(продолжува од претходниот ден) Вистина е дека и во Римокатоличката црква има вистински христијани. Постојат илјадници такви кои му служат на Бога според светлината што ја имаат. Тие не ја читаат Божјата реч и затоа не можат да ја запознаат вистината. Тие никогаш не ја забележале разликата меѓу живата служба на срцето и низата вообичаени форми и обреди. Бог со нежно сочувство ги гледа овие души кои се одгледувани во верата што е полна со измами и што не може да ја задоволи душата. Тој ќе стори зраците на светлината да проникнат низ густата темнина што ги опкружува. Ќе им ја открие вистината онаква каква што е во Исуса и мнозина ќе се придружат на неговиот народ.
Католицизмот како верски систем ни денеска не е поблизу до Христовото евангелие отколку што бил во кој и да е поранешен период на својата историја. Протестантските цркви се во голема темнина, зашто инаку би ги забележале знаците на времето. Римската црква има далекусежни планови. Таа се бори со сите средства да го прошири своето влијание и да ја зголеми својата сила; таа се приготвува за жестока и решавачка битка повторно да ја задобие превласта во светот, повторно да воведе прогонство и да го урне сè она што го изградил протестантизмот. Католицизмот освојува терен на сите страни. Погледнете го сè поголемиот број негови цркви и капели во протестантските земји. Видете колкава е во Америка популарноста на неговите високи школи и семинари што ги посетуваат протестанти во голем број. Видете како напредува во Англија ритуализмот и колку чести се преминувањата во редовите на католицизмот. (Ритуализам е верско движење основано во Оксфорд во 1833 година кое се труди Англиканската црква да ја приближи кон католичката). Ова треба да ги вознемири сите што ги ценат чистите начела на евангелието.
Протестантите се поврзале со папството и го штитат. Направиле спогодби и отстапки што ги изненадуваат дури и самите католици кои не можат тоа да го сфатат. Ги затвораат очите пред вистинскиот карактер на Римската црква и пред опасностите што им се закануваат од нејзината превласт. Народот треба да стане и да му се противстави на јакнењето на овој најопасен непријател на граѓанските и верските слободи.
Многу протестанти мислат дека католичката религија не е привлечна и дека нејзиното богослужение е здодевна и бесмислена церемонија. Тие се лажат. Иако католицизмот е основан на измами, измамата не е груба и невешта. Богослужението на Римската црква, со своите церемонии, остава најдлабок впечаток. Нејзиниот блескотен раскош и нејзините свечени обреди ги зашеметуваат сетилата и го замолкнуваат гласот на разумот и совеста. Окото е восхитено. Раскошните храмови, величествените процесии, златните олтари, со скапоцено камење украсените ковчези со реликвии на светците, одбраните слики и уметничките кипови сето тоа буди естетско чувство. И увото е восхитено. Музиката е ненадминлива. Кога ќе зазвучат богатите тонови на оргулите, придружувани со мелодии на многу гласови, и кога ќе се разнесат низ високите куполи и колонади на величествените катедрали, душата се исполнува со страв и почит.
Овој надворешен сјај, раскош и церемонија, кои само ги измамуваат стремежите на душите оптоварени со грев, е доказ за внатрешната расипаност. На Христовата вера не ѝ е потребен ваков раскош за да ѝ служи како препорака. Во светлината што свети од крстот, вистинското христијанство изгледа толку чисто и привлечно, што никакви надворешни украсувања не можат да ја зголемат неговата вистинска вредност. Кроткиот и мирен дух, кој пред Бога е многу ценет, е онаа света убавина.
Сјајниот стил не е секогаш доказ за чистите и возвишени мисли. Смисла за уметност и префинет вкус често се сретнува и кај луѓе чиишто мисли се земни и телесни. Сатаната често се служи со нив да ги наведе луѓето да ги заборават потребите на својата душа, да го загубат од вид идниот, вечен живот, да се одвратат од својот силен Помагач и да живеат само за овој свет.
Религијата, полна со церемонии и со надворешен сјај, е привлечна за непрероденото срце. Раскошот и церемониите на католичкото богослужение имаат заводлива, волшебна сила која мнозина прелагала Католичката црква да ја гледаат како вистинска небесна врата. Само оние што цврсто стојат на темелите на вистината, чиишто срца се обновени со Божјиот Дух, се заштитени од нејзиното влијание. Илјадници кои немаат живо искуство со Христа ќе бидат заведени да ја прифатат надворешната побожност која нема никаква сила. Таквата религија е токму она што го бараат мнозина.
Бидејќи црквата тврди дека има право да ги проштава гревовите, многу католици сметаат дека можат слободно да грешат. Исповедувањето, без кое црквата не дава проштавање, исто така во голема мера го помага злото. Оној што ги превиткува своите колена пред грешен човек, и во исповедта му ги открива своите тајни мисли и побудите на своето срце, го понижува своето човечко достоинство и го изопачува секое благородно чувство на својата душа. Откривајќи му ги своите гревови на свештеникот на грешен и смртен човек, кој често се оддава на пиење и пороци човекот го слабее и го расипува својот карактер. Неговото сфаќање за Бога е сведено на лик на паднат човек, зашто тука свештеникот се јавува како Божји намесник. Ова понижувачко исповедување на човекот пред човек е таен извор од кој излегуваат многу зла што го поганат светот и го приготвуваат за конечно уништување. Но на оној кој е попустлив кон самиот себеси поугодно му е да му се исповеди на смртен човек отколку своето срце да му го отвори на Бога. На човечката природа повеќе ѝ одговара да доживее срам и покор отколку да се откаже од гревот. Полесно му е да го мачи своето тело со коприви и со остри синџири отколку да ги распне телесните желби. Телесното срце повеќе сака да носи тешки окови отколку да го прими Христовиот јарем. (продолжува)