подигнал дури и во домот на римскиот цезар, во паганскиот Рим, кој во тоа време управувал со светот со железна тупаница.
Со очите насочени кон небото, обземен од неискажливите вечни рајски убавини, што пред тоа бил почестен од Бога да ги види и што ќе има можност да ги ужива заедно со спасените, Павле и не го забележал мечот на џелатот над себе, ниту почувствувал кога главата му се стркалала на губилиштето.
Го посматраме и импулсивниот Христов ученик и апостол, Петар, кој со факелот на евангелието осветлил многу срца во многу краишта на светот и кој од сува дреновина, сушена девет години на черен, ќе исцеди чаша вода само да ги напои жедните за праведност, за вечен мир, радост и спокојство, што ќе ги уживаат во Христовото царство. Со таква надеж и вера во срцето заспал во Господа и овој апостол, распнат на крст со главата удолу.
Тука е и омилениот Христов ученик, апостол Јован, наречен апостол на љубовта, кој заради својата преданост кон својот сакан Учител и кон задачата што била поставена пред него како апостол, бил изложен на неверојатни тешкотии и грубости, фрлен во котел со вриено масло во Рим и протеран како изгнаник на пустиот остров Патмос, во Егејско Море, каде што го добива од Христа Откровението или Апокалипсата.
Авторот во книгата нè запознава со севкупното дело на Божјите пратеници, апостолите, опишано и во нивните посланија, кои се феноменален извор на информации и сознанија за развитокот на Христовата црква во првиот век, кога се поставувале темелите на изворното библиско христијанство, чиишто потомци треба да бидеме и ние денеска, се разбира, ако сакаме, заедно со апостолите, со милиони верни и предани христијани од сите векови и од сите народи, со нивниот и нашиот Учител и Спасител Исус Христос, да ја делиме вечноста во неговото царство.
ГОЛЕМАТА БОРБА
Просветлен со помош на Светиот Дух, на писателот на оваа книга му се откриени сцените на долгата борба меѓу доброто и злото. Повеќепати му беше овозможено да ги посматра сцените на страшната борба меѓу Христа, Кнезот на животот, Творецот на нашето спасение, и сатаната, кнезот на злото, причинителот на гревот и првиот престапник на Божјиот закон. Истото непријателство што го покажал сатаната кон Христа, го покажал и кон Христовите следбеници. Во текот на целата историја на човештвото се забележува истата омраза на сатаната кон начелата на Божјиот закон, истата теорија на лага што оди кон тоа заблудата да ја прикаже како вистина, човечките закони како Божји закони, обожавањето на природата како обожавање на Творецот. Низ сите векови сатаната се трудел погрешно да го претстави Божјиот карактер со цел луѓето да имаат погрешен поим за Бога и да се плашат од него, дури и да го мразат, наместо да го сакаат; сатаната настојува да го отстрани Божјиот закон за народот да поверува дека е слободен од неговите барања; ги прогонува оние што се осмелуваат да се противат на неговите измами. Сето тоа го гледаме кога ги проучуваме биографиите на патријарсите, на пророците, на мачениците и реформаторите.
Во последната жестока битка од големата борба сатаната ќе се послужи со истата тактика, ќе покаже ист дух и ќе се стреми кон иста цел како и во сите векови во минатото. Стапиците на сатаната ќе бидат полукави и неговите напади порешителни. Ќе настојува да ги прелаже, ако биде можно, и избраните (Марко 12,22).
Кога Божјиот Дух ми ги откри големите вистини на својата Реч и ми ги покажа сцените од минатото и иднината, заповедано ми е и на другите да им го откријам она што ми е покажано: да ја опишам големата борба во текот на вековите и да ја прикажам така за таа да ја расветли и идната битка што се приближува. Настојувајќи да ја постигнам таа цел, се трудев да ги одберам и да ги поместам настаните од црковната историја на таков начин за да биде прикажан развојот на големите вистини што му биле дадени на светот во различни времиња и да покажам како тие вистини предизвикале гнев кај сатаната и непријателство кај црквата што го сака светот, но се сочувани преку сведоштвото на оние кои „не држеа до својот живот сѐ до смртта”.
