(продолжува од претходниот ден) Од небото се слуша Божјиот глас, објавувајќи го денот и часот на Христовото доаѓање и го прогласува вечниот завет со својот народ. Неговите зборови се одгласуваат над земјата како удари на најсилен гром. Божјиот Израел стои и слуша со очи насочени нагоре. Нивните лица се осветлени со неговата слава и светат како лицето на Мојсеја кога слегувал од Синај. Грешниците не можат да гледаат во нив. И кога ќе биде изречен благослов над оние што го почитувале Госпо да празнувајќи ја неговата сабота, се слуша силен извик на победа.
Набргу на исток се појавува малечок црн облак, со големина на половина човечка дланка. Тоа е облак што го опкружува Спасителот и кој оддалеку изгледа како да е обвиен во мрак. Божјиот народ знае дека тоа е знакот на Синот човечки. Во свечена тишина тие без здив гледаат во него како се приближува кон земјата и станува сè појасен и поубав, прераснувајќи во голем бел облак, чијашто основа личи на оган кој уништува, а над него се надвива заветното виножито. Исус оди напред како силен победник. Тој сега не доаѓа како човек на болката, да ја испие горчливата чаша на срамот и маките, туку како победник на небото и земјата, да им суди на живите и мртвите. „Тој се вика Верен и Вистинит; Тој суди и војува праведно.“ „А него го придружуваа небесни војски на бели коњи“ (Откровение 19,11.14). Со химни на небесни мелодии светите ангели, огромно и безбројно мноштво, го придружуваат на неговиот пат. Небесниот свод изгледа како да е преполн со суштества што блескотат, „десет илјади по десет илјади, и илјада илјади“. Ниту едно човечко перо не може да ја опише оваа глетка; ниту еден ум на смртен човек не е способен да ја сфати неговата слава. „Величеството негово ги покри небесата, и славата негова ја ис полни земјата. Болскотот му е како сончева светлина“ (Авакум 3,3.4). Кога живиот облак ќе дојде поблизу, секое око ќе го види Кнезот на животот. Неговата возвишена глава не ја нагрдува веќе трнов венец; на неговото свето чело почива славен дијадем. Неговото лице свети посилно од блескотното пладневно Сонце. „А на неговата наметка и на неговото бедро има напишано име: ‘Цар на царевите и Господар на господарите’“ (Откровение 19,16).
Пред неговата појава „лицата на сите им се бледи“. Оние што ја отфрлиле Божјата милост ги обзема страв на вечен очај. „Срцето се топи, колената треперат… а лицата им се потемнети“ (Еремија 30,6; Наум 2,10). Праведниците извикуваат тресејќи се: „Кој може да опстане?“ Песната на ангелите престанува и настанува време на свечена тишина. Тогаш се слуша Исусовиот глас кој кажува: „Доста ти е мојата благо дат.“ Лицата на праведниците се озарени и секое срце се исполнува со радост, а ангелите, приближувајќи се кон земјата, пак почнуваат да пеат сè посилно.
Царот над царевите слегува на облак, опкружен со огнен пламен. Небесата се виткаат како свиток, земјата се тресе пред него, а сите гори и острови се поместуваат од своите места. „Доаѓа нашиот Бог и не молчи! Пред него врви оган што голта, а околу него страотна бура! Ги прозива небото и земјата за да му суди на својот народ“ (Псалм 50,3.4). „Земните цареви, големците, војсководците, богатите, силните, секој роб и секој слободен човек, се засолнија во пештерите и по горските камењари, велејќи им на горите и на карпите: ‘Паднете врз нас и скријте нè од лицето на Оној кој седи на престолот и од гневот на Јагнето, зашто дојде великиот ден на нивниот гнев и кој може да се одржи?’“ (Откровение 6,15-17).
Подбивното исмевање престанува. Замолкнуваат усните што лажеле. Замолкнува ѕвекотот на оружјето и борбениот вик; „облеката натопена со крв ќе изгори“ (Исаија 9,5). Сега не се слуша ништо, освен молитва, лелеци и редење. Од усните на оние што пред малку се подбиваа се отима извикот: „Дојде големиот ден на неговиот гнев и кој може да опстане?“ Грешниците повеќе сакаат да паднат врз нив горските карпи отколку да се сретнат лице в лице со Оној што го презреле и го отфрлиле.
Тие го познаваат тој глас кој проникнува до ушите на мртвите. Колку пати неговиот благ и нежен глас ги повикувал на по кајание! Колку пати го слушнале во трогателните молби на пријателот, на братот, на Откупителот! За оние што ја отфрлиле неговата милост, ниту еден друг глас не ќе биде толку тажен и полн со осуда како оној кој толку долго ги преколнувал: „Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умрете?“ (Езекил 33,11). О кога тоа за нив би бил глас на туѓинец! Исус кажува: „Колку пати ве повикував, но вие ме отфрлавте, рака ви подавав, но вие ја одбивавте; моите совети ги отфрлавте, моите укори не ги примавте“ (Мудри изреки 1,24.25). Овој глас буди сеќавања што тие радо би сакале да ги избришат -презрените опомени, одбиените повици и занемарените предимства.
Тука се оние што му се подбивале на Христа во неговото понижување. Со непреодолива сила им доаѓаат на ум зборовите на Маченикот кога го заколнал поглаварот свештенички и кога свечено изјавил: „Отсега ќе го гледате Синот човечки како седи оддесно на силата и како доаѓа на небесните облаци“ (Матеј 26,64). Сите тие го гледаат во неговата слава, и уште ќе го видат како седи од десната страна на Величеството. (продолжува)