(продолжува од претходниот ден) Дваесет и први јануари 1535 година бил одреден за таа ужасна церемонија. За таа цел поттикнати се празноверни стравувања и слепа омраза кај целиот народ. Париските улици биле полни со луѓе кои дошле од целата околина. Денот требало да почне со величествена и сјајна процесија. „Куќите, пред кои требало да помине процесијата, биле искитени со црни знамиња, а наместа биле подигнати олтари.“ Пред секоја врата гореле факли во чест на „светиот сакрамент”. Уште пред да осамне, пред кралскиот дворец се формирала поворка. „На чело на процесијата се носени знамиња и крстови на одделни жупи. По нив оделе граѓани, сите по двајца во ред, со запалени факли во раката.“ Нив ги следеле четири монашки реда, секој во својата посебна одежда. По тоа носена е голема збирка на прочуени реликвии. По нив јавале црковни великодостојници во своите пурпурни и скерлетни облеки, украсени со скапоцени камења сјајна и блескотна поворка!
„Хостијата ја носел парискиот бискуп под величествен балдахин што го држеле четири кнеза на Франција… Зад хостијата одел кралот… Франсоа I тој ден не носел ниту круна ниту кралска облека.“ „Гологлав, со наведен поглед, со запалена свеќа во раката“, кралот на Франција се појавил „како покајник“ (Исто, b. 13, ch. 21). Пред секој олтар покорно се поклонил, не поради гревовите што ја оскверниле неговата душа, не поради невината крв што ги извалкала неговите раце, туку поради „смртниот грев“ на своите приврзаници кои се осмелиле да станат против мисата. Зад него одела кралицата, а потоа државните великодостојници, исто така во ред двајца по двајца и секој со запалена свеќа.
Како дел на службата тој ден, кралот одржал говор во големата сала на бискупската палата пред вишите чиновници на своето кралство. Пред нив истапил со жалосно лице и со трогателна речитост ја оплакувал „изопаченоста на богохулните, денот на жалоста и срамот“. Тогаш го повикал секој верен приврзаник да помогне да се истреби опасното и штетно „кривоверство“ што се заканува да ја уништи Франција. „Како што е вистина, господа, дека јас сум ваш крал“, рекол, „така кога би знаел дека еден од членовите на моето тело е заразен со овој одвратен гнилеж, би дал да го пресечете… Уште повеќе: кога би видел едно од моите деца осквернето со тоа, не би го поштедил… Јас сам би го предал и би му го жртвувал на Бога.“ Неговиот глас го задушиле солзи, а целиот собир заплакал и еднодушно извикнал: „Ние ќе живееме и ќе умреме за католичката религија!“ (D’Aubigne, History of the Reformation in Europe in the Time of Calvin, b. 4, ch. 12).
Врз народот што ја отфрлил вистината се спуштила страшна темнина. Божјата милост, изворот на спасението за сите луѓе, се открила; но Франција, откако ја видела нејзината моќ и нејзиното преродбенско влијание, откако илјадници биле освоени со нејзината божествена убавина, откако градовите и селата биле осветлени со нејзината светлина, се одвратила од вистината, зашто нејзините жители повеќе ја сакале темнината отколку светлината. Го отфрлиле божествениот дар што им се нудел. Злото го нарекувале добро, а доброто зло, додека не станале жртва на својата тврдоглава самоизмама. Попусто сметале дека на Бога му вршат служба прогонувајќи го неговиот народ; нивната искреност не ја намалувала нивната кривица. Тие свесно ја отфрлиле светлината што можела да ги сочува од измама и нивните души од крв.
Во големата катедрала Нотр-Дам е положена свечена заклетва дека „кривоверството“ ќе се искорени. Тука, малку помалку од три века подоцна, народот кој го заборавил живиот Бог, на престолот ја издигнал „божицата на разумот“. Повторно е формирана процесија и претставниците на Франција го почнале делото за кое се заколнале дека ќе го извршат. „На малечки растојанија биле подигнувани ломачи за спалување на ‘кривоверците’. Наместено е одделни ломачи да бидат запалени кога ќе наиде кралот за да биде сведок на погубувањето” (Wylie, b. 13, ch. 21). Подробностите на претрпените маки на овие Христови сведоци премногу се грозни за да можеме да ги наведеме, но жртвите, сепак, не покажувале никаква нерешителност. Кога го присилувале еден верен да се откаже, тој одговорил: „Верувам само во она што некогаш го проповедале пророците и апостолите и во што верувале заедниците на светите. Мојата вера се потпира на Бога и ќе им се противстави на сите пеколни сили“(D’Aubigne, History of the Reformation in Europe in the Time of Calvin, b. 4, ch. 12). (продолжува)