(продолжува од претходниот ден) Службата во земното Светилиште се состоела од два дела. Свештениците секој ден служеле во светињата, додека поглаварот свештенички еднаш годишно во светињата над светињите вршел посебно дело на помирување за исчистување на Светилиштето. Покајаните грешници секој ден ги доведувале своите жртви пред вратата на шаторот за состаноки, полагајќи рака врз главата на животното за жртва, ги признавале своите гревови. На овој начин гревовите сликовито ги пренесувале од себе на невината жртва. Потоа животното е заклано. „Без пролевање на крв“, вели апостолот, „нема проштавање.“ „Зашто животот на живото суштество е во крвта“ (3. Мојсева 17,11). Прекршениот Божји закон го барал животот на престапникот. Крвта, што го претставувала животот на грешникот, чијашто вина го носело животното за жртва, свештеникот ја внесувал во светињата (во првиот дел од Светилиштето) и со неа прскал пред завесата зад која се наоѓал ковчегот на заветот во кој бил сместен законот што го престапил грешникот. Со овој обред сликовито гревот, заедно со крвта, е пренесен во светињата. Во некои случаи крвта не е внесувана во светињата, но тогаш свештеникот го јадел месото на жртвата, како што им кажал Мојсеј на синовите Аронови, велејќи: „Господ ви ја даде за да го носите вие гревот на сиот народ“ (3. Мојсеева 10,17). Обата овие обреди еднакво го претставувале пренесувањето на гревот од покајникот во Светилиштето.
Тоа била служба што се вршела секој ден во текот на целата година. На овој начин гревовите на Израелците се пренесувани во Светилиштето и била потребна посебна служба со која тие (гревовите) ќе се отстранат оттаму. Бог заповедал да се исчисти секое одделение во Светилиштето. „Така ќе изврши обред на чистење на Светилиштето поради нечистотиите на Израелците, поради нивните престапи и сите нивни гревови.“ Морал да се исчисти и олтарот „и ќе го исчисти од нечистотиите на Израелците и ќе го посвети“ (3. Мојсеева 16,16.19).
Еднаш годишно, на големиот Ден на чистење, поглаварот свештенички влегувал во светињата над светињите (во второто одделение на Светилиштето, кое се викало и „нај свето место“) за да го исчисти Светилиштето. Со ова дело се завршувала годишната низа на служби. На Денот на чистење пред вратата на шаторот за состанок биле доведени два јарца. За нив се фрлала ждрепка „едниот Арон нека го одреди со ждрепка за Господа, а другиот за азазела“ (3. Мојсеева 16,8). Јарецот што би бил одреден за Господа требало да биде принесен за народот како жртва за грев. Свештеникот неговата крв ја внесувал зад завесата и со неа прскал над поклопецот на милоста и пред него. Со крвта требало да се пороси и кадилниот олтар што стоел пред завесата.
„Потоа да ги положи Арон двете раце врз главата на живиот јарец, да ги исповеда над него сите беззаконија на синовите Израелови, и сите нивни престапи, и сите нивни гревови, и истите да ги положи врз главата на живиот јарец, и одреден човек јарецот да го одведе в пустина. Така јарецот на себе ќе ги однесе сите нивни гревови во пустината“ (3. Мојсеева 16,21.22). Азазеловиот јарец за грев не се вратил веќе во логорот на Израел, а човекот што го одвел морал да се измие и да ја испере својата облека пред да влезе во логорот.
Целиот обред бил одреден со цел на Израелците да им всади во срцето свест за светоста на Бога и за неговата одвратност кон гревот и да им покаже дека не можат да бидат во допир со гревот а да не се осквернат со него. Додека се вршела оваа служба на чистење, секоја душа морала да се кае. Сите работи морале да бидат запрени, а целиот израелски народ овој ден морал да го поминува во свечено каење пред Бога во молитва, во пост и во искрено испитување на срцето.
Со оваа симболичка служба се прикажани важните вистини за помирувањето. Наместо грешникот, примена е неговата замена. Но со крвта на животното за жртва гревот не бил уништен. Со ова е предвиден начинот како гревот ќе биде пренесен во Светилиштето. Со принесувањето на крвта грешникот го признал авторитетот на законот, ја исповедал својата кривица поради престапот и покажал желба за проштавање и вера во идниот Откупител; но уште не бил наполно ослободен од проклетството на законот. На денот на чистење, поглаварот свештенички, откако ја презел од народот жртвата, со нејзината крв влегувал во светињата над светињите и со неа го поросувал поклопецот на милоста, непосредно над законот во ковчегот за да ги задоволи неговите барања. На тој начин тогаш тој како посредник ги примил гревовите на себе и ги изнел од Светилиштето. Положувајќи ги рацете врз главата на живиот јарец, ги признал над него сите гревови, и така симболички од себе ги пренел врз јарецот. Потоа јарецот гревовите ги однел в пустина, со што се сметало дека засекогаш се одземени од народот. (продолжува)