За жал не постои некакво ДНК тестирање на пророци. Но, постојат библиски критериуми кои ни се дадени. Сега да обрнеме внимание на тестирање на службата и даровите на Елена Вајт со помош на библиски заснованиот процес на тестирање.
1) Предвидувањата на вистинскиот пророк се исполнуваат (Еремија 28:9)
Oвој тест во службата на Елена Вајт се исполнил многу пати, но најизненадувачко е предвидувањето во врска со земјотресот во 1906-та година во Сан Франциско и Окленд.
Откако добила предупредување за судот кој ќе се случи над градот многу години порано, таа имала и своја последна и најдетална визија во врска со неговото уништување на 16 април 1906 година. Таа видела како куќите се „лулаат како трската на ветерот“ и зградите кои се рушат. „Одмаралиштата за уживање, театрите, хотелите и домовите на богатите биле разнишани и срушени. Многу животи се избришани, а воздухот бил исполнет со крици на повредените и преплашените… Изгледаше дека Божјото трпение е потрошено и дека дошол ден на судот.“
Историските извештаи откриваат дека псле два дена од визијата на Елена Вајт немало знаци на претстојното уништување, сè до 5:12 часот наутро, кога раздрманиот Сан Андреас се лизнал околу 440 км, поткопувајќи ги самите темели на градот. Земјотресот позади себе оставил 490 градски блокови во состојба на тотално уништување, повеќе од 225.000 луѓе останале без своите домови, имало преку 800 мртви и 1500 повредени. Неколку осигурителни компании банкнотирале во обид да ги исполнат барањата на осигурениците.
Ако ова бил единствен пример на исполнето предвидување, би можеле да го препишеме на случајност. Но доследните предвидувања на Елена Вајт во врска со политиката, религијата и личните случувања биле исполнети. Исклучок претставуваат условните пророштва, за кои ќе дискутираме нешто подоцна. Исто така подоцна ќе образложиме уште многу нејзини неверојатни визии.
А што е со останатите тестови?
2) Вистинскиот пророк ќе го прославува Бога а не себе (Јован 16:13)
Централна тема на списите на Елена Вајт бил големиот судир помеѓу Христос и сатаната. Нејзините напори секогаш се стремеле кон доведување на луѓето во милоста Христова. Нејзините книги од познатата едиција „Космички конфликт“ почнуваат и завршуваат со пораката „ Бог е љубов“. Таа вели: „Ние мораме да се собереме околу крстот. Христос и распнатиот Христос треба да бидат теми за размислување, за разговори и за нашите најрадосни емоции.“ Таа додава, „Направете го Христа прв и последен и најдобар во сè.“
Има премалку гласноговорници од нејзиниот калибар кои се воздржуваат од препишување на заслуги и слава кон самите себе. И покрај нејзините големи достигнувања, Елена Вајт имала постојано чувство на зависност од Бога. За говорите во јавност таа вели: „Кога сакам да зборувам на луѓето… јас имам такво чувство на слабости што ми изгледа невозможно да застанам пред собраниот народ.“ Во таквите ситуации се молела: „Исусе, јас на Тебе ја ставам мојата безнадежна душа; Ти нема да дозволиш да достигнам во конфузија.“
3) Вистинскиот пророк не ги дава своите лични толкувања (2-ро Петрово 1:20-21)
Како слуга на Бога и на луѓето, вистинскиот пророк ги пренесува информациите кои ги добил во откровението, а потоа тие информации ги изнесува пред внимателниот поглед на верниците. Тие верници треба да ги земат пророковите зборови и ги споредат со Божјата Реч, како што правеле и јудејците во Дела 17-та глава. Овие студенти „ја примија речта со сето срце“ и „ секој ден го истажуваа писмото дали е така“. Докажувањето на Павловата порака, споредувајќи ја со Писмото, било дел од процесот на припојувањето на неговото учење на црквата.
Слично на тоа, Елена ги повикала верниците да ги разгледаат нејзините списи: „Мојата работа… носи или Божји печат или печат на непријателот. Тука нема средина. Сведоштвата („сведоштото“ било термин кој таа често го употребувала во нејзините списи, посебно во советите за црквата) или од Божјиот Дух или од ѓаволот“. Таа продолжила да ги повикува верниците дека тестот за примената на нејзините пораки, треба да биде ист како што тоа би го направиле и со било кои други: „Ако сведоштвата не зборат во склад со Божјата Реч, отфрлете ги.“ Службата на Елена Вајт навистина носи доказ за одговорност кон Бога и човекот.
