Во времето на религиозното пробудување кое ја зафатило Америка, а било поттикнато со проповедање на Вилјам Милер, многумина настојувале да  бидат подготвени за второто Христово доаѓање. Семејството на Елена Вајт ја прифатило веста  за Христовото доаѓање и наскоро биле исклучени од членството во Методистичката црква поради своите „контроверзни“ верувања. Овој настан придонел службата на Елена Вајт да почне во многу тешки околности. Исклучени од црквата во која биле крстени, членовите на семејството на Елена се радувале на предвидениот момент на Христовото доаѓање, како што Милер го предвидел, но биле многу разочарани кога предвидувањата не се исполниле. Секако, Исус  не дошол во 1844-та година како што очекувале милеритите. Илјадници луѓе биле разочарани, а мнозина ја изгубиле верата и го отфрлиле учењето на Библијата. Некои од нив се чувствувале изиграни бидејќи претходно ги продале своите имоти за средствата да ги вложат во проповедањето на скорашното Исусовото враќање. Верата на Елена го издржала ова разочарување бидејќи имала блиска заедница со Бога. Подоцна напишала: „Ова беше горко разочарување кое дојде на малото стадо чија што вера беше толку силна, а надежта возвишена. Сепак, бевме изненадени што се чувствувавме слободни во Господа и што бевме толку силно опкружени со Неговата сила и милост… Бевме разочарани, но не и со скршени срца.“

 

Кој бил Вилјам Милер и како дошло до Големото разочарување?

Вилјам Милер (1782-1849) бил американски фармер и баптистички проповедник кој го најавил Христовото доаѓање околу 1844 година и со тоа го започнал таканаречното Милеритско движење. Во текот на војната во Америка во 1812 година служел во војската со чин капетан. Во тоа време не бил верник. Меѓутоа, откако ја преживеал крвавата престрелка во Борбата кај Платсбург, победата која ја извојувале ја препишал на Божја интервенција, бидејќи бил свесен дека сите параметри од судирот несомнено оделе во прилог на многу побројнитот непријател. По војната, се вратил во својата фарма во Лоу Хемптон, во државата Њујорк, надевајќи се дека ќе живее едноставен живот на фармер и мировен судија.

Во текот на 1816-та година станал христијанин. Напишал: „Библијата стана мое восхитување, а во Исуса најдов пријател.“ Неговите скептични пријатели, воглавно деисти, го предизвикувале, што го навело на темелно проучување на Библијата. Тој напишал дека секој нејасен текст го споредувал со сродните текстови со помош на Круденовиот Конкорданс сè додека не би успеал да ги усогласи нивните значења.

Сериозниот пристап на проучувањето на Библијата го водела кон темелно проучување на Библиските пророштва, кое пак го навело на заклучок дека тој живее во последниот период на земната историја. Своето внимание особено го насочил на пророштвата од книгата на пророкот Даниел, со посебен осврт на текстот: „Уште две илјади и три стотини вечери и утра; тогаш Светилиштето ќе биде очистено” (Даниел 8:14). Во понатамошното проучување, во 1818-та година заклучил дека за околу дваесет и пет години (околу 1843-та) … сите случувања во овој поредок ќе се завршат, со настанот на Христовото доаѓање. Во текот на наредните пет години, тој ги проучил сите приговори на своето размислување но станувал се поубеден во своето разбирање на Библијата.

Иако сериозно ја истражувал Библијата, се оградил дека тој не е јавен говорник, но сепак околностите го воделе кон проповедалната – така што неговиот живот засекогаш се променил. Низ цела Нова Англија, луѓето се собирале во голем број во текот на состаноците на кои тој зборувал, а кои го организирале водечките пастори од тоа време. Ги објавувал своите сфаќања на јавните предавања и тоа ја зголемило неговата популарност. Во периодот од 1834 до 1839 година на свој трошок одржал повеќе од 800 предавања, како одговор на директните повици да зборува на различни места.

Во 1839 година, кога Џошуа Хајмс, пастор во Бостон, го слушнал Милер како проповеда, веднаш, под влијанието на неговите толкувања на пророштвата, објавил публикација под наслов „Знаци на времето“ (Signs of the Times),  што подоцна довело и до многу други изданија во форма на редовен магазин. Од тогаш милеризмот станал повеќе од активност на само еден човек. Многу истакнати проповедници и теолози се придружиле на Милер.

