(продолжува од претходниот ден) Кога Јов го слушнал Господовиот глас од виорот, извикнал: „Затоа јас се откажувам и се каам во прав и пепел“ (Книгата за Јов 42,6). Кога Исаија во свое време ја видел славата Господова и херувимите што ликувале: „Свет, свет, свет е Господ над војските“, извикнал: „Леле, загинав!“ (Исаија 6,3.5). Кога Павле бил однесен до третото небо и кога слушнал неискажливи зборови, што не може да ги изговори ниту еден човек, самиот за себе зборувал како „за најмалечок од сите свети“ (2. Коринќаните 12,2­4; Ефесците 3,8). А омилениот Јован, кој лежел на Исусовите гради и ја видел неговата слава, паднал како мртов пред нозете на ангелот (Откровение 1,17).

Оние што живеат во сенката на крстот од Голгота не се воздигаат и кај нив нема фаленичко тврдење дека се без грев. Тие се свесни дека нивниот грев предизвикал душевен страв што го скршил срцето на Божјиот Син, и таа помисла ги води кон понизност. Тие што живеат во тесна заедница со Исуса најдобро ги познаваат слабостите и гревовите на човештвото, а нивна единствена надеж се заслугите на распнатиот и воскреснат Спасител.

Посветувањето што се јавува денеска во христијанскиот свет носи во себе дух на самоизвишување и рамнодушност кон Божјиот закон, кој го прикажува како нешто туѓо во однос на библиската вера. Неговите приврзаници учат дека посветувањето е дело со кое, единствено со вера, одеднаш, се постигнува совршена светост. „Само верувај“, велат тие, „и ќе примиш благослов.“ Не се потребни никакви натамошни напори од оној што ги прима благословите. Тие во исто време ја негираат важноста на Божјиот закон и тврдат дека се ослободени од обврските да ги држат заповедите. Но, зар е можно луѓето да станат свети и да бидат сообразени со волјата и карактерот Божји без прифаќање на начелата што се израз на Божјата природа и волја и кои покажуваат што му е нему угодно?

Желбата за една лесна религија која не бара никаков напор, самосовладување ниту напуштање на лудостите на светот ­ науката за верата, па и самата вера, ги направила популарни. Но што кажува Божјата реч? Апостол Јаков вели: „Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли таквата вера да го спаси?“ „Сакаш ли да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е бесплодна? Нашиот татко, Аврам, не беше ли оправдан преку делата кога го принесе својот син, Исак, на жртвеникот? Гледаш ли дека верата соработуваше со неговите дела и преку делата верата стана совршена?“ „Ете, човекот се оправдува преку дела, а не единствено преку вера“ (Јаков 2,14.20­22.24).

Сведоштвото на божествената Реч ѝ се противи на оваа опасна наука за вера без дела. Да се бара небесна наклоност, а да не се исполнуваат условите под кои можеме да постигнеме милост, тоа не е вера туку дрскост; зашто вистинската вера има свој темел во ветувањата и во прописите на Светото писмо.

Никој нека не се лаже верувајќи дека може да стане свет додека намерно престапува некоја Божја заповед. Гревот што свесно го правиме го замолкнува гласот на Светиот Дух и го одделува човекот од Бога. Грев е престап на Законот, а „секој што греши (го престапува Законот), не го видел Него ниту го познал“ (1. Јованово 3,6). Иако Јован во своите посланија толку опширно зборува за љубовта, тој сепак, не се притеснува да го открие вистинскиот карактер на оние што тврдат дека се свети а живеат во престап на Божјиот закон. „Оној кој вели: ‘Го знам’, а не ги држи неговите заповеди, лажливец е и вистината не е во него. А кој ја извршува неговата Реч, во него Божјата љубов навистина постигнала совршенство. Според ова знаеме дека сме во него“ (1. Јованово 2,4.5). Овде лежи камен ­сопката на сечија вера. Ние не можеме ниту еден човек да го сметаме за свет додека не сме го измериле со единственото божествено мерило на светоста на небото и земјата. Ако луѓето не ја признаваат важноста на моралниот Закон, ако ги омаловажуваат Божјите заповеди и лекомислено се однесуваат кон нив, ако ја престапуваат дури и најмалечката од овие заповеди, и така ги учат другите, Бог ќе ги смета за недостојни, и тогаш можеме да знаеме дека нивното тврдење оти се свети е неосновано.

Оној што тврди дека е без грев, со тоа докажува дека е далеку од светоста. Тој нема вистински поим за Божјата неизмерна чистота и светост и за она што треба да станат оние кои сакаат да го одразуваат неговиот карактер; тој нема вистински поим за чистотата и за возвишената Исусова нежност, а ниту за злобата на гревот, и затоа самиот себеси се смета за свет. Колку подалеку е од Христа, колку понеточни се неговите поими за карактерот и за Божјите барања, толку поправеден ќе изгледа во своите сопствени очи. (продолжува)

Pin It on Pinterest