(продолжува од претходниот ден) Со својот престап Адам ја загубил бесмртноста што му била ветена под услов на послушност. Тој не можел да му го пренесе на своето потомство она што самиот го немал; а за паднатиот род не би имало надеж кога Бог не би му овозможил на човекот бесмртност со жртвувањето на својот Син. Додека „смртта премина на сите луѓе, зашто сите згрешија“, Христос „на виделина донесе живот и бесмртност преку евангелието“ (Римјаните 5,12; 2. Тимотеј 1,10). Само во Христа може да се постигне бесмртност. Исус рекол: „Кој верува во Синот, има живот вечен, а кој не верува во Синот, нема да види живот“ (Јован 3,36). Секој човек може да го добие овој непроценлив благослов ако ги исполни условите. Сите „кои со истрајност прават добро и бараат слава, чест и нераспадливост“, ќе примат „вечен живот“ (Римјаните 2,7).
Единствено суштество кое му ветило на Адама живот во непослушност бил големиот измамник. А зборовите на змијата упатени до Ева во рајот: „Не, нема да умрете“, биле прва одржана проповед за бесмртност на душата. Па сепак, оваа изјава, што се темели единствено на авторитетот на сатаната, се повторува од христијанските проповедални и се прифаќа од мнозинството на човечкиот род исто толку бргу како што била прифатена од нашите прародители. Божествената пресуда: „Која душа ќе згреши, таа и ќе умре“ (Езекил 18,20), се толкува така како таа да значи: Душата што ќе згреши нема да умре, туку ќе живее вечно. Ние можеме само да ѝ се чудиме на необичната заслепеност која луѓето ги прави толку лековерни кон зборовите на сатаната, а толку недоверливи кон Божјите зборови.
Кога на човекот по неговиот пад би му бил дозволен слободен пристап кон дрвото на животот, тој би живеел вечно и така гревот би станал бесмртен. Но херувим со пламенен меч го чувал „патот кон дрвото на животот“ (1. Мојсеева 3,24), и никој од Адамовото семејство не смеел да ја пречекори таа граница за да земе од плодот што дава живот. Затоа нема бесмртен грешник.
Но, по човековиот пад, сатаната им заповедал на своите ангели да вложат посебни напори да се распространи верувањето во вродена човекова бесмртност; и бидејќи ги навеле луѓето да ја прифатат оваа заблуда, тие настојувале да ги доведат до заклучок дека грешниците ќе живеат во вечни маки. Сега кнезот на темнината, преку своите орудија, Бога го претставува како тиран полн со одмазда и тврди дека Тој сите што не му се по волја ги фрла во пекол каде што мораат вечно да го поднесуваат неговиот гнев; и додека тие трпат неискажливи маки и се превиваат од болка во вечен оган, нивниот Творец ги гледа озгора со задоволство.
На овој начин заколнатиот непријател своите лични особини му ги припишува на Творецот и на Добротворот на човечкиот род. Свирепоста е особина на сатаната. Бог е љубов, и сè што создал било чисто, свето и совршено додека првиот голем бунтовник не донел грев. Сатаната е непријател кој човекот го наведува на грев и потоа настојува да го уништи, ако може. А кога е сигурен во својата жртва, се радува за пропаста што ја предизвикал. Кога би му било дозволено, тој целиот човечки род би го фатил во својата мрежа. Кога не би се вмешала божествената моќ , ниеден Адамов син или ќерка не би можеле да му побегнат.
И денеска сатаната се труди да ги победи луѓето како што ги победил нашите први родители на тој начин што ја поколебал нивната доверба во Творецот и ги поттикнал да се сомневаат во мудроста на неговото владеење и во праведноста на неговиот Закон. Сатаната и неговите пратеници Бога го прикажуваат во полоша светлина отколку што се самите тие само да ја оправдаат својата сопствена злоба и бунт. Големиот измамник настојува својот грозен и свиреп карактер да му го подметне на нашиот небесен Отец, а самиот да се прикаже како суштество на кое со протерувањето од небото му е нанесена голема неправда зашто не сакал да му се покори на еден толку неправеден господар. Тој ја истакнува пред светот слободата што можат тие да ја уживаат под неговото благо владеење спротивно на ропството што го донесуваат строгите наредби на Јехова. На овој начин успева да ги одврати душите од нивната верност кон Бога. (продолжува)