(продолжува од претходниот ден) Преобраќањето и посветувањето значат помирување со Бога, што се случува на тој начин кога човекот стапува во хармонија со начелата на Божјиот закон. Во почетокот човекот бил создаден според Божјиот лик. Тој бил во целосна хармонија со природниот Божји закон, а начелата на правдата биле напишани во неговото срце. Но гревот го отуѓил од неговиот Творец. Во него не се гледал веќе Божјиот лик. Неговото срце стапило во непријателство со начелата на Божјиот закон. „Зашто мудрувањето на телото е непријателство против Бога, бидејќи не му се покорува на Божјиот закон, ниту пак може“ (Римјаните 8,7). Но „Бог толку го милее светот, што го даде и својот единороден Син“, за човекот да може да се помири со Бога. Со Христовите заслуги човекот може да постигне единство со својот Творец. Неговото срце мора да биде обновено со божествената милост. Тој мора да добие нов живот озгора. Таа промена е ново раѓање, без кое, кажува Исус, човекот „не може да го види Божјето царство“.
Првиот чекор кон помирување со Бога е осведочувањето за гревот. „Гревот е беззаконие“. „Зашто преку Законот доаѓа познавањето на гревот“ (1. Јованово 3,4; Римјаните 3,20). За да ја увиди својата кривица, грешникот мора својот карактер да го мери на големиот Божји кантар на правдата. Законот е огледало што го покажува совршенството на еден исправен карактер и го оспособува човекот да ги открие грешките во самиот себеси.
Законот му ги открива на човекот неговите гревови, но не дава никаков лек за нив. Додека на послушните тој им ветува живот, во исто време објавува дека смртта е плата за престапниците. Само Христовото евангелие може грешникот да го спаси од гревот и од проклетството. Тој мора да се покае пред Бога чијшто Закон го престапил и да покаже цврста вера во Христа како голема жртва на помирување. Со тоа добива „проштавање на минатите гревови“ и станува учесник во божествената природа. Тој е Божје дете, зашто примил Дух на посинување со кој вика: „Ава, Оче!“
Но, дали сега нему му е дозволено да го престапува Божјиот закон? Павле прашува: „Го укинуваме ли Законот со верата?“ Потоа одговара: „Во никој случај! Напротив, со тоа Законот го утврдуваме.“ „Ние, кои умревме за гревот, како уште ќе живееме во него?“ (Римјаните 3,31; 6,2). А Јован вели: „Љубовта кон Бога значи ова: да ги држиме неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5,3). Со новото раѓање срцето стапува во хармонија со Бога и во хармонија со неговиот Закон. Кога кај грешникот ќе настане оваа голема промена, тогаш тој преминал од смртта во живот, од гревот во светост, од престапот и бунтот во послушност и верност. Престанал стариот живот на отуѓување од Бога; почнал нов живот на помирување, живот со вера и љубов. Тогаш во нас се исполнува „правдата на Законот“, зашто „не живееме според телото, туку според Духот“ (Римјаните 8,4). Тогаш душата вели: „Колку го љубам твојот Закон! По цел ден мислам на него“ (Псалм 119,97).
„Законот Господен е совршен, ја крепи душата“ (Псалм 19,7). Без Законот човекот нема вистински поим за Божјата светост и чистота и за својата лична кривица и нечистота. Тој не е вистински осведочен за гревот и не чувствува потреба од покајание и преобраќање. Бидејќи не се чувствува загубен како престапник на Божјиот закон, не е ниту свесен дека му е потребна Христовата крв на помирување. Тој се надева во спасение без целосна промена на срцето и без промена на животот. Оттаму има многу површни преобраќања и мнозина се приклучуваат кон црквата а никогаш да не се соединиле со Христа. (продолжува)