Во овие извештаи може да се види сликата на битката што е пред нас. Ако ги посматраме во Божјата реч и расветлени од Светиот Дух, можеме да ги видиме разоткриени стапиците на сатаната и опасностите што треба да ги одбегнуваат оние кои сакаат да бидат „беспрекорни“ кога ќе дојде Спасителот.
Големите настани што го обележиле напредокот на реформацијата во минатите векови се забележани во историјата и добро се познати. Тоа се факти што никој не може да ги негира. Оваа историја ја изнесов накратко, сообразно со целта и обемот на книгава. Фактите концизно се изнесени на толкав број страници колку што е неопходно потребно да се разберат. Во некои случаи, каде што историчарите настаните ги групирале за да ја прикажат суштината на прашањето, или подробностите ги изнеле сообразно со планот на ова дело, јас ги цитирав нивните зборови; но, во некои случаи не ги цитирав изворите, зашто цитатите не се наведени за да ги истакнат писателите како авторитет, туку затоа што нивните зборови овозможуваа јасен и убедлив приказ на предметот. Следејќи го искуството и погледите на оние што ја унапредуваа реформата во нашето време, слично постапив и јас, користејќи примери од нивните објавени дела.
Целта на оваа книга не е толку да изнесе нови вистини за борбата на минатите векови, туку да ги истакне фактите и начелата што можат да бидат значајни за идните настани. Посматрани како дел на борбата меѓу силите на светлината и силите на темнината, овие извештаи од минатото добиваат ново значење. Од нив излегува светлина што ја осветлува иднината и патот на Божјите деца кои се повикани, како некогаш реформаторите, да сведочат за Божјата реч и за Исусовото сведоштво, дури и во опасност да го загубат сето земно богатство.
Целта на оваа книга е да ги прикаже сцените на големата борба меѓу вистината и заблудата; да ги открие измамите на сатаната и средствата со кои можеме успешно да му се противставиме; да даде вистинско решение за големиот проблем на злото; да го расветли потеклото и крајот на гревот и тоа на таков начин за да се види праведноста и благоста на Бога во сите негови постапки кон неговите созданија; и најпосле, да ја покаже светоста и непроменливоста на Божјиот закон. А искрена молитва на писателот е оваа книга да помогне душите да се спасат од силите на темнината и да „учествуваат во наследството на светите“, на слава на Оној кој нѐ љубел и себеси се предал за нас.
ПАТОТ КОН ХРИСТА
Едно е да се знае за Исус, а сосема друго е да се биде со Исус. Досега не сме сретнале (се разбира, доколку не ја сметаме Библијата) друга книга која така непогрешливо објаснува како да се биде христијанин, на толку едноставен начин, разбирлив за секого. Таа ги насочува нозете од сомневање и колебливост кон патеката на мирот. Го води оној кој бара праведност и светост на карактерот, чекор по чекор на патот на христијанскиот живот, до такво искуство каде што ќе може да ја спознае полнотата на благословот кој се наоѓа во целосното предавање на себеси во Христовите прегратки. Ја открива тајната на победата која што се наоѓа во едноставноста на спасителната благодат и сила на најголемиот Пријател на целото човештво – Исус. Оваа малечка книга ќе ви помогне да ги составите сите парчиња на сложувалката заедно и да научите како секојдневно да чекорите со Исуса кој вели: „Јас дојдов за да дадам живот – и тоа живот во сета негова полнота.“ (Јован 10:10 ; Библија)
Издвојуаме два пасуси од оваа малечка, но толку содржајна книга:
„Има такви кои тврдат дека му служат на Бога иако сакаат сами, со своја сила, да го држат Божјиот закон, да изградат праведен карактер и да си осигурат спасение. Нивните срца не се поттикнати со длабоко разбирање на Христовата љубов, туку обврските на христијанскиот живот ги исполнуваат како услови што им ги поставил Бог за да можат да го добијат небото. Таквата религија нема никаква вредност. Кога Христос живее во срцето, душата се исполнува со неговата љубов и се радува што ужива негова заедница и единство со него. Тогаш, гледајќи го него, ќе заборави на себе. Љубовта кон Христа ќе биде извор на дејствување. Оние што ја чувствуваат силата на Божјата љубов не прашуваат на кој начин со што помалку труд би можеле да се задоволат Божјите барања; тие не бараат најниски мерила, туку имаат цел да бидат во совршена хармонија со волјата на својот Откупител…. Признавањето на Христа без таква длабока љубов е празно прикажување, сув формализам, тежок јарем.“
