(продолжува од претходниот ден) Христос ја отвори вратата, односно ја почна службата во светињата над светињите. Низ отворената врата на небесното Светилиште засвети светлина и тогаш се виде дека и четвртата заповед се наоѓа во Законот што се чува таму. Она што го посветил Бог, ниту еден човек не може да го укине.
Оние што ја прифатија светлината за Христовото посредување и за непроменливоста на Божјиот закон, пронајдоа дека тие вистини се изнесени во Откровението 14. глава. Вестите во оваа глава содржат тројна опомена што треба да ги приготви жителите на земјата за второто Господово доаѓање. Веста: „Настапи часот на неговиот суд“ укажува на завршниот дел на Христовата служба за спасението на луѓето. Таа ја објавува вистината што мора да се проповеда сè додека Спасителот не го заврши своето посредување и не дојде повторно на земјата да го земе кај себе својот народ. Судот што почна во 1844 година мора да продолжи додека не се реши случајот на секој човек, како на живите така и на мртвите; затоа тој ќе трае сè до крајот на времето на милоста. За луѓето да бидат подготвени да се одржат на судот, веста им заповеда: „Бојте се од Бога и подајте му слава… и поклонете му се на Оној кој ги создаде небото, земјата, морето и водните извори.“ Каков резултат ќе донесе прифаќањето на оваа вест е кажано во зборовите: „Овде се оние што ги држат заповедите Божји и имаат вера Исусова.“ За човекот да биде приготвен за судот, потребно е да ги држи Божјите заповеди. Овој Закон ќе биде мерило на карактерот на судот. Апостол Павле изјавува: „Кои згрешиле под Законот, според Законот ќе бидат осудени… на денот, кога според моето евангелие, Бог преку Исуса Христа ќе ги суди човечките тајни.“ Понатаму кажува дека „ќе бидат оправдани оние кои се извршители на Законот“ (Римјаните 2,12-16). Верата е потребна да се држи Божјиот закон, зашто „без вера не е можно да му се угоди на Бога“. „Сè што не е од вера, грев е“ (Евреите 11,6; Римјаните 14,23).
Првиот ангел ги повикува луѓето да се „бојат од Бога и да му дадат слава“, и да му се поклонат на Творецот на небото и земјата. За да го прават тоа, тие мора да го слушаат неговиот Закон. Проповедникот кажува: „Бој се од Бога и живеј според неговите заповеди – тоа му е должност на човекот“ (Проповедник 12,13). Без послушност на неговите закони, на Бога не му е угодна никаква служба. „Ова е Божјата љубов: да ги извршуваме неговите заповеди.“ „Но тој што кон Законот се оглушува, ни молитвите не му се примаат“ (1. Јованово 5,3; Мудри изреки 28,9).
Должноста да го славиме Бога произлегува од фактот што Тој е Творец и што сите други созданија му го должат животот. Секаде каде што се истакнува во Библијата дека Тој има поголемо право на почит и славење од боговите на многубошците, се наведуваат и доказите на неговата твореч ка моќ . „Ништожни идоли се сите ‘богови’ на народите, а Господ е Творец на вселената“ (Псалм 96,5). „Со кого ќе ме изедначите и со кого ќе ме споредите, вели Светецот. Кренете ги своите очи кон небесните висини и погледнете, кој ги создал?“ „Зашто вака вели Господ, кој го создаде небото, Тој, Бог, кој ѝ даде облик на земјата и кој ја создаде… Јас сум Господ, и нема друг’“ (Исаија 40,25; 45,18). Псалмистот вели: „Запомнете: Господ е вистинскиот Бог! Тој нè создаде и ние сме негови; негов народ сме и стадо на неговото пасиште“ (Псалм 100,3). „Дојдете, да му се поклониме и да паднеме ничкум, пред лицето на Господа, нашиот Творец“ (Псалм 95,6). „Достоен си, Господе, Боже наш, да примиш слава, чест и моќ, зашто ти создаде сè…“ (Откровение 4,11).
Во Откровение 14. глава луѓето се повикуваат да го слават Творецот, а пророштвото ни обрнува внимание на група верни кои, како резултат на објавувањето на тројната вест, ги држат Божјите заповеди. Една од овие заповеди непосредно упатува на Бога како Творец. Четвртата заповед кажува: „А седми ден е сабота, одмор посветен на твојот Господ Бог… Зашто Господ за шест дена ги создаде небото, земјата, морето и сè што е во нив, а во седмиот ден си почина. Затоа Господ го благослови и го посвети саботниот ден“ (2. Мојсеева 20,10.11). Во врска со саботата Господ понатаму кажува дека таа е „знак меѓу мене и вас, за да се знае дека јас сум Господ, Бог ваш“ (Езекил 20,20). Причината за ова е позната: „Зашто Господ за шест дена ги создаде небото и земјата, а седмиот ден престана да работи и се одмори“ (2. Мојсеева 31,17).
Важноста на саботата како спомен на создавањето се состои во тоа што таа постојано нè потсетува на вистинската причина зошто на Бога му припаѓа обожавање – затоа што Тој е Творец, а ние негови созданија. „Според тоа, саботата е темел на целокупното богослужение, зашто таа на најизразит начин ја изнесува оваа голема вистина, што не може да се каже ниту за една друга уредба. Вистинската причина зошто го обожаваме Бога не само во седмиот ден туку воопшто, се наоѓа во разликувањето меѓу Творецот и неговите созданија. Овој голем факт никогаш не може да застари и никогаш не смее да се заборави“ (J. N. Andrews, History of the Sabbath, chapter 27). Бог ја воспоставил саботата во Едем за секогаш да нè потсетува на таа голема вистина. Сè додека фактот оти Тој е наш Творец постои како причина да го славиме, и саботата ќе биде негов знак и спомен. Кога сите луѓе би ја празнувале саботата, нивните мисли и чувства би биле насочени кон Творецот како објект на стравопочит и обожавање и никогаш не би постоел ниту еден идолопоклоник, атеист или неверник. Држењето на саботата е знак на верност кон вистинскиот Бог кој „ги создаде небото, земјата, морето и водните извори“. Значи, гледаме дека веста што им заповеда на луѓето да го слават Бога и да ги држат неговите заповеди, посебно ги повикува да ја држат четвртата заповед. (продолжува)