Оправдано е прашањето дали можеме да очекуваме нови пророци по Исус, бидејќи Тој е Господ и врховен гласник пратен од Таткото, како и Оној кој го открил Таткото.
Меѓутоа, забележете го Исусовото предупредување на препознавање на лажните пророци според нивните плодови. Тој зборува за она што наскоро ќе прерасне во новозаветна Црква. Зошто Тој би нè предупредил на лажните пророци ако после него нема да има пророци? Исто така, во Ефесјаните 4:8-13 (како и во 1-во Коринтјаните 12,28), Павле запишал дека даровите на Духот ќе бидат присутни, „додека да го достигнеме единството во верата“. Тој детално раскажува за овие дарови, наведувајќи ги „пророците“ веднаш по „апостолите“. Дури уште поконкретно, Павле пишувал за оние кои се во христијанската Црква „кои го чекате откровението на Господ Исус Христос“, „немате недостатоци во ниеден дар“.
Очигледно, дарот на пророштвата е неопходен и на денешната Црква како што бил во старозаветната. И според пророкот Јоил, дарот на пророштво ќе продолжи да се изразува сè до крајот на времето. Тој предвидел дека „синовите и ќерките“ ќе „пророкуваат“ кога Божјиот Дух ќе биде излеан непосредно пред второто Христово доаѓање, кој се нарекува „голем и страшен Господов ден“ (Јоил 2,28.29).
Ако пророчкиот дар е присутен, дали истиот бил изразен кај некого од неодамнешната историја, чија што служба истовремено има одбележје на вистински Божји пророк? Нашата цел е да ја проучиме службата на Елена Вајт во оваа смисла, за да одредиме дали таа навистина добивала визии од Господа.