„Животот во Христа е живот полн со спокојство. Можеби во него нема да има занес на чувствата, но ќе има постојана, спокојна доверба. Вие не се надевате во себе туку во Христа. Вашата слабост е соединета со неговата сила, вашето незнаење со неговата мудрост, вашата кревкост со неговата издржливост. И така, не треба да гледате на себе, не треба да се занимавате со себе, туку гледајте на Христа. Вашите мисли нека се занимаваат со неговата љубов, со убавината и со совршенството на неговиот карактер. Христос со своето самооткажување, Христос со своето понижување, Христос со својата чистота и светост, Христос со својата неспоредлива љубов – тоа е тема за која треба да размислува вашата душа. Сакајќи го него, следејќи го него, потпирајќи се потполно на него, вие ќе се преобразите и ќе станете слични на него.“
Книгата „Патот кон Христа“ е вистински светски бестселер! Преведена е на повеќе од 160 ЈАЗИЦИ и продадена во повеќе од 100 МИЛИОНИ ПРИМЕРОЦИ.
ХРИСТОВИТЕ ПАРАБОЛИ
Големиот Учител, Христос, своите најсилни мисли ги искажал патувајќи со своите ученици по ритчињата и долините на Палестина, или додека се одморал на бреговите на Галилејското Езеро и реките. Во своите параболи или споредби, земени од обичниот живот, Тој божествената вистина ја поврзувал со обичните настани, со искуствата на овчарите, на градителите или земјоделците, со искуствата на патниците и домаќинките. Познатите поими ги поврзувал со вистински прекрасни мисли – со мисли за Божјата нежна грижа за нас, за благодарноста што со право ја очекува од нас и за нашата должност да се грижиме едни за други. Овие поуки за божествената мудрост и за практичните, секојдневни вистини, ги објавувал силно и влијателно. Тоа начело го раководело во текот на целата негова мисија на светот.
За да ни помогне да се запознаеме со неговиот карактер и со неговиот живот, Исус зел наша човечка природа и живеел меѓу нас. Божественото се открило во човечкото – невидливата слава во видлива човечка лика. За непознатото луѓето можеле да учат од познатото; небесното се откривало преку земното; Бог се претставил во човечка лика. Таков бил Исусовиот начин на поучување; непознатото било насликано со познатото, божествените вистини со земни поими со кои луѓето биле добро запознати.
Писмото кажува: „Сето ова Исус му го кажа на народот во параболи (споредби) и без параболи ништо не говореше, за да се исполни реченото преку пророкот кој вели: ,Ќе им зборувам во параболи; ќе го објавам скриеното од настанувањето на светот’” (Матеј 13, 34.35). Земното е прикажувано со духовното; појавите во природата и животните искуства на неговите слушатели се поврзувани со вистините на пишаната Реч. Водејќи ги така од земното кон духовното царство, Христовите параболи, земени од обичниот живот, станувале алки во синџирот на вистината што го поврзува човекот со Бога, земјата со небото.
Во оваа книга неговите параболи се поделени, разработени и илустрирани тематски. Книгата е полна со вистински скапоцености и на многу читатели ќе им помогне посестрано да ја запознаат вредноста и важноста на она со што се опкружени во својот секојдневен живот.
МИСЛИ ОД ГОРАТА НА БЛАЖЕНСТВАТА
Беседата на Гората е небесен благослов наменет за светот – глас од Божјиот престол. Таа им била дадена на луѓето за да им биде закон за должностите и светлина од Небото, надеж и утеха во очајот, радост и поткрепа на секој чекор и во сите животни околности. Овде Проповедникот над проповедниците, најголемиот Учител, ги изговорил зборовите со кои го вдахнал самиот небесен Татко да ни ги соопшти.
