(продолжува од претходниот ден) За језуитите да имаат уште поголема моќ, папата издал декрет со кој повторно се воведува инквизицијата. Наспроти општото гнасење со кое неа ја гледале дури и во католичките земји, сепак, повторно е воспоставен од папските владетели страшниот суд, и пак во тајните затвори на инквизицијата се повторувале страшните грозомори што не можат ниту да се опишат. Во многу земји илјадници луѓе, цутот на народите, најчистите и најблагородните, најобразованите и најдобро воспитаните, побожните и предани проповедници, трудољубивите и родољубиви граѓани, сјајните научници, надарените уметници и вештите занаетчии биле убиени или присилени да бегаат во други земји.
Тоа биле средствата што ги употребил Рим да ја угасне светлината на реформацијата, на луѓето да им ја одземе Библијата и повторно да го воспостави незнаењето и празноверието на средниот век. Но, благодарение на Божјите благослови и на напорите на благородните луѓе што ги поттикнал Бог да го продолжат делото на Лутера, протестантизмот не е уништен. Неговата моќ не зависела од наклоноста на принцовите или од нивното оружје. Најмалечките земји, најскромните и најслабите народи станале негови одбранбени кули. Тука била малечката Женева, среде моќните непријатели кои се труделе да ја уништат; тука била Холандија, на песочните брегови на Северното Море, која се борела против шпанската тиранија, тогаш најголемо и најбогато кралство; тука била пустата и неплодна Шведска во која реформацијата извојувала победа.
Калвин работел во Женева речиси триесет години, прво тука да основе црква која ќе се придржува кон чистиот морал на Библијата, а потоа да ја рашири реформацијата низ цела Европа. Неговиот јавен живот не бил без мана, ниту неговото учење без заблуди. Но тој бил орудие со кое Бог се послужил да ги рашири вистините што имале особена важност за тоа време, да ги одржи начелата на протестантизмот против наглото подигање на папството и во протестантските цркви да воведе чист и едноставен живот наместо горделивоста и расипаноста што ги донесувало римското учење.
Од Женева излегувале списи и проповедници да ја рашират реформираната вера. Изгнаниците од сите земји ѝ се обраќале на Женева да добијат поуки, совети и охрабрувања. Калвиновиот град станал прибежиште за прогонетите протестанти на цела Западна Европа. Бегајќи пред налетите на страшната луња што беснеела со векови, бегалците барале прибежиште пред портите на Женева. Гладни, ранети, оттргнати од своите домови и роднини, овде наоѓале топол прием и нежно гостопримство. Како возврат за новиот дом што го нашле овде, тие на градот што ги примил му ја донеле својата уметност, своето знаење и својата побожност. Мнозина кои овде нашле прибежиште, подоцна се враќале во своите земји да се борат против римската тиранија. Џон Нокс, храбар шкотски реформатор, поголем број на англиски пуританци, протестанти на Холандија и Шпанија, како и хугеноти на Франција, од Женева го понеле факелот на вистината да ја растераат темнината во својата татковина.