4) Вистинскиот пророк укажува на гревот (Исаија 30:10)
Предупредувајќи го Јуда, Исаија укажал на еден од нивните гревови. „Народ непокорен… На гледачите тие им велат: ‘Откажете се од гледањето!’ а на пророците: ‘Не пророкувајте ја вистината! Претскажувајте што ни е пријатно, пророкувајте ни предвидувања!’“ (Исаија 30:9-10). Тоа е нашата природна склоност да сакаме да слушаме мили уверувања од устата на религиозните водачи. Павле рекол на Тимотеј: „Зашто ќе дојде време, кога (дури ни членовите на црквата) луѓето не ќе ја трпат здравата наука, туку според своите страсти ќе си насоберат учители, за да им ги скокоткаат ушите, и ќе ги одвратат ушите од вистината, а ќе се свртат кон бајки.“ (2-ро Тимотеј 4:3-4).
Од почетокот на нејзината служба, Елена Вајт знаела дека од нејзе ќе се очекува на многумина да им изнесе пораки на прекор, кои ќе ѝ бидат дадени. Не само што ова била мачна должност поради нејзината срамежливост, туку таа често се одалечувала од оние кои биле склони кон негирање. Тоа време било такво, како што таа вели, дека ѝ била дадена „непријатна должност да го укори она што е лошо и да ги открие сокриените работи“.
5) Вистинскиот пророк предупредува на претстојните Божји судови (Исаија 24:20-21)
Не само што Елена Вајт предупредила на уништување на Сан Франциско и Окленд, туку и на други големи градови како што е Чикаго. Таа исто така предупредила на Божјите судови над институциите во нејзината црква поради нехристијански случувања. Таков бил примерот со издавање на литература со секаква содржина од страна на официјалната издавачка куќа (на секого кој што ќе си плател за таа услуга). Околу една декада Елена Вајт упатувала предупредувања од Бог до издавачката куќа, која била во склоп на останатите институции на црквата. Меѓутоа нејзиниот глас не бил послушан. Подоцна таа изјавила: „Дури се плашам да го отворам (магазинот) ‘Преглед’, во страв дека ќе видам како Бог ја исчистил издавачката куќа со оган.“ Опомени за Божјиот суд кој ќе надојде биле игнорирани и резултатот бил пожар на 30-ти декември 1902-ра година. Издавачката куќа изгорела до темел.
6) Вистинскиот пророк ја просветлува црквата (1-во Коринтјаните 14:3-4)
Прегледот на нејзините списи покажува дека голем дел е посветен за советување на црквата. Таков пример се напишаните 5.274 страници од серијалот „Сведоштва за црквата“ во 9 томови, кои се состојат од „предлози, визии и совети во врска со институционалниот развој, црквената организација, семејниот дом, вложување на напори во мисијата во странските земји, општествените и здравствени реформи итн.“
Здружувајќи ги своите дарови со административните знаења на нејзиниот маж, таа помогнала во растот на деноминацијата која во нејзино време пораснала од само неколку следбеници до вкупно 136.879 членови кои биле членови на 3.876 цркви. Меѓутоа, советите кои што таа ги запишала во своите списи, го надминуваат времето во кое живеела. Тие совети многу допринеле и после нејзината смрт во експоненцијално растење на деноминацијата на Адвентистите на седмиот ден, која денес брои над 20 милиони членови.
7) Пораката на вистинскиот пророк е во хармонија со Библијата (Исаија 8:20)
Секоја од нејзините книги има стотина библиски референци. Библискиот индекс за 77 нејзини главни книги, не сметајќи ги статиите во списанијата, содржат околу 30.000 референци. Нејзините списи се во согласност со Божјиот Збор – Библијата. Во некои области, нејзините списи пружаат дополнителен детал за денешната примена. Ова е направено на таков начин да се зајакне, а не да се одземе од библиската поука.
