(продолжува од претходниот ден) Цело небо се радувало што ја одблеснувал славата на Творецот и ја величел неговата правда. И додека Бог бил почитуван на овој начин, насекаде владееле мир и радост. Но небесната хармонија ја нарушил еден нехармоничен тон. Извишувањето на самиот себеси и службата себеси, што е во спротивност со планот на Творецот, разбудиле мрачни претчувства кај ангелите на кои прославувањето на Бога им било највисока должност. Небесниот совет расправал со Луцифера. Божјиот Син му укажувал на големината, на добротата и праведноста на Творецот и на светата и непроменлива природа на неговиот Закон. Сам Бог воспоставил ред на небото, а Луцифер со отстапувањето од него би го презрел својот Творец и самиот себеси би се урнал во пропаст. Но опомената, дадена единствено од неизмерна љубов и милост, предизвикала уште посилен дух на противење. Луцифер дозволил со него да завладее завист кон Христа и станувал сè поупорен.
Се гордеел со својата слава и се стремел кон превласт. Високите почести што му биле укажувани на Луцифера тој не ги ценел како Божји дар и тие кај него не разбудиле благодарност кон Творецот. Тој се фалел со својата слава и со возвишената положба и настојувал да се изедначи со Бога. Небесните чети го сакале и го почитувале. Ангелите се радувале што можеле да ги извршуваат неговите наредби, а тој повеќе од сите бил надарен со мудрост и слава. Сепак, Божјиот Син бил признат како владетел на небото, во силата и власта еднаков со Отецот. Христос учествувал во сите советувања со Отецот, а на Луцифера не му било дозволено да биде упатен во сите Божји намери. Овој силен ангел се прашувал: Зошто Христос да има највисока власт? Зошто да го почитува и Луцифер?
Напуштајќи го своето место во непосредна Божја близина, Луцифер отишол меѓу ангелите да сее дух на незадоволство. Вршејќи ја својата работа потајно и криејќи ги своите вистински намери под плашт на стравопочит кон Бога, се трудел да предизвика незадоволство кон законите според кои се управуваат сите небесни суштества. Тврдел дека тие се непотребно ограничување. Сатаната докажувал дека ангелите, бидејќи по природа се свети, треба да го слушаат гласот на својата сопствена волја. Настојувал кај нив да предизвика сочувство кон себе, прикажувајќи се така као Бог неправедно да постапувал со него со тоа што на Христа му укажал највисока чест. Тврдел дека, барајќи поголема власт и чест, не оди кон извишување на самиот себеси, туку се труди да им обезбеди слобода на сите жители на небото, за да можат да се издигнат во повисоки сфери на постоење.
Бог во својата голема милост долго го трпел Луцифера. Не го отстранил веднаш од неговата висока положба кога почнал да предизвикува дух на незадоволство, па дури ни тогаш кога почнал да ги шири своите бунтовни барања меѓу ангелите. Долго му било дозволено да остане на небото. Често му било нудено проштавање под услов да се покае и да биде покорен. Вложени се такви напори какви што можела да замисли само неизмерната Љубов и Мудрост за да го одврати од неговите заблуди. Никогаш до тогаш на небото не се знаело за незадоволство. Ни сам Луцифер од почеток не знаел каде го водат неговите мисли; тој не ја сфатил вистинската природа на своите чувства. Но кога било докажано дека неговото незадоволство е неоправдано, се уверил оти немал право, дека божествените барања се праведни и дека истите треба да ги признае пред целото небо. Да го сторил тоа, би се спасил не само себеси, туку и многу ангели. Во тоа време уште не ја покажал наполно својата неверност кон Бога. Иако се откажал од својата положба како ангел засолнувач, сепак, тој пак би можел да биде вратен во својата поранешна служба кога би се вратил кај Бога признавајќи ја мудроста на Творецот и задоволувајќи се да го заземе местото што му било понудено според големиот Божји план. Но гордоста го спречувала да се покори. Тврдоглаво ги бранел своите постапки, тврдејќи дека не му е потребно покајание и отворено стапил во голема борба против својот Творец.
Ги употребил сите сили на својот јак дух со измама да ги задобие симпатиите на ангелите што биле под негово заповедништво. Дури и фактот што Христос го опоменал и го советувал, го изопачил и го ставил во служба на своите предавнички намери. На оние со кои го врзувала најсрдечна доверба им се жалел дека е неправедно осуден, дека неговата положба не се цени и дека се работи на тоа да му се ограничи слободата. Бидејќи не бил задоволен само со извртувањето на Христовите зборови, почнал да ја искривува вистината и отворено да шири лаги, обвинувајќи го Божјиот Син дека сака да го понижи пред небесните жители. Исто така се обидувал лажно да ги обвини ангелите кои му останале верни на Бога. Сите што не можел да ги заведе и да ги придобие на своја страна ги обвинил дека се рамнодушни кон небесните интереси. Токму за делата што самиот ги правел ги обвинувал оние што му останале верни на Бога. За да ги засили своите обвинувања де ка Бог е неправеден кон него, лажно ги претставувал зборовите и делата на Творецот. Негова цел била да ги збуни ангелите со вешто извртување на Божјите намери. Сè што било едноставно го обвил во таинственост, а со вешто искривување на фактите предизвикал сомневање кон најјасните Господови изјави. Неговата висока положба, толку тесно поврзана со божественото владеење, му помогнала при неговото претставување и многу ангели биле заведени да му се придружат во бунтот против небесниот авторитет. (продолжува)