(продолжува од претходниот ден) Токму пред нас е „часот на искушението што ќе дојде врз целиот свет за да ги испита оние кои живеат на земјата“ (Откровение 3,10). Сите, чијашто вера не е цврсто втемелена на Божјата реч, ќе бидат измамени и совладани. Сатаната користи и сè повеќе ќе користи „секаква измама и неправда“ за да ги стави синовите човечки под своја власт. Но тој својата цел може да ја постигне само тогаш ако човекот доброволно се согласи да ги прифати неговите искушенија. Оние кои сериозно се трудат да ја запознаат вистината и се борат преку послушноста да ја исчистат својата душа и прават сè што е во нивна моќ да се подготват за борбата, ќе најдат сигурна заштита во Бога, кој е извор на вистината. „Бидејќи ти ја запази речта на моето трпение, и јас ќе те запазам тебе“ (Откровение 3,10), е ветување на Спасителот. Тој побргу ќе ги прати сите небесни ангели да го заштитат неговиот народ, отколку што ќе му дозволи на сатаната да совлада и една душа која се надева на него.
Пророкот Исаија ја изнесува страшната измама со која ќе се соочат грешниците и која ќе стори тие да се чувствуваат сигурни од осудата на Божјиот суд: „Склучивме сојуз со смртта, и се спогодивме со гробот. Кога ќе помине разурнувачкиот камшик, не, нема да стигне до нас, зашто од лагата си направивме засолниште и од измамата прибежиште“ (Исаија 28,15). Во оваа група луѓе се вбројуваат сите кои во својата тврдоглава непокајаност се тешат со самоувереноста дека за грешникот нема казна, дека сите луѓе, колку и да се расипани, ќе отидат на небото каде што ќе бидат како Божји ангели. Но уште посигурни се сметаат оние што направиле завет со смртта и договор со гробот, кои ги отфрлаат вистините што ги предвидело Небото како заштита за праведниците во деновите на неволјата, а бараат прибежиште во лагите што ги пласира сатаната во вид на примамливи измами на спиритизмот.
Повеќе од вчудовидувачка е заслепеноста на луѓето на нашето поколение. Илјадници ја отфрлаат Божјата реч како недостојна за верување, а со голема доверба ги прифаќаат измамите на сатаната. Скептиците и подбивачите ги напаѓаат како верски фанатици оние што се борат за верата на пророците и апостолите и наоѓаат задоволство во тоа да ги исмеваат свечените изјави на Светото писмо за Христа, за планот на спасението и за судот што ќе ги погоди сите кои ја отфрлаат вистината. Тие длабоко ги сожалуваат оние кои, според нивно мислење, се толку ограничени, слаби и празноверни, што можат да ги признаат Божјите права и да ги прифатат барањата на неговиот Закон. Тие покажуваат таква сигурност, како навистина да склучиле сојуз со смртта и со гробот, како да подигнале непреодна, непробивна ограда меѓу себе и Божјата одмазда. Ништо не може кај нив да разбуди страв. Тие во толкава мера му се предале на искушувачот, што тесно се соединиле со него и во толкава мера се исполниле со неговиот дух, што немаат сила ниту желба да се оттргнат од неговата стапица.
Сатаната долго се приготвувал за својот последен напор да го измами светот. Тој поставил темел за својата работа со ветувањето што ѝ го дал на Ева во Едем: „Не, вие нема да умрете! Туку… оној ден, кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло“ (1. Мојсеева 3,4.5). Малку по малку го приготвил патот за својата најголема измама во развитокот на спиритизмот. Уште не ги остварил во целост своите намери, но ќе ги оствари во последниот остаток на времето. Пророкот кажува: „И видов… три нечисти духа како жаби; имено, тоа се демонски духови кои прават чуда и одат кај царевите на целиот свет за да ги соберат за војна во великиот ден на семоќниот Бог“ (Откровение 16,13.14). Со исклучок на оние што ќе ги сочува Божјата сила со вера во неговата Реч, во оваа измама ќе биде вовлечен цел свет. Народот, успиен во кобна сигурност, ќе се разбуди дури тогаш кога врз него ќе почне да се излева Божјиот гнев.
Господ Бог кажува: „Ќе ја земам правината за мерка, а правдата за терезија. Град ќе ви го уништи прибежиштето на измамата и води ќе ви го потопат засолништето на лагата. Ќе го уништам вашиот сојуз со смртта и вашата спогодба со гробот, и кога ќе помине разурнувачкиот камшик, вие ќе бидете сотрени“ (Исаија 28,17.18).