Блаженствата претставуваат Христов поздрав, не само до оние што веруваат туку до целото човечко семејство.
Како за миг да заборавил дека се наоѓа на овој свет, а не на Небото; им се обратил на присутните со поздрав вообичаен во светот на светлината. Благословите се излеваат од Неговите усни како надојдена и долго задржувана животворна река.
Христос не нè остава во заблуда во поглед на карактерните особини кои Тој секогаш ќе ги признае и благослови.
Заобиколувајќи ги славољубивите миленици на овој свет, се свртел кон отфрлените, нарекувајќи ги благословени сите оние кои ќе ја примат Неговата светлина и живот.
Сиромашните по дух, кротките, понизните, натажените, презрените и прогонетите Тој ги повикува во својата заштитничка прегратка, велејќи: „Дојдете кај Мене… и Јас ќе ве одморам“.
Гледајќи ја бедата на овој свет, Христос не мора ни најмалку да жали што го создал човекот. Во човечкото срце Тој гледа повеќе, а не само грев и беда. Во својата бесконечна мудрост и љубов, Тој ги гледа можностите на човекот и висините кои може да ги достигне. Иако човечките суштества ги злоупотребиле примените благослови и го уништиле од Бога даруваното достоинство, сепак Тој знае дека, со нивното откупување, Создателот ќе биде прославен. Зборовите коишто Христос ги изговорил на Гората на блаженствата, ќе ја сочуваат својата сила низ сите времиња.
Секоја мисла е бесценет камен од ризницата на вистината. Начелата изнесени во оваа проповед се однесуваат на луѓето од сите возрасти и слоеви. Со божествена сила Христос ја објавувал својата вера и надеж, истакнувајќи кои категории луѓе ќе примат благослов, бидејќи изградиле праведен карактер. Живеејќи со животот на Животодавецот и верувајќи во Него, секој може да го достигне идеалот опишан во Неговата реч.
ВОСПИТУВАЊЕ
Нашите претстави за воспитувањето се премногу ограничени и со ниски дострели. Треба да имаме поширок поглед и да си поставиме повисока цел. Вистинското воспитување подразбира повеќе отколку самосовладување на одредена наставна програма. Тоа е повеќе од подготовка за сегашниот живот. Тоа се занимава со целото човеково битие и се однесува на целокупниот период на неговото постоење. Воспитување значи хармонично развивање на телесните, душевните и духовните сили. Тоа го подготвува ученикот за радосна служба во овој и за повозвишена и порадосна служба во светот што ќе дојде. Изворот на таквото воспитување е истакнат во зборовитe на Светото писмо кои укажуваат на Бесконечниот: „Во кого се скриени сите богатства на мудроста и знаењето“ (Колошаните 2,3). „Во Него се советот и разумот“ (Книгата за Јов 12,13).
Светот имал свои големи учители, луѓе со гигантски интелект, кои многу го унапредиле човековото истражување, луѓе чии говори ѝ давале поттик на човечката мисла и ги отворале видиците кон нови области на човечкото знаење; овие луѓе биле вреднувани и почитувани како водачи и добротвори на својот народ; но постои Еден кој е повисок од нив. Ние можеме да ја следиме наназад низата од светски учители до каде што допираат човечките извештаи; но Светлината била пред нив. Како што Месечината и планетите на нашиот Сончев систем ја одразуваат сончевата светлина, така и големите мислители, доколку нивното учење е правилно, ги одразуваат зраците на Сонцето на Правдата. Секоја искрена мислата, секој блесок на интелектот потекнуваат од Светлината на светот.
