(продолжува од претходниот ден) Пред толку силното и славно собрание реформаторот, со скромно потекло, се чинело дека се збунил и уплашил. Некои кнезови, гледајќи ја неговата возбуда, му се приближиле љубезно, и еден од нив му шепнал: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат.“ Друг додал: „Кога ќе ве изведат пред управители и цареви заради моето име, Духот на вашиот Отец ќе ви каже што треба да зборувате.“ Така големците на овој свет ги употребиле Христовите зборови да го охрабрат Божјиот слуга во мигот на искушението.
Лутера го довеле на определено место спроти царскиот престол. Во соборната сала настанала тишина. Тогаш станал еден царски службеник, ја покажал збирката на Лутеровите списи и го повикал реформаторот да одговори на две прашања: Дали признава дека тоа се негови списи и дали е готов да се откаже од мислењата што ги изнел во нив. Откако биле прочитани насловите на книгите, Лутер одговорил дека, во врска со првото прашање, признава оти тие книги се негови. „Во врска со второто прашање“, рекол тој, „бидејќи тоа е прашање на верата и спасението на душата и бидејќи се однесува на Божјата реч, која е најголемо и најдрагоцено богатство на небото и на земјата, би постапил неразумно кога би одговорил пред да размислам, зашто можеби би тврдел помалку отколку што дозволуваат околностите или повеќе отколку што бара вистината и на тој начин сигурно би згрешил против Христовите зборови: ‘Кој ќе се откаже од мене пред луѓето, и јас ќе се откажам од него пред мојот Отец кој е на небесата’ (Матеј 10,33). Затоа, понизно го молам царското величество да ми даде време да размислам за да можам да одговорам а да не згрешам против Божјата реч“ (D’Aubigne, b. 7, ch. 8).
Изнесувајќи го тоа барање, Лутер постапил мудро. На овој начин го уверил соборот дека не постапува поттикнат од страст или од лични побуди. Таквиот мир и совладување на самиот себе, што не се очекувале од човек кој се покажал толку смел и непопустлив, ја зацврстиле неговата сила и го оспособиле подоцна да одговори разумно и решително, мудро и достоинствено, со што ги изненадил и ги збунил своите противници и ја укорил нивната дрскост и горделивост.
Следниот ден требало да излезе пред соборот и да го даде својот конечен одговор. Реформаторот за миг ја загубил храброста гледајќи ги силите што се здружиле против вистината. Неговата сигурност се поколебала, го обзел страв и трепет и чувствувал ужас. Пред него се множеле опасности и се чинело дека неговите непријатели ќе триумфираат и силите на темнината ќе преовладеат. Пред него се напластиле облаци и изгледало дека ќе го одделат од Бога. Тој копнеел за сигурност семожниот Бог да биде со него. Во душевен страв се фрлил со лицето на земја и од неговото скршено срце се оттргнале вопли што само Бог можел целосно да ги разбере.
„О семожен и вечен Боже“, велел тој, „колку е страшен овој свет! Ете, ја отворил својата челуст да ме проголта, а јас толку малку се надевам во тебе… Ако морам да се потпирам само врз силата на овој свет, тогаш за мене сè е загубено… Настапил мојот последен час, мојата осуда е изговорена… О Господе, помогни ми ти против сета мудрост на овој свет. Стори го тоа ти, сам, …зашто тоа не е мое дело, туку твое. Јас немам никаква лична работа овде; немам што да расправам со големците на овој свет… Но ова дело е твое, тоа е праведно и вечно. О Господе, помогни ми! Верен и непроменлив Боже, јас не се потпирам ниту на еден човек… Тоа би било залудно. Сè што е човечко е несигурно. Сè што доаѓа од човек пропаѓа… Ти ме избра за ова дело… Биди ти крај мене заради името на твојот сакан Син Исус Христос, кој е моја одбрана, мој штит и моја силна тврдина (Исто, b. 7, ch. 8).
За да го сочува реформаторот да не се потпре врз својата сопствена сила и одненадеж да се урне во пропаст, Бог во својата мудрост дозволил Лутер да дознае каква опасност му се заканува. Го обзел ужас кој не потекнувал од стравот за сопствените страдања или од смртта што изгледала неминовна. Настапил критичниот час, а тој се чувствувал неспособен да го дочека. Поради неговата слабост делото на вистината би можело да претрпи пораз. Тој се борел со Господа не за својата лична сигурност, туку за победа на вистината. Го чувствувал истиот страв и истата душевна борба како Израел онаа ноќ крај осамениот поток. И како Израел, тој победил во борбата со Бога. Во својата целосна немоќ се фатил цврсто со вера за Христа, за моќниот Ослободител. Бил охрабрен со сигурноста дека нема да излезе сам пред соборот. Во неговата душа повторно завладеал мир и тој се радувал што му се дава можност да ја издигне Божјата реч пред владетелите на народите.
Со цврста сигурност во Бога, Лутер се приготвувал за борбата што го чекала. Направил план за својот одговор, проверил некои места од своите списи и побарал во Библијата згодни докази за да ги поткрепи своите тврдења. Тогаш, ставајќи ја левата рака на светата Книга што била отворена пред него, и подигајќи ја десницата кон небото, ветил дека ќе му „остане верен на евангелието и слободно ќе ја исповеда својата вера, па макар да мора тоа да го запечати и со својата крв“ (Исто, b. 7, ch. 8). (продолжува)