Кога помина времето во кое првпат се очекуваше Христовото доаѓање пролетта 1844 година оние кои со вера го очекуваа неговото доаѓање извесно време живееја со сомневање во срцето и во неизвесност. Додека светот нив ги гледаше како поразени и разочарани луѓе и им докажуваше дека сето тоа било заблуда, извор на нивна утеха сè уште беше Светото писмо. Мнозина продолжија да го истражуваат Писмото. Повторно ги испитуваа доказите за својата вера и внимателно ги проучуваа пророштвата за да дојдат до поголема светлина. Се чинеше дека Библијата јасно и решително го потврдуваше нивното гледиште. Знаците што не можеа да бидат погрешно сфатени упатуваа на скорашното Христо во доаѓање. Изобилните Господови благослови, како при преобраќањето на грешниците така и при будењето на духовен живот меѓу христијаните, посведочија дека веста за Христовото доаѓање е од небото. И иако верните не можеа да го објаснат своето разочарување, сепак, чувствуваа сигурност дека Бог ги водеше во нивното минато искуство.
Во пророштвата што упатуваа на скорашното Христово доаѓање се наоѓаа и поуки кои одговараа токму на нивната состојба на неизвесност и очекување и ги храбреа стрпливо да истраат, верувајќи дека она што сега им се чинеше темно, во одредено време ќе стане јасно.
Меѓу овие пророштва беше и она од Авакум 2,14: „Застанав на стража и, стоејќи на кулата, внимавав да видам што ќе ми каже Тој, и што да одговорам на мојот укор. Тогаш Господ ми одговор и рече: ‘Запиши го видението, врежи го на плочки за поминувачот лесно да го чита.’ Зашто видението се однесува на определено време; ќе се исполни и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, зашто навистина тоа ќе дојде и нема да се забави. Ете, на горделивиот душата нема да му се успокои, а праведникот ќе живее од својата вера.“
Упатството во пророштвото: „Запиши го видението, врежи го на плочки за поминувачот лесно да го чита“, го поткрена Чарлс Фич уште во 1842 година да направи пророчка карта и сликовито да ги изнесе виденијата на пророк Даниел и на Откровението. Објавувањето на оваа карта се сметаше како исполнување на заповедта дадена преку пророкот Авакум. Меѓутоа, тогаш никој не забележа дека во ова пророштво е спомнато некое одложување при исполнувањето на ова видение, некое време на очекување.
По разочарувањето, овој дел на пророштвото изгледаше мошне значаен: „Зашто видението се однесува на определено време; ќе се исполни и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, зашто навистина тоа ќе дојде и нема да се забави…, а праведникот ќе живее од својата вера.“
За верните исто толку извор на сила и утеха беше еден дел од пророштвото на Езекил: „Добив реч од Господа: ‘Сине човечки, какви ви се тие приказни за Израеловата земја?’ Се зборува: ‘Ете, деновите минуваат а од пророштвото ништо!’ Затоа кажи им, вака вели Господ Бог: … ‘Деновите веќе наближуваат и сите мои пророштва ќе се исполнат! Зашто она што ќе го кажам јас, Господ, тоа и ќе се исполни и нема да биде одложено.’ … Еве што се зборува во Израеловиот дом: ‘Видението што го виде овој е за далечни времиња.’ Ниеден мој збор нема веќе да се одложи. Што реков, речено е и сè ќе се исполни! Говори Господ Бог.“ (Езекил 12,2125.27.28).
Оние што чекаа се израдуваа со овие зборови, верувајќи дека Оној, кој од почеток го знае крајот, гледа низ вековите и Тој, бидејќи однапред го видел нивното разочарување, им упати зборови со кои ги охрабри и им влеа надеж. Кога не би имало во Светото писмо такви места што ги храбреа стрпливо да чекаат и цврсто да се надеваат во Божјата реч, нивната вера ќе се угасеше во оној тежок миг на искушение.
Споредбата со десетте девојки во Евангелието според Матеј 25. глава исто така го прикажува искуството на оние што го чекаат Христовото доаѓање. Во Матеј 24. глава Господ на прашањето на своите ученици во врска со знаците на неговото доаѓање и крајот на светот истакнал некои од најважните настани во историјата на светот и црквата што ќе се одиграат меѓу неговото прво и второ доаѓање, како што се разурнувањето на Ерусалим, големата неволја што ќе ја снајде Божјата црква за време на многубожечките и папските прогонства, затемнувањето на сонцето и месечината и паѓањето на ѕвездите. Потоа зборувал за своето доаѓање во своето царство и им ја изнел споредбата за два вида слуги што различно гледале на неговото доаѓање. Дваесет и петтата глава почнува со зборовите: „Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки.“ Овде станува збор за истата црква која живее во последните денови, а на која се укажува и на крајот од 24. глава. Во споредбата за ориенталната свадба се прикажува нејзиното искуство. (продолжува)