Во наше време многу се зборува за природата и важноста на „повисоко воспитување“. Вистинското „повисоко воспитување“ го дава Оној во кого се „мудроста и силата“ (Книгата за Јов 12,13) од чија уста „доаѓа знаењето и разумот“ (Мудри изреки 2,6). Секое вистинско знаење и вистински развој имаат свој извор во познавањето на Бога. Каде и да се свртиме во физичкото, менталното и духовното подрачје, каде и да погледнеме, исклучувајќи ги болните последици од гревот – секаде ни се открива тоа познавање. Со која било гранка на истражување да се занимаваме, со искрена намера да ја дознаеме вистината, ние доаѓаме во допир со невидливиот моќен Ум кој дејствува во сѐ и преку сѐ. Човековиот ум се поврзува со Божјиот, ограничениот со Неограничениот. Непроценливо е влијанието на таквата врска врз телото, умот и душата. Во оваа врска се наоѓа највисокото воспитување. Тоа е Божјиот метод на развој. „Зближи се со Него“ (Книгата за Јов 22,21) – гласи Неговата порака до човештвото. Методата, опишана со овие зборови, била применета во воспитувањето на таткото на нашиот род. Кога Адам во славата на безгрешната мажевност престојувал во светата Едемска градина, Бог го поучувал на тој начин. За да разбереме што сѐ опфаќа воспитното дело, мораме да ја разгледаме човечката природа и целта што Бог ја имал кога го создал човекот. Исто така, мораме да ја разгледаме и промената на човековата состојба која настанала со познавањето на злото, и планот што Бог го замислил за да може, и покрај тоа, да ја постигне возвишената цел што ја поставил за воспитување на човечкиот род.
ТЕМЕЛИ НА СРЕЌНИОТ ДОМ
Ако е втемелен на вистинските вредности, домот станува прекрасна оаза, место на љубов и разбирање, трпеливо поучување и радосно учење, одмор и мир. Во него секој член наоѓа и дава поддршка и разбирање, помош и соработка, утеха и охрабрување, несебичност и великодушност. Нежноста и благоста, топлината и љубезноста се дел од секојдневните односи, а грижата еден за друг никогаш не отсуствува.
Но, таквиот дом не настанува случајно. Тој се постигнува со градење на семејните односи врз вистински вредности, следење на мудрите совети и применување на основните христијански принципи. Како што картата му ја покажува насоката на патникот, така книгата „Темели на среќниот дом“ е сигурен водич низ понекогаш збунувачките и непознати патеки на брачните односи, одговорностите на родителството и семејниот живот.
Книгата „Темели на среќниот дом“ едновремено е и прирачник за презафатените родители и модел и поставен идеал за она што еден дом може и треба да стане. Таа ги содржи одговорите на многу прашања, изразени со мудрите зборови на небесниот Татко.
Во текот на составувањето на ова дело употребени се одделни делови од списите на Елена Вајт, кои таа ги напишала во период од седум полни децении, а особено од бројните нејзини статии што се објавени во црковните списанија. Досегашните објавени дела, особено сведоштвата издадени како брошури, како и ракописите од наследството на Е. Вајт, го збогатија ова дело. Во секое поглавје наведените извадоци што се преземени од различни извори, создадени во различни периоди, поврзани се во логичен ред и затоа се во согласност со овие факти, но одвреме–навреме може да се воочи неминовен прекин во текот и начинот на излагање, затоа што со таков вид уредување, составувачите се ограничени при изборот и составувањето на материјалот, како и при одредувањето на темите.
Делото е уредено во согласност со упатствата кои Елена Вајт им ги дала на оние кои ги чувале нејзините списи за да „отпечатат компилации“ од нејзиниот ракопис, за кои и самата кажала дека содржат „упатства кои Господ ми ги даде за својот народ“.
Во досегашната историја на овој свет никогаш како денес не се почувствувала потребата за една ваква книга. Никогаш како денес родителите и децата не копнееле по вистинските одговори за она што ги мачи. Никогаш како денес домовите не биле во толкава голема опасност.
Секој од нас знае дека општествените текови се одраз на состојбите кои владеат во современиот дом. Покрај тоа, на сите ни е познато дека промените во домот ќе се рефлектираат и во општеството. Со таква цел е подготвено и делото „Темели на среќниот дом“.
СОВЕТИ ЗА ПРАВИЛНО ВОСПИТУВАЊЕ НА ДЕТЕТО
Домот е место каде што треба да започне воспитувањето на детето и тој претставува негова прва школа. Крај своите родители како инструктори, детето треба да ги научи лекциите кои ќе го водат низ целиот негов живот – лекции за почит, послушност, стравопочит и самоконтрола. Воспитните влијанија во домот претставуваат сила која ќе го води детето да се определи за добро или за зло. Во мноry случаи тие влијанија дејствуваат тивко и постепено, но доколку се добро насочени, тие стануваат далекусежна сила за вистината и праведноста. Доколку детето во домот не е правилно насочено, сатаната ќе го воспита преку средства кои самиот тој ќе ги одбере. Колку е тогаш важно домашното воспитување!
