Пред подлабоко да навлеземе во нејзините посебни дела, да ги погледнеме деловите од некои од нејзините најчитани пасуси. Првиот е од Копнежот на вековите, нејзиното ремек-дело за Христовиот живот:
„Со Христа се постапувало онака како што ние заслужуваме, за со нам да се постапува како што Тој заслужува. Тој бил осуден поради нашите гревови, во кои немал удел, за ние да можеме да бидеме оправдани со Неговата правда, во која немаме удел. Претрпел смрт која била наша, за да можеме да примиме живот кој бил Негов. … Во Христа меѓусебно се поврзани земното и небесното семејство. Прославениот Христос е наш брат. Небото е завиткано во човечка природа, а човечкото почива на градите на Бесконечната љубов.“
Следниве зборови за меѓучовечките односи се наоѓаат во нејзината книга: Здравје и среќа:
„Негувајте склоност да зборувате добро за другите. Занимавајте се со добрите особини на оние со кои се дружите и што помалку согледувајте ги нивните грешки и слабости. Кога ќе паднете во искушение да се пожалите на она што некој ви го кажал или направил, пофалете нешто во животот и карактерот на таа личност.“
Уживајте во овие длабоки согледувања во науката за молитвата од нејзината најпреведена книга, Патот кон Христа:
„Молитвата е отворање на срцето кон Бога како Пријател. Таа не е потребна за да му откриеме на Бога што сме, туку за да станеме способни да Го примиме. Молитвата не го спушта Бога кај нас, туку нас нè подига кај Него.“
Прочитајте го внимателно следниов пасус, кој е од нејзината класика за Христовите учења, Христовите параболи:
„Никогаш не е упатена ниту една молитва, без оглед на нејзиното несовршенство, никогаш не е пролиена ниту една тајна солза, никогаш не се јавил ниту најслабиот искрен копнеж за Бога, а Божјот Дух да не се покрене да го задоволи. Пред молитвата да биде изговорена, а копнежот на срцето објавен, благодатта од Христа тргнува за да ја задоволи потребата од благодат која делува на човечкото срце.“