(продолжува од претходниот ден) Фанатизмот бил задушен за извесно време; но, по неколку години избувнал со уште поголема жестокост и со уште пострашни последици. Зборувајќи за овие водачи, Лутер се изразил вака: „За нив Светото писмо е само мртво слово. И сите викаат: ‘Дух, Дух!’ Но бидете уверени дека јас нема да одам таму каде што ги води нивниот дух. Милостивиот Бог нека ме сочува од таквата црква каде што сите се сметаат за светци. Јас сакам да останам овде каде што има понизни, слаби, болни, кои ги познаваат и ги чувствуваат своите гревови, кои воздивнуваат и постојано се молат Бог да им даде утеха и помош“ (Исто, b. 10, ch. 10).
Најактивниот меѓу овие фанатици, Тома Минцер, бил човек со големи способности кои, кога би се служел со нив на исправен начин, би му овозможиле да прави добро. Но тој не ги научил ниту првите начела на вистинската религија. „Бил обземен со желба да го реформира светот, заборавајќи, како и многу занесеници, дека со таа реформа треба да почне од себе“ (Исто, b. 9, ch. 8). Настојувал да постигне положба и влијание и во таа желба не сакал да попушти пред никого, па дури ни пред Лутера. Изјавил дека реформаторите, ставајќи го авторитетот на Писмото наместо папството, само го измениле обликот на папството. Сам тврдел дека е пратен од Бога да воведе вистинска реформа. „Оној што го има тој дух“, тврдел Минцер, „има вистинска вера, иако никогаш во својот живот не го видел Светото писмо“(Исто, b. 10, ch. 10).
Овие занесени учители, играчки на своите впечатоци, секоја своја мисла ја сметале за Божји глас, со што отишле во крајност. Некои дури ги запалиле своите Библии, велејќи: „Словото убива, а Духот оживува!“ Учењето на Минцера ги задоволувало оние што барале чуда, а во исто време било пријатно за нивната горделивост која барала човечките идеи и мислења да се стават над Божјата реч. Илјадници ја примиле неговата наука. Набргу отфрлил секој ред во јавното богослужение, изјавувајќи дека да се слушаат кнезовите значи исто што и обид да му се служи на Бога и на Велијара.
Кога овие луѓе почнале да ги отфрлаат од себе синџирите на папството, не сакале повеќе да ги трпат ниту ограничу вањата на граѓанските власти. Превратничката наука на Минцера, која нејзините приврзаници ја сметале за вдахната од Бога, довела до презир на редот и законитоста и им дала мав на предрасудите и страстите. Како последица на тоа се јавиле страшни сцени на буни и насилства: германските полиња биле натопени со крв.
Душевните страдања што ги преживувал порано Лутер во Ерфурд, сега го обзеле со двојна сила поради тешките последици на фанатизмот, што ѝ се припишувани на реформацијата. Римските великодостојници тврделе а мнозина биле наклонети да им веруваат дека тој бунт е плод на Лутеровото учење. Иако ова обвинување било неосновано, сепак, реформаторот многу го загрижило. Да се прикажува делото на реформацијата како највисок фанатизам, тоа му се чинело повеќе отколку што можел тој да поднесе. Од друга страна, и водачите на новото движење го мразеле Лутера, зашто тој не само што се противел на нивното учење и на нивните тврдења дека ги води божествено вдахновение, туку дури ги прогласил за бунтовници против граѓанските власти. За да му се одмаздат, тие него го прогласиле за подол измамник. Се чинело дека реформаторот навлекол на себе омраза и од кнезовите и од народот.
Приврзаниците на Рим се радувале, очекувајќи скорашна пропаст на реформацијата. Го напаѓале Лутера дури и за такви грешки што тој со најголема ревност настојувал да ги исправи. Фанатичката партија, тврдејќи дека со неа се постапува неправедно, успеала да ги задобие симпатиите на голем број луѓе; и како често што се случува со оние што ќе појдат по погрешен пат, почнале да се сметаат за маченици. И така тие што енергично станале против реформацијата биле сожалувани и славени како жртви на свирепоста и насилството. Тоа било сатанско дело, поттикнато со истиот бунтовнички дух што се појавил прво на небото. (продолжува)