Врз сите родители почива обврската на своето дете да му дадат поуки во телесен, интелектуален и духовен поглед. Основна цел на секој родител треба да биде на своето дете да му обезбеди развој на добро урамнотежен, хармоничен карактер. Ова е задача која има голема важност – работа, која бара сесрдно размислување и молитва, како и трпеливо и истрајно вложување на неуморни напори. Мора да се постави добар и здрав темел, да се подигне силен и цврст скелет; и тогаш од ден на ден да се продолжи со делото на изградување, дотерување и усовршување на градбата.
Родители, запаметете дека вашиот дом е воспитна школа во која вашите деца треба да се подготват за небесниот дом. Попрво лишете ги од сè друго, само не од воспитувањето што тие треба да го примат од најмали нозе. Не упатувајте им ниту еден раздразлив збор. Учете ги вашите деца да бидат љубезни и трпеливи. Учете ги да имаат обѕир кон другите. На тој начин вие ги подготвувате за повозвишена служба во нештата поврзани со верата. Домот треба да биде подготвителна школа каде што децата и младите ќе се подготват да му служат на Учителот, приготвувалиште за повозвишената школа во Божјето царство.
Домашното воспитување не треба да се смета за нешто што е од второстепена важност. Тоа го зазема првото место во секое вистинско образование. На татковците и мајките им е доверено обликувањето на умот на своите деца. Колку е потресна поговорката: „Каде е свиткано гранчето, кон таму е наклонето и дрвото.” Истата треба да биде употребена во воспитувањето на нашите деца. Родители, дали ќе запаметите дека вам ви е доверена света обврска вашите деца да ги воспитувате уште од нивните најрани години? За да можат да бидат пресадени во Господовата градина, тие млади дрвја треба да бидат нежно воспитани. Домашното воспитување во никој случај не треба да биде занемарено. Оние, што го прават тоа, занемаруваат една религиозна должност.
УМ, КАРАКТЕР И ЛИЧНОСТ
Вистинските начела на психологијата се наоѓаат во Светото Писмо. Човекот малку знае за својата вистинска вредност. Тој постапува во склад со својот непрепороден карактер, затоа што не гледа на Исуса како на Зачетник и Свршител на својата вера. Меѓутоа, оној кој доаѓа кај Христа, верувајќи во Него и го зема Него за свој Пример, го сфаќа значењето на зборовите: „Ним Тој им даде власт да станат синови Божји.“ Оние, кои поминале низ искуството на вистинско обраќање ќе ја сфатат со оштрина својата одговорност пред Бога своето спасение да го градат со страв и трепет, како и одговорноста потполно да се очистат од губата на гревот. Таквото искуство ги наведува луѓето да се понизат и со целосна доверба да се потпираат на Бога.
Бог ги зема луѓето такви какви што се и доколку сакаат да Му се предадат ги воспитува за Својата служба. Божјиот Дух, примен во душата, ги оживува сите способности. Под водството на Светиот Дух, Умот што безрезервно му е посветен на Бога се развива складно и е засилен да ги разбере и исполни Божјите барања. Слабиот и неодлучен карактер се менува во цврст и постојан. Постојаното посветување воспоставува толку близок однос помеѓу Исуса и Неговите ученици што христијанинот во својот карактер станува сличен на својот Учител. Тој има појасни и пошироки погледи. Неговата проникливост е поостра, неговиот суд поурамнотежен. На тој начин е зајакнат со животодавната сила на Сонцето на праведноста и е оспособен да донесува богат род на Божја слава.
И додека Христос му го отвора небото на човекот, животот што тој ни го дава го отвора срцето на човекот за небото. Гревот не само што нè одвојува од Бога, туку во душата на човекот ги уништува и желбата и моќта да го запознае Него. Христова цел е да го оневозможи сето тоа влијание на злото. Тој има моќ да ги оживее и обнови способностите на душата парализирани од гревот, да ги оживее и обнови потемнетиот ум и изопачената волја. Тој ни ги отвора богатствата на вселената и благодарение на Него, добиваме способност да ги препознаеме и ползуваме.
