(продолжува од претходниот ден) Господ рекол: „Мојот народ не ќе се засрами никогаш веќе“ (Јоил 2,26). „Плачот трае преку ноќта, но радоста иде со зората“ (Псалм 30,5). Учениците го сретнале Спасителот на денот на неговото воскресение и во нив гореле срцата слушајќи ги неговите зборови; ја виделе неговата глава, неговите раце и нозе, кои биле ранети за нив; пред своето вознесение на небото, Исус ги повел кон Витанија и, подигајќи ја раката да ги благослови, им наредил: „Одете по сиот свет и проповедајте му го евангелието на секое создание“, и потоа додал: „Јас сум со вас во сите дни до крајот на светот“ (Марко 16,15; Матеј 28,20). На денот Духов ден ветениот Утешител слегол и од височините им била подарена сила која душите ги проникнала со свест за присуство на нивниот Господ кој се вознел на небото и кога го виделе сето тоа, зар тогаш можеле, макар нивниот пат да ги водел низ жртви и маченичка смрт, да ја напуштат службата на евангелието и венецот на правдата што треба да го добијат при неговото доаѓање, и тоа поради славата на еден земен престол, како што се надевале порано? Оној, „кој може да стори неограничено повеќе од она што го бараме или мислиме“, со заедницата на своите маки им дал и заедница на своите радости за да можат „многу синови да доведат во славата“ и во неискажлива радост, во „извонредно голема и вечна слава“ со која, како што кажува Павле, „нашата сегашна краткотрајна и мала неволја“, не е достојна ниту да се спореди.
Искуството на учениците, кои за време на првото Христово доаѓање го објавувале „евангелието за царството“, личи на искуството на оние што ја проповедаа веста за второто доаѓање. Како учениците што излегле во светот и проповедале: „Се исполни времето и се приближи царството Божје“, така Милер и неговите соработници објавуваа дека истекло најдолгото и последно пророчко време што се спомнува во Библијата, дека сега непосредно претстои суд и дека наскоро ќе почне вечното царство. Проповедањето на учениците во врска со времето се темелело на седумдесетте седмици од Даниел 9. глава. Милер и неговите со работници го објавуваа крајот на тие 2300 дни од Даниел 8,14, чиј што дел се седумдесетте седмици. Проповедањето и на едното и на другото пророштво се темели на исполнувањето на овие два различни дела од истиот голем пророчки период.
Како и првите ученици, Вилијам Милер и неговите другари не го сфатија потполно значењето на веста што ја објавуваа. Заблудите што долго беа вкоренети во црквата ги спречуваа исправно да толкуваат една важна точка од пророштвото. Затоа, иако ја проповедаа веста што им ја довери Бог, сепак, доживеаја разочарување поради тоа што погрешно ја сфатија неговата смисла. При објаснувањето на Даниел 8,14: „Уште две илјади и триста вечери и утра; тогаш Светилиштето ќе се очисти“, Милер, како што веќе споменавме, го прифати мислењето што преовладуваше во тоа време, имено, дека нашата земја е таа светиња (Светилиште), и веруваше дека чистењето на Светилиштето значи чистење на земјата со оган на денот на Христовото доаѓање. Затоа, кога пронашол дека крајот на 2300 дни е точно утврден во пророштвото, заклучил дека со тоа е откриено времето на второто доаѓање. Неговата заблуда потекна оттаму што го прифати општо распространетото мислење за тоа што е Светилиште.
Во обредната служба, што била претслика на Христовата жртва и на неговата свештеничка служба, чистењето на Светилиштето било последен обред што го вршел поглаварот свештенички според годишниот ред на својата служба. Овој последен обред бил завршен чин при помирувањето, одземање и отстранување на гревот од Израел, и тоа било симбол на завршниот чин во службата на нашиот Првосвештеник на небото, отстранување или бришење на гревовите на неговиот народ што се забележани во небесните книги. Оваа служба опфаќа истрага, судење, и непосредно му претходи на Христовото доаѓање на небесните облаци со голема сила и слава; зашто, кога Тој ќе се појави, секој случај веќе ќе биде решен. Исус вели: „Еве, доаѓам скоро, и наградата моја е со мене за да му дадам на секого според неговите дела” (Откровение 22,12). Овој суд, кој непосредно му претходи на второто Исусово доаѓање, е објавен во првата евангелска вест во Откровение 14,7: „Бојте се од Бога и подајте му слава, зашто настапи часот на неговиот суд!“ (продолжува)