(продолжува од претходниот ден) Малку има такви кои имаат вистински поим за заводничката моќ на спиритизмот и за опасностите што им се закануваат на оние кои доаѓаат под негово влијание. Мнозина се занимаваат со него само за да го задоволат своето љубопитство. Всушност тие не веруваат во него и со ужас би отстапиле назад при помислата дека би можеле да паднат под власт на духовите. Но тие се осмелуваат да стапат на забранет терен, а силниот непријател ја покажува над нив својата моќ и против нивна волја. Само ако еднаш се изложат на неговото влијание, тој ги заробува. Не е можно со своја сопствена сила да се оттргнат од неговата заводлива и примамлива волшебност. Ништо, освен Божјата сила, дарувана како одговор на сериозна молитва проникната со вера, не може да ги ослободи овие души фатени во стапица.
Сите што попуштаат пред грешните склоности или свесно негуваат некој познат грев, навлекуваат на себе стотици искушенија. Тие се изделуваат од Бога и се лишуваат од заштитата на неговите ангели; и кога сатаната ги мами, тие немаат одбрана и стануваат лесен негов плен. Тие, кои на овој начин ја прифаќаат неговата сила, и не насетуваат каде ќе завршат. Откако ќе ги совлада, искушувачот ќе ги употреби како свои орудија за и други да намами во пропаст.
Пророкот Исаија кажува: „Ако ви кажат: ‘Прашајте духови и гатачи кои шепотат и мрморат’, вие одговорете: ‘Не треба ли народот да го праша својот Бог? Зар за живите ќе се распрашуваат кај мртвите?’ Закон и сведоштво барајте. Кој не зборува така, за него нема зора“ (Исаија 8,19.20). Кога луѓето би сакале да ја прифатат вистината за човечката природа и за состојбата на мртвите, која е толку јасно изнесена во Светото писмо, тие во тврдењата и во појавите на спиритизмот на дело би го виделе сатаната со неговата сила, со неговите знаци и лажни чуда. Но, наместо да ја отфрлат лажната слобода, толку привлечна за телесното срце, и да се откажат од гревот што им станал мил, мнозина ги затвораат очите пред светлината и ги отфрлаат опомените, и продолжуваат така додека сатаната плете околу нив мрежи та тие стануваат негов плен. „Бидејќи не ја примија љубовта на вистината за да се спасат, Бог им праќа заблуда да дејствува меѓу нив за да ѝ веруваат на лагата“ (2. Солуњаните 2,10.11).
Оние што станале против учењето на спиритизмот, ги напаѓаат не само луѓето, туку и сатаната и неговите ангели. Тие се впуштиле во борба со властите и со силите на темнината под небото. Сатаната нема да отстапи ниту за педа од својот терен, освен ако биде потиснат со силата на небесните весници. Божјиот народ треба да биде способен да му се противстави како нашиот Спасител со зборовите: „Пишано е!“ Сатаната и денеска може, како и во Исусово време, да цитира места од Светото писмо, и тој го изопачува неговото учење за да ги поткрепи своите измами. Оние што сакаат во ова време на опасност цврсто да стојат, мора лично добро да го разберат сведоштвото на Светото писмо.
Мнозина ќе се соочат со ѓаволските духови што ќе им се појават како нивни мили роднини и пријатели објавувајќи им најопасни заблуди. Овие посетители ќе влијаат врз нашите најнежни чувства и ќе прават чуда за да ги поткрепат своите тврдења. Мораме да бидеме подготвени да им се противставиме со библиската вистина дека мртвите не знаат ништо и дека тие што се јавуваат така се ѓаволски духови. (продолжува)