(продолжува од претходниот ден) Дури и неговите непријатели биле восхитени со неговото јунаштво. Еден огнен папски писател, опишувајќи ја маченичката смрт на Хус и Јероним, кој умрел малку подоцна, вели: „Обајцата појдоа храбро во смрт. Се приготвија за оган како да одат на свадбена свеченост. Не испуштија ниту еден извик на болка. Кога пламенот се издигнуваше, почнаа да пеат химни и одвај силата на огнот можеше да го замолкне нивното пеење“ (Исто, b. 3, ch. 7).
Кога телото на Хус наполно изгорело, неговиот пепел, заедно со земјата под него, бил собран и фрлен во Рајна која го однела во океан. Напразно неговите непријатели верувале дека ја искорениле вистината што ја проповедал тој. И не насетиле дека пепелот, однесен в море, ќе биде семе посеано во сите земји и дека во оддалечените краишта ќе донесе обилни плодови во чест на вистината. Гласот што се слушнал во салата на соборот во Констанца произвел одглас што ќе се слушне низ сите идни векови. Хус го немало веќе, но вистината за која тој умрел не можела да исчезне. Неговиот пример на вера и постојаност храбрел мнозина цврсто да стојат со вистината, наспроти маките и смртта. Неговото погубување на цел свет му ја открила страшната свирепост на Рим. Непријателите на вистината несвесно го помогнале напредувањето на делото што напразно настојувале да го уништат.
Во Констанца требало да биде подигната уште една ломача. Во прилог на вистината морала да сведочи крвта на уште еден сведок. Простувајќи се со Хус пред неговото заминување, Јероним го советувал да биде храбар и постојан, уверувајќи го дека ќе му дојде на помош ако падне во некаква опасност. Дознавајќи дека реформаторот е уапсен, верниот ученик веднаш се приготвил да го исполни своето ветување. Без никакво гарантно писмо, придружуван од еден другар, се упатил во Констанца. Кога стигнал во градот, установил дека само се изложил на голема опасност и дека за ослободувањето на Хус не може да стори ништо. Побегнал од градот, но при враќањето дома бил уапсен и во синџири доведен назад под стража на војници. Кога првпат бил изведен пред соборот и кога се обидел да се брани од обвинувањата изнесени против него, неговите зборови биле задушени со извиците: „На ломача со него! Во оган!“ (Bonnechose, vol. 1, p. 234).
Фрлен е во затвор, окован во синџири и тоа во таква положба што тоа му создавало големи болки. Го хранеле само со леб и вода. По неколку месеци тешко темнување, Јероним тешко се разболел, а неговите непријатели, плашејќи се да не умре, ја ублажиле строгоста на затворот, но во него го задржале уште една година.
Смртта на Хуса го немала она дејство што го очекувале следбениците на папата. Газењето на гарантното писмо предизвикало бура негодување, и затоа соборот заклучил дека е подобро, ако е можно, Јеронима да го присилат да се откаже од својата вера отколку да го спалат. Го извеле пред соборот и му предложиле да бира: или да се откаже од верата или да умре на ломача. Во почетокот на неговото заточение смртта за него би била благодат во споредба со ужасните маки што ги претрпел; но сега, ослабен од болеста, од тежината на затворот и од страв и неизвесност, одвоен од своите пријатели и обесхрабрен со смртта на Хус, Јероним ја загубил храброста и се согласил да му се покори на соборот. Ветил дека ќе се придржува кон католичката вера и дека ќе ги признае одлуките на соборот во врска со осудата на науката на Виклифа и Хуса, со исклучок на „светите вистини“ што ги проповедале тие. (Исто, vol. 2, p. 141.)
На овој начин Јероним се обидел да го замолкне гласот на својата совест и да ја избегне својата осуда. Но, во самотијата на затворот му станало појасно што сторил. Си спомнувал за храброста и верноста на Хус и тогаш помислил на своето негирање на вистината. Се сетил за божествениот Учител на кого му ветил дека ќе му служи и кој заради него претрпел смрт на крст. Пред да се откаже, среде сите страдања наоѓал утеха во довербата и сигурноста во Божјата наклоност; но сега неговата душа ја мачеле сомневања и грижа на совеста. Знаел дека ќе мора уште да се откажува пред да се помири со Рим. Патот по кој пошол може да заврши само со целосен отпад од верата. Затоа решил да не се откаже од својот Господ за да избегне кратко време на страдање.
Набргу пак бил изведен пред соборот. Неговите судии уште не биле задоволни со неговата покорност. Нивната жед за крв, предизвикана со смртта на Хус, барала нови жртви. Само со безусловно откажување од вистината Јероним можел да го сочува животот. Но решил да ја признае својата вера и да појде по стапките на својот братмаченик и во пламен на ломача.
Го повлекол своето поранешно откажување и, како секој човек осуден на смрт, барал право да се брани. Плашејќи се од влијанието на неговите зборови, бискупите барале само да ја признае вистинитоста на обвинувањата што се изнесуваат против него или да ги негира. Јероним ѝ се противставил на оваа свирепост и неправда. „Вие ме држевте во страшна темница триста и четириесет дни“, рекол, „во гнасотија и смрдеа, во кал, лишен од најпотребните работи; сега ме изведувате пред собор и ги слушате обвинувањата на моите смртни непријатели, а не сакате да ја сослушате мојата одбрана… Ако навистина сте мудри луѓе и светлина на светот, внимавајте да не згрешите против праведноста. Што се однесува до мене, јас сум само слаб смртник; мојот живот има малечка вредност, и ако ве опоменувам јас да не донесувате неправедна пресуда, тоа го правам повеќе заради вас отколку заради себе“ (Исто, vol. 2, pp. 146, 147). (продолжува)