(продолжува од претходниот ден) Сега за вината на сатаната нема оправдување. Тој е наполно обелоденет: измамник и убиец. Било јасно дека истиот дух, со кој владеел над синовите човечки, кои биле под негова власт, би се открил и на небото кога би му било дозволено да владее над неговите жители. Тврдел дека престапот на Божјиот закон ќе донесе слобода и напредок, а наместо тоа, донел ропство и понижување.
Лажните обвинувања на сатаната против божествениот карактер и против неговото владеење го покажале своето вистинско лице. Бога го обвинувал дека бара покорност и послушност од своите созданија за да се извиши и изјавил дека Творецот, присилувајќи ги сите други на самооткажување, самиот не покажува самооткажување ниту принесува некаква жртва. Сега се видело дека за спасението на паднатиот и грешниот човек Владетелот на вселената дал најголема жртва што може да ја даде само љубовта, „имено, Бог го миреше светот со себе во Христа“ (2. Коринќаните 5,19). Понатаму, се видело дека Луцифер, стремејќи се кон чест и превласт, му ја отворил вратата на гревот, а Христос, за да го уништи гревот, се понизил и бил послушен сè до смрт.
Бог јасно ја покажал својата одвратност кон начелата на бунтот. Цело небо во осудата на сатаната и во спасението на човекот го видело откровението на Божјата праведност. Луцифер тврдел: Ако Божјиот закон е непроменлив и ако неговата казна е неизбежна, тогаш секој престапник мора засекогаш да ја загуби Божјата наклоност. Тврдел дека грешното човештво не може да биде спасено и дека од таа причина тоа е негов законит плен. Но Христовата смрт била непореклив доказ во прилог на човекот. Законската казна се урнала врз Оној кој бил еднаков со Бога, а човекот можел да ја прифати Христовата праведност и со покајание и понизен живот да го победи сатаната, како што го победил и Божјиот Син. Така Бог е праведен и ги оправдува сите што веруваат во Исуса.
Но Христос не дошол на оваа Земја да страда и да умре само затоа да го спаси човекот. Тој дошол „Законот да го стори голем и славен“. Дошол не само жителите на овој свет да го почитуваат Законот како што треба, туку и на сите светови да им покаже дека Божјиот закон е непроменлив. Кога Законот би можел да се укине, тогаш Божјиот Син не би морал да го жртвува својот живот за да го окае престапот на Законот. Христовата смрт е доказ за непроменливоста на Законот; жртвата што ја принела бесконечната љубов на Отецот и Синот за грешниците да можат да бидат спасени што единствено можел да го стори овој план на спасение на целата вселена ѝ покажува дека правдата и милоста се темел на Божјиот закон и на Божјето владеење.
Кога судот ќе заврши, ќе се види дека за гревот не постоела причина. Кога Судијата на сета Земја ќе го праша сатаната: „Зошто се дигна против мене и ми ги отимаше следбениците на моето царство?“, зачетникот на гревот не ќе може да даде никакво оправдување. Сите усти ќе бидат затворени бунтовничките чети ќе стојат неми.
Крстот на Голгота е доказ дека Законот е непроменлив. Тој исто така на светот му објавува дека плата за гревот е смрт. Последниот извик на Спасителот: „Се сврши!“, одекнал како посмртно ѕвоно на сатаната. Тогаш големата борба што траела толку долго била решена и конечно е осигурено истребување на гревот. Божјиот Син поминал низ вратата на гробот „за со смртта да го обессили оној кој ја имаше власта над смртта, односно ѓаволот“ (Евреите 2,14). Стремежот на Луцифера кон самоизвишување го навел да каже: „Ќе си подигнам себеси престол погоре од Божјите ѕвезди… ќе бидам еднаков со Севишниот.“ А Бог кажува: „Затоа, јас ќе те претворам во пепел на земјата… и нема да те има повеќе“ (Исаија 14,13.14; Езекил 28,18.19). „Еве, доаѓа денот кој гори како печка; горделивите и злосторниците ќе бидат како стрниште: денот што се ближи ќе ги запали, вели Господ над војските, и нема да им остави ни корен ни гранчиња“ (Малахија 4,1).
Целата вселена ќе биде сведок за природата и за последиците на гревот. А неговото целосно уништување кое, да било извршено веднаш на почетокот, би ги уплашило ангелите и на Бога би му нанело срам, сега ќе ја оправда неговата љубов и ќе ја издигне неговата чест пред сите суштества на вселената, кои со најголема радост ја исполнуваат неговата волја и во чиишто срца е напишан неговиот Закон. Злото никогаш нема веќе да се појави. Божјата реч вели: „Гибелта нема два пати да се подигне“ (Наум 1,9). Божјиот закон, што го презирал сатаната како јарем на ропство, ќе биде почитуван како Закон на слобода. Проверените и искушани созданија никогаш веќе нема да отпаднат од својата приврзаничка верност кон Оној чијшто карактер се открил пред нив како непреодолива љубов и бесконечна мудрост.