Толку духовен е карактерот на Божјето дело врз човечкото срце кое го прима така што секого го прави ново создание, без притоа да се унижи или ослабне било која способност што Бог му ја дал на човекот. Тоа ја чисти секоја особина погодна за врска со божествената природа. Она што е родено од Духот е дух, а кога човекот ќе се роди одозгора, небесен мир ја напојува душата.
СОВЕТИ ЗА ЖИВОТОТ И ИСХРАНАТА
Кога Елена Вајт во 1863 година почнала да зборува и пишува за правилната исхрана и за начинот на живеење според природните закони, просечниот животен век во Соединетите Држави бил 32 години. Оброците биле сервирани три, четири или пет пати на ден; биле многу зачинети, составени од месо, богати со сосови, пржена храна и голема лепеза на колачи и торти со многу шеќер и маст. Млекото честопати било од слабо згрижени, а понекогаш и туберкулозни крави. Анализата била непозната, а пастеризацијата, децении во иднината. Освен за засолувањето и сушењето, науката за зачувување на храната била сè уште иднина.
Во такво поднебје Елена Вајт, со перо натопено во мудроста и знаењето на Дизајнерот на човекот и Автор на природните закони, повикувала кон начин на исхрана која била едноставна, здрава, хранлива и вкусна.
Кон таа цел, цели 50 години таа ги изразувала своите погледи во списанија, книги и преку личен контакт. Нутриционистите денес се свесни за спротивставувањето на луѓето, кога е во прашање промената во нивната исхраната. Сепак, нејзините совети ги промениле навиките во исхраната на милиони, кои корисно ги следеле овие совети, денес добро поддржани од научите истражувања.
Децении пред физиолозите да почнат да се занимаваат и да ја проучуваат блиската врска, која постои помеѓу исхраната и здравјето, Елена Вајт во своите списи јасно ја истакнува врската помеѓу храната што ја јадеме и нашето физичко и духовно здравје. Во своите предавања и списи, таа често пишувала за важноста на храната и адекватната исхрана. Овие совети, онака како што се сочувани во разни брошури, книги, по страниците на црковните списанија, како и во нејзините лични сведоштва, извршиле силно, преобразувачко влијание на диететските навики кај адвентистите на седмиот ден, како и на општите животни навики кај пошироката јавност.
Нам ни е подарен само еден животен век и прашањето што секој треба да си го постави гласи: „Како да ги вложам своите сили така, за тие да донесат најголема полза? Како можам најмногу да придонесам за Божјата слава и за користа на своите ближни?“ Животот е вреден само тогаш, кога се употребува за достигнување на овие цели. Личното напредување е нашата прва должност кон Бога и ближните. Секоја способност, со којашто Создателот нè обдарил, треба да се негува до највисоко совршенство, како би биле во можност, според своите способности, да сториме најмногу добро. Заради тоа, времето што се користи за утврдување и чување на телесното и умното здравје, е добро потрошено време. Не можеме да дозволиме да се спречи во развојот или онеспособи, која и да е телесна или умна активност. Доколку пак тоа го чиниме, мораме да ги сносиме последиците.
ЗДРАВЈЕ И СРЕЌА
Општо земено, на зачувувањето на здравјето му се посветува премалку внимание. Многу е подобро да се спречи болеста отколку да се знае како да се лекува кога таа ќе се појави. Обврска на секоја личност, заради своја и ползата на оние со кои доаѓа во контакт, е да ги запознае животните закони и свесно да им се покорува.
Чистиот воздух, сончевата светлина, умереноста, одморот, физичката активност, правилната исхрана, употреба на водата и верата во божествената сила – тоа се вистинските лекови. Секој човек треба да ги знае природните средства за лекување и нивната примена.
Проучувајте го тој прекрасен организам, човечкото тело и законите со кои тоа се раководи. Секој закон што управува со човечката машинерија треба да се смета за вистински божествен според потеклото, карактерот и важноста како Божјата Реч.