Уште една полезна аналогија за нејзините списи потекнува од нејзиното перо. Таа своите списи ги нарекувала „помало светло кое води кон поголемото светло (Библијата)“. Оваа аналогија ја доживеле бројни искрени истражувачи кои почнале длабоко да ја разбираат и да ја почитуваат Библијата, благодарение на нејзините списи.
8) Вистинскиот пророк учи дека Исус дошол во тело (1-во Јованово 4:1-3)
Елена Вајт, за Исусовото отелотворување го пишува следново: „Со својот живот и со својата смрт Христос постигнал повеќе отколку само обнова на она што било уништено со гревот. Намера на сатаната била да предизвика вечна разделба меѓу Бога и човекот; но во Христа ние сме стапиле во многу поинтимна заедница со Бога отколку никогаш да не сме паднале. Со тоа што зел наша природа, Спасителот се поврзал со човештвото со врска што никогаш нема да се раскине. Тој е поврзан со нас низ сета вечност. „Бог толку го милее светот што го даде својот единороден Син“ (Јован 3:16). Тој својот Син го дал не само да ги понесе нашите гревови и да умре како наша жртва, туку му го подарил на паднатиот род. За да нè увери во непроменливоста на својата одлука за мир, Бог го дал својот единороден Син да стане член на човечкото семејство, засекогаш да ја задржи својата човечка природа. … Тој кој е „свет, невин, непорочен, одвоен од грешниците“, не се срамува нас да нè нарече браќа (Евреите 7:26; 2:11). Во Христа меѓусебно се поврзани земното и небесното семејство. Прославениот Христос е наш брат. Небото е обвиено со човечка природа, а човечкото почива врз градите на бесконечната Љубов.
9) Вистинскиот пророк има христијански карактер ( Матеј 7:16-20)
Њујоршкиот „Индепендент“ го објавил следниов текст во времето на смртта на Елена Вајт, 1915-та година: „Таа била апсолутно искрена во своето верување во нејзините откровенија. Нејзиниот живот бил вреден. Таа не покажала никаква духовна гордост ниту барала било каков непристоен финансиски надомест. Таа живеела живот и дела достојни за пророчица.“
Еден нејзин соработник, кој 23 години работел со нејзе, вака ја опишува: „Животот на госпоѓа Вајт далеку го надминува животот на било кој кого го познавав или со кого бев поврзан. Таа секогаш беше љубезна, весела и храбра. Таа никогаш не беше невнимателна, несериозна ниту на било кој начин ефтина во комуникацијата или начинот на животот. Таа беше олицетворение на вистинска сериозност по прашање на работите поврзани за небесното царство. Никогаш не ја слушнав да се фали со милостивиот дар кој Бог ѝ го доверил, ниту со величенствените резултати од нејзините настојувања.“
10) Вистинскиот пророк е послушен на Божјата волја (5-та Мојсеева 18:18)
Пред Елена Вајт да ја има својата прва визија, Хејзел Фос бил повикан во пророчка служба. Фос се двоумел да послуша, плашејќи се од потсмев и отфрлање кој таквиот живот би го подразбирал. Тој во својата непослушност истрајал во текот на долгата визија од Бога. Плашејќи се дека го ожалостил Духот, тој свикал состанок за да ја раскаже првата визија, но неговиот ум бил празен. На крајот рекол: „Тоа ме напушти; Не можам ништо да кажам, Господовиот Дух ме напушти“.
Нешто подоцна, господин Фос бил сведок на службата на Елена Вајт и препознал дека дарот ѝ бил предаден на неа. Тој се правдал: „Господ ми даде порака да ја носам кај Неговиот народ. И јас тоа го одбив откако ми се соопштени последиците; бев горд; не можев да прифатам разочарување.“ Тој потоа рекол дека за себе верува дека е изгубен човек.
Волјата на Елена да биде послушна на Божјиот повик не била без борба. Кога прв пат е повикана да патува таа рекла: „Ми изгледаше невозможно да ја завршам таа работа… искушенијата кои ги имав изгледаа дека се повеќе од што можам да поднесам… копнеев за смртта како ослободување од одговорностите кои ме притискаа… очајот повторно ја притискаше мојата душа.“ На крајот, преку молитва и советување, таа ја предала својата волја на небесниот Татко, и го започнала своето животно дело како Божји гласник.