Милер никогаш не го прецизирал датумот на Исусовото доаѓање, туку ја употребувал фразата „околу 1843-та година“. Во јануари 1844-та година, повторно ги разгледал своите размислувања и рекол дека тоа ќе се случи пред 21-ви март. Но кога Христовото доаѓање не се случило на тој датум, дошло до разочарување помеѓу милеритите. Сепак, одредени теолози предложиле попрецизно тумачење и изјавиле дека  точниот датум ќе биде на 22-ри октомври 1844-та година. Овој конкретен датум, бидејќи бил навистина Библиски базиран, допринел надешта, копнежот и возбудата кај милеритите уште повеќе да се зголеми. Меѓутоа, и покрај тоа што околу 100.000 милерити го очекувале Исус да се врати на тој датум, сепак кога дошло 23-ти октомври ништо посебно не се случило. Тие останале длабоко, длабоко разочарани. Терминот „Големото разочарување“ се однесува на големата тага која ја доживеале милеритите кои биле убедени дека Исус ќе се врати на 22-ри октомври 1844-та година.

Периодот од 2300 вечери и утра е најдолгиот пророчки интервал споменат во Библијата. Толкувањето на ова пророштво започнува во 457-та година пред Христа и се продолжува за 2300 години, што води сè до 1844-та година. Исполнувањето на ова пророштво не се однесува на второто Христово доаѓање на земјата, туку на почетокот на една нова фаза од Христовата првосвештеничка служба, која подразбира почеток на предадвентниот суд, кој се одвива во вториот дел од небесното Светилиште т.е. во Светињата над светињите. [Целта на овој текст не е да ги изнесе деталите околу пророштвото за 2300 вечери и утра. Доколку би сакале да го проучите ова пророштво ве упатуваме на видео серијалот: „Неговиот пат е во Светилиштето“]

Големото разочарување во 1844-та година, не било последица на погрешното пресметување на датумите, туку на погрешното разбирање на природата на самиот тој настан. Гледајќи наназад, ниту еден друг удар на христијанската надеж не може да се спореди со големината на ова разочарување. Тој наликува на очајот на учениците кога Исус бил распнат и умрел на крстот. Истата поука од разочарувањто на Христовите учениците е применлива и во разочарувањето на милеритите. Исто како што учениците очекувале поинаков редослед на настаните, каде што Исус требало да седне на тронот како цар на Израел и да го ослободи својот народ од римското угнетување; а се случило сосема спротивното – бил распнат на крст, па сета нивна надеж била угасена; Исто така и милеритите биле сигурни дека Библиските пророштва несомнено упатуваат на 22-ри октомври 1844-та година, кога ќе се случи голем настан, кои тие го протолкувале како второ Христово доаѓање. Но кога дошол тој датум, не се случило ништо посебно, кое можеле да го видат со свои очи. Големото разочарување што ги снашло, било неминовно.

Од друга страна, исто како што апостолите и учениците кои оделе кон Емаус, во миговите на нивното разочарување, биле упатени на Старозаветните пророштва, кои што самиот Исус им ги протолкувал, а како резултат на тоа „гореле нивните срца“ од радост додека им зборувал; Исто така, најискрените милерити во моментите на длабока тага, утехата ја барале во уште поревносно проучување на Библијата и во барањето на Божје водство во нивното толкување. Како што биле доведени во состојба да не можат повеќе да се потпираат на себе, единствената надеж им била целосно да се потпрат на Бог. Тоа му овозможило на Христа да им пријде многу блиску на своите најсериозни верници во месеците кои следувале по 22-ри Октомври 1844-та година и да ги води во разбирање на исправното толкување на настанот што се случил тогаш.

 

Како дошло до формирање на адвентистичкото движење?