Секое немарно дело, секоја злоупотреба на тој преркасен механизам, секое непочитување на Неговите одредени закони за човечкото постоење е прекршок на Божјиот закон. Тој закон го опфаќа нашиот однос кон човекот воопшто. Бог воспоставил закони да раководат со секој дел од нашата градба, и тие закони поставени во нашето битие се божествени и за секое прекршување на истите е одредена казна, која порано или подоцна мора да се плати, исто толку е грешно да се прекршат овие закони на нашето битие како прекршувањето на една од Десетте Заповеди, зашто кршејќи ги нив, го кршиме Божјиот закон. Божјиот закон е запишан со Неговиот прст врз секој наш нерв, секој мускул, секоја способност која му е доверена на човекот.
Бог во својата мудрост воспоставил природни закони за соодветна контрола на нашата облека, нашите апетити и страсти и Тој од нас бара послушност на секој од нив. Прекршувањето на физичкиот закон е прекршување на Божјиот закон. Наш Создател е Исус Христос. Тој е автор на нашето битие. Тој е автор на физичките закони исто како што е автор на моралниот закон. Здравјето, силата и среќата зависат од непроменливи закони; но овие закони не можат да бидат почитувани онаму каде што нема желба за нивно запознавање.
Бог повикува реформатори да застанат во одбрана на законите кои Тој ги воспоставил за да раководат со човековиот организам, и да задржат висок стандард во обучувањето на умот и негата на срцето. Вистинска должност на секоја личност е да биде запозната со болестите и нивните причинители. Сето наше уживање или страдање може да се должи на послушноста или прекршувањето на природните закони.
ПОСЛЕДНИТЕ НАСТАНИ
Сегашното време привлекува особено внимание на сите живи. Управителите и државниците, луѓе на доверливи и влијателни функции, разумни мажи и жени од сите општествени слоеви со големо внимание ги следат настаните што се случуваат околу нас. Особено ги преокупираат меѓународните односи. Тие гледаат дека некаква напнатост ги опфатила сите елементи на Земјата и сфаќаат дека се подготвува нешто големо и одлучувачко – дека светот се наоѓа на самиот раб на една многу сериозна криза.
Катастрофите на Земјата и во морето, несредената состојба во општеството, гласовите за војни, сето тоа навестува зло и најавува дека се наближуваме кон случувања од најголеми размери. Силите на злото ги зацврстуваат своите сили и ги збиваат своите редови, подготвувајќи се за последната голема криза. Наскоро во нашиот свет ќе се случат големи промени, а завршните настани бргу ќе се сменуваат.
Времето на неволји, кое ќе станува сè потешко како што ќе се приближуваме кон крајот, е многу блиску, пред вратата. Ние немаме време за губење. Светот е вдахновен со воинствен занос. Пророштвата од единаесеттата глава од Книгата на пророкот Даниел наскоро ќе го доживеат своето конечно исполнување.
Време на неволји – какво што немало откако е век, па до тоа време (Даниел 12,1) – е токму пред нас, а ние се однесуваме како заспаните девојки. Мораме да се разбудиме и да Го замолиме Господ Исус да нè земе во Своите вечни раце и да нè поведе низ времето на искушенија кое е пред нас.
Во светот владее сè пострашно беззаконие. Наскоро ќе настанат големи судири помеѓу народите – неволји кои нема да престанат сè до Христовото доаѓање. Ние се наоѓаме на самиот раб на времето на неволјите и нè очекуваат стравотии какви не сме ни сонувале.
Ние стоиме на прагот на кризата на столетието. Божјите судови ќе се излеваат еден по друг, меѓусебно пристигнувајќи сè – оган, поплави, земјотреси, војни и крвопролевања. Пред нас се бурни времиња, но не смееме да изговориме ниту еден единствен збор на неверување и обесхрабреност.
Бог секогаш ги предупредувал луѓето за судовите што ќе дојдат. Оние кои верувале во Неговата вест за нивното време и кои својата вера ја изразиле слушајќи ги Неговите заповеди, ги избегнале осудите што ги стасале непослушните и неверните.