Уште од почеток на човечката историја сатаната почнал да вложува напори да го измами нашиот род. Оној што предизвикал бунт на небото сакал да ги наведе и жителите на земјата да се здружат со него во борба против Божјето владеење. Адам и Ева биле потполно среќни додека биле послушни кон Божјиот закон и овој факт бил непобитен доказ против тврдењето на сатаната на небото дека Божјиот закон е насилен и дека е насочен против среќата на Божјите созданија. Освен тоа, кај сатаната била предизвикана завист кога ја видел убавата татковина, приготвена за безгрешната брачна двојка. Тој решил да ги обори за да може, кога ќе ги оддели од Бога и кога ќе ги подложи под своја власт, да ја стави земјата под своја сопственост и тука да воспостави свое царство наспроти Севишниот.
Кога сатаната би го открил својот вистински карактер, би бил веднаш одбиен, зашто Адам и Ева биле предупредени против овој опасен непријател. Но тој дејствувал подмолно, прикривајќи ја својата намера за што поуспешно да ја постигне својата цел. Употребувајќи како свое орудие змија, која тогаш била едно од најубавите созданија, ѝ се обратил на Ева со прашањето: „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниту едно дрво во рајот?“ (1. Мојсеева 3,1). Кога Ева не би стапила во разговор со искушувачот, сигурно би се сочувала од стапиците на сатаната. Но таа се осмелила да стапи во врска со него и паднала како жртва на неговото лукавство. Така и денеска мнозина стануваат победени. Тие се сомневаат и ги критикуваат Божјите барања и, наместо да ги слушаат божествените прописи, прифаќаат човечки сфаќања зад кои се кријат само планови на сатаната.
„А жената ѝ рече на змијата: ‘Ние јадеме плод од секое дрво во рајот; само од плодот на она дрво среде рајот’, рече Бог, ‘не јадете и не допирајте го, за да не умрете!’ Тогаш змијата ѝ рече на жената: ‘Не, вие нема да умрете! Бог знае оти оној ден кога ќе вкусите од него ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло’“ (1. Мојсеева 3,2-5). Тој тврдел дека тие ќе станат како Бог, дека ќе бидат надарени со поголемознаење отколку порано и оспособени за повисок живот. Ева попуштила пред искушението, а под нејзино влијание и Адам е наведен на грев. Тие им поверувале на зборовите на змијата дека Бог не мислел онака како што кажал. Се посомневале во својот Творец и вообразиле дека Тој ја ограничува нивната слобода и дека со престапот на неговиот Закон можат да постигнат поголема мудрост и повисока положба.
Но дали Адам по паѓањето во грев ја дознал смислата на зборовите: „Зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, навистина ќе умреш?“ (1. Мојсеева 2,17). Дали нивното значење одговарало на она што го навел сатаната да верува: дека ќе постигне повозвишен живот? Во тој случај престапот би бил големо добро, а сатаната би се покажал како добротвор на нашиот род. Меѓутоа, Адам сфатил дека божествената пресуда не може да се протолкува така. Бог рекол дека поради гревот човекот ќе мора пак да се врати во земјата од која е земен: „Зашто си прав и во прав ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3,19). Зборовите на сатаната: „Туку знае Бог… дека ќе ви се отворат очите“, се покажале вистинити само во ова: бидејќи Адам и Ева не останале послушни, им се отвориле очите да ја видат својата лудост. Го запознале злото и го вкусиле горчливиот плод на својот престап.
Среде градината растело дрво на животот чијшто плод имал сила постојано да го обновува животот. Кога Адам би му останал послушен на Бога, тој и понатаму би имал слободен пристап кон тоа дрво и би живеел вечно. Но, кога згрешил, не смеел повеќе да јаде од дрвото на животот и така станал подложен на смртта. Божествената пресуда: „Зашто си прав и во прав ќе се вратиш“, укажува на целосно гаснење на животот. (продолжува)