(продолжува од претходниот ден) Иако животот на христијанинот се одликува со понизност, не би требало кај него да се види тага и потиштеност. Ние треба да живееме според Господовата волја за да може да нè благослови. Нашиот небесен Отец не сака постојано да чувствуваме дека сме под осуда и во темнина. Не е доказ за вистинска понизност ако одиме со наведена глава, а срцето ни е исполнето со мисли за себе. Можеме да дојдеме кај Исуса Тој да нè исчисти; тогаш ќе бидеме без срам и гризење на совеста пред Законот. „Затоа, сега нема осуда за оние кои се во Христа Исуса“ (Римјаните 8,1).
Со Исусовата заслуга отпаднатите Адамови синови стануваат „Божји деца“. „Зашто и Оној кој осветува, и оние кои се осветени, сите се од еден Татко, и затоа не се срами да ги нарече браќа“ (Евреите 2,11). Животот на христијанинот треба да е живот на вера, победа и радост во Бога. „Зашто сè што е родено од Бога, го надвладува светот; и ова е победата која го победи светот нашата вера“ (1. Јованово 5,4). Имал право Божјиот слуга Немија кога рекол: „Радоста Господова е ваша сила“ (Немија 8,10). А Павле пишува: „Радувајте се секогаш. Молете се постојано и благодарете за сè, зашто тоа е Божја волја за вас во Христа Исуса“ (Филипјаните 4,4; 1. Солуњаните 5,16-18).
Тоа се плодовите на библиското преобраќање и посветување; но бидејќи христијанскиот свет многу рамнодушно се однесува кон големите начела на правдата откриени во Божјиот закон, затоа тие плодови се гледаат толку ретко. Тоа е причината зошто толку малку се покажува она длабоко и постојано дејствување на Божјиот Дух што ги карактеризираше будењата во поранешните години.
Гледајќи во Господа, ние се преобразуваме. Но бидејќи се занемарени оние свети прописи во кои Бог на луѓето им го открил совршенството и светоста на својот карактер, а вниманието на луѓето го привлекуваат човечките науки и теории, тогаш не е ни чудно што во црквите се појавило опаѓање на вистинската побожност. Господ рекол: „Две зла направи мојот народ: ме остави мене, Изворот на жива вода, и си ископа себеси извори, извори издупчени кои не држат вода“ (Еремија 2,13).
„Блазе на оној човек кој не го следи советот на безбожниците; не оди по патот на грешниците и не седи во друштво на богохулниците; туку, Законот Господов со задоволство го почитува, за неговиот Закон деноноќно размислува! Тој е како дрво засадено крај река, кое својот плод на време го дава и чијшто лист не свенува; во сè што прави тој успева“ (Псалм 1,13). Единствено ако на Божјиот закон му се врати неговото вистинско место, ќе настане будење на првобитната вера и на вистинска побожност меѓу оние што сметаат дека се Божји народ. „Вака вели Господ: ‘Застанете на некогашните патишта, распрашајте се за исконските патеки: Кој пат води кон добро, па појдете по него и ќе најдете спокојство за своите души’“ (Еремија 6,16).