Дел од разочараните милерити понизно побарале да им биде вратено членството во црквите на кои претходно им припаѓале. Некои пак, како резултат на разочарувањето, доживеале бродолом на својата вера, до тој степен што престанале да се сметаат себеси за христијани. Дел од нив отишле толку далеку што покажувале жестока агресија кон проповедниците кои ги сметале за виновни што ги „завеле“ да поверуваат во една голема лага. Таквата реакција и може да се разбере, до некој степен, бидејќи голем дел од нив ги продале своите имоти со цел средствата да ги вложат во проповедањето на „последната опомена до светот“. Сепак, најголемата трагедија била во тоа што дел од разочараните милерити почнале да хулат на Бог, употребувајќи најпогрдни изрази додека зборувале за Него. Па така, после разочарувањето можело многу лесно да се примети кој навистина го љубел Бог, кој навистина копнеел Исус да се врати на земјата, а кој пак целиот тој настан го очекувал од чисто себични цели.

Крајот на милеритското движење не бил тука. Веста, која што додека се проповедала била слатка како мед (т.е. радоста дека Исус наскоро ќе се врати), а која завршила со горчина во стомакот (откако Исус не дошол), не можела да престане да биде актуелна за една мала група на разочарани милерити, затоа што истите имале толку длабоко осведочување дека Бог го водел целиот тој процес. Подоцна изјавиле дека тоа биле најубавите денови од нивниот живот. Најубави, затоа што тие навистина очекувале дека ќе се сретнат со својот Спасител, кого го љубеле со сето срце.

Таа мала група на луѓе знаеле дека е направена катастрофална грешка во толкувањето кога е во прашање настанот што го очекувале, но никако не можеле да најдат грешка во временското пресметување. Сфатиле дека пресметувањата на библиските пророштва се точни, но настанот кој што го очекувале дека ќе се случи, односно дека Исус ќе се врати по втор пат, е погрешен. Својата утеха почнале да ја бараат во уште подетално проучување на Библијата и во длабока и искрена молтва за Божјo водство. Тргнувајќи од клучниот стих на нивното разочарување – Даниел 8:14, почнале да ги истражуваат оние делови од Библијата кои се однесувале на „Светилиште“ или „Чистење на Светилиштето“. Тоа ги довело до Левит 16 каде што е опишан годишниот церемонијален празник Јом Кипур (или Денот на очистувањето), на кој што се вршело чистење на Светилиштето. Сфатиле дека Светилиштето кое било во пустината е само копија на небесната реалност, на небесното Светилиште. За тоа нашле потврда и во посланието до Евреите, од каде што поврзале дека Исус се наоѓа во небесното Светилиште и ја врши службата на Првосвештеник. Од Откровение 11:19, сфатиле дека на небото, во тоа Небесно светилиште постои кофчег на заветот (како што бил ковчегот на заветот во земното Светилиште, во кое се наоѓале 10-те Божји заповеди). Им станало јасно дека како што постоела поделба на две оделенија во земното светилиште, така таа поделба постои и во Небесното светилиште и дека службата во секое одделение има специфична функција. Ја увиделе паралелата која постои помеѓу Даниел 7 и Даниел 8 и дека она што во Даниел 8 се однесува на чистење на Светилиштето, е паралелно со тоа што во Даниел 7 се однесува на небесниот суд, кој хронолошки се одвива пред Исус да дојде на земјата. Сите тие делови од Библијата, и уште доста други, довеле до склопување на мозаикот и малата група на милерити ја увиделе својата грешка за настанот на 22-ри октомври 1844-та година. Сфатиле дека Библијата не го најавува второто Христово доаѓање за тој датум, туку дека тогаш е започната последната фаза од Исусовата Првосвештеничка служба во Небесното светилиште, фаза на предадвентен суд, односно суд кој претходи на самото второ Христово доаѓање.

Деталното проучување на Библијата и усрдните молитви, ја водела оваа релативно мала група на луѓе во подобро разбирање на многу други Библиски доктрини кои со векови биле погрешно претставувани во христијанскиот свет. Со текот на времето природно се наметнала потребата од систематизирање на учењата и на мисионските активности на ова пост-милеритско движење. Сето тоа довело до официјално формирање на движењето наречено „Адвентисти на седмиот ден“. „Адвентисти“ – бидејќи го очекуваат и проповедаат скорашното второ Христово доаѓање; „на седмиот ден“ – бидеќки проповедале дека 10те Божји заповеди не се укинати, вклучувајќи ја и четвртата Божја заповед за светкување / празнување на седмиот ден – саботата. Црквата која е организирана од ова движење го носи називот „Црква на адвентистите на седмиот ден“.

Pin It on Pinterest