Пророк Даниел пишува: „Гледав: се поставија престоли и Прадревниот седна. Облеката му беше бела како снег, а косата на главата како чиста волна. Неговиот престол беше како огнени пламења, а тркалата како усвитен оган. Река огнена извираше и минуваше пред него; илјада илјади му служеа, десет илјади по десет илјади стоеја пред него. Судот седна и книгите се отворија“ (Даниел 7,9.10).
Така на пророкот во видение му е покажан големиот и свечен ден во кој Судијата на цел свет ќе го прегледа карактерот и животот на секој човек и кога на секого ќе му биде дадено според неговите дела. Прадревниот е Бог Отецот. Псалмистот вели: „Уште пред да се родат планините, пред да ги создадеш земјата и вселената ти си Бог, од века до века“ (Псалм 90,2).
Со тој суд ќе претседава Оној кој е зачетник на сиот живот и извор на сите закони. Како слуги и сведоци на овој голем суд ќе присуствуваат светите ангели, на број „илјада илјади и десет илјади по десет илјади“.
„Гледав во ноќните виденија и ете, на небесни облаци доаѓаше некој како Син човечки. Тој дојде до Прадревниот и застана пред него. Нему му се даде власт, слава и царство да му служат сите народи, племиња и јазици. Неговата власт е вечна власт и никогаш нема да помине и царството негово нема да пропадне“ (Даниел 7,13.14). Христовото доаѓање што е опишано овде не е неговото второ доаѓање на земјата. Тој доаѓа пред „Прадревниот“ на небото да прими власт, слава и царство што ќе му бидат дадени на крајот од неговата посредничка служба. Токму ова доаѓање, а не неговото второ доаѓање на земјата, беше преткажано во пророштвото како настан што треба да се случи на крајот од 2300 денови и ноќи, односно во 1844 година. Во придружба на небесните ангели, нашиот Поглавар свештенички влегол во светињата над светињите, се појавил во Божје присуство за да го изврши последниот дел од својата служба во корист на човекот да го изврши делото на истражниот суд, да изврши помирување за сите што се најдени достојни за неговата милост.
Во симболичката служба на Денот на помирување право на учество имале само оние што ги признале пред Бога своите гревови и се покајале и чиишто гревови, заедно со крвта на жртвата за грев, биле пренесени во Светилиштето. Така и во големиот ден на конечното помирување и на истражниот суд ќе се разгледаат само случаите на оние што тврделе дека му припаѓаат на Божјиот народ. Судот над грешниците е посебно и одвоено дело што ќе се изврши подоцна. „Зашто време е судот да почне од Божјиот дом, а ако почнува прво од вас, каков ли ќе им биде крајот на оние кои не му се покоруваат на Божјето евангелие“ (1. Петрово 4,17).
Небесните книги, во кои се забележани имињата и делата на луѓето, ќе бидат меродавни за донесување на одлуки на судот. Пророк Даниел вели: „Судот седна и книгите се отворија“ (Даниел 7,10). Опишувајќи го истиот настан, писателот на Откровението додава: „И друг свиток се отвори книгата на животот, и на мртвите им беше судено спрема она што е запишано во книгите, според нивните дела“ (Откровение 20,12).
Книгата на животот ги содржи имињата на сите што кога и да е му служеле на Бога. Исус им рекол на учениците: „Радувајте се што вашите имиња се запишани на небесата“ (Лука 10,20). Павле зборува за своите верни помагачи, „чиишто имиња се во книгата на животот“ (Филипјаните 4,3). Гледајќи го „жалното време какво што никогаш не постоело“, Даниел кажува дека Божјиот народ ќе биде избавен, „секој што ќе се најде запишан во книгата“ (Даниел 12,1). А Откровението зборува дека во Божјиот град ќе можат да влезат само оние чиишто имиња се „запишани во книгата на животот на Јагнето“ (Откровение 21,27).
„Книга за спомен“ е напишана пред Господа и во неа се забележани добрите дела на оние „кои се бојат од Господа и го слават неговото име“ (Малахија 3,16). Нивните зборови, проникнати со вера, нивните дела што зрачат љубов сето тоа е запишано на небото. Немија мисли на оваа книга кога кажува: „Спомни ме, Боже мој, затоа, и не ги бриши моите добри дела што ги направив за домот на мојот Бог и за службата во него“ (Немија 13,14). Во оваа книга за спомен овековечено е секое праведно дело. Тука точно е запишано секое победено искушение, секое надвладеано зло и секој збор на нежно сочувство. Тука се наоѓа запишано секое пожртвувано дело, секоја болка или страдање претрпени заради Христа. Псалмистот вели: „Боже, ти го знаеш мојот живот, солзите мои си ги ставил пред себе. Нели е сето тоа запишано во твојата книга?“ (Псалм 56,8). (продолжува)