Еден ден мајката го прашала својот син Стефан, кои два збора во нашиот јазик се најтешки да се кажат.
Стефан размислувал и рекол дека имало многу тешки зборови, но незнаел кои од нив се двата најтешки.
– Можеби, сине, мислеше најмногу на зборовите кои имаат најмногу букви. Но, моето прашање не се однесува на зборовите со многу букви. Всушност, овие два најтешки збора немаат многу букви.
Стефан, сѐ повеќе и повеќе беше заинтересиран да дознае за кој зборови се работи. Размислувал долго време, но не се сетил на ниту еден збор, па затоа ја замолил својата мајка да му каже за кои зборови се работи.
Мајка му му одговорила дека тоа се зборовите: „Јас згрешив.“
– „Мамо како можеш тоа да го тврдиш, јас лесно ги изговарам, еве: ‘Јас згрешив.’“
– „Стефан, сине, погледни во градината.“ Со прст му покажала на една слива која била целосно исушена и без лисја. А потоа рекла:
– „Гледаш, ова дрво се исушило. Дали се сеќаваш што ти велев кога со ножот ја сечеше кората од дрвото? Ти велев тоа да не го правиш, затоа што дрвото ќе се исуши, а ти се смееше и продолжи подлабоко да сечеш?“
– „Да мамо, се сеќавам.“
– „Добро, виде дека дрвото се исушило. И сега сине мој, обиди се да ги изговориш оние два најтешки збора.“
– Но, јас не мислев…“
– „Ете гледаш?!“ Извика мајката. „Гледаш колку е тешко да ги изговориш овие зборови?“
Стефан ја наведнал својата глава и замолчел. По неколку моменти рекол:
– „Јас…Јас… јас, згрешив мамо, направив лошо дело. Дали ќе ми простиш што го уништив дрвото?“
– „Секако сине. Ти простувам кога го согледуваш својот грев и навистина го признаваш. Само запомни дека е подобро и почесно веднаш и слободно да го признаеш сторениот грев отколку да чекаш самиот да излезе на виделина.
Кажи ми сега што мислиш за овие тешки зборови“, – го запрашала мајката сериозно.
– „Тешки се овие зборови мамо! Ми беше навистина тешко да ги изговорам, но сега чувствувам дека ми е полесно кога сепак ги кажав.“
Спасението и мирот во Исус Христос ќе го најдат оние кои ќе пријдат и понизно ќе ги изговорат зборовите на признавање и покајување: „Јас згрешив, прости ми.“
Библиски стихови:
9 Ако ги исповедаме своите гревови, Тој е верен и праведен: да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секоја неправда.
(1-во Јованово 1:9 ; Библија)
5 Тогаш го признав својот грев пред Тебе и својата вина веќе не ја криев. Реков: „Ќе му го признам на Господа својот престап,” и Ти ми ја прости вината на мојот грев.
(Псалм 32:5 ; Библија)
1 …Смили ми се Боже, според Твоето милосрдие, според големите помилувања избриши го моето беззаконие!
2 Измиј ме целиот од мојата вина, очисти ме од мојот грев.
3 Зашто го признавам своето беззаконие, мојот грев е секогаш пред мене.
4 Тебе, само Тебе, Ти згрешив и направив што е зло пред Тебе: ќе бидеш праведен кога ќе проговориш, кога ќе пресудиш без прекорување.
5 Еве, грешен сум веќе роден, во грев ме зачна мојата мајка.
6 Ете, Ти љубиш искрено срце, ме учиш на мудрост во длабочината на душата.
7 Пороси ме со босилек, за да се очистам, измиј ме и ќе бидам побел од снегот!
8 Дај ми да чујам радост и веселба, за да се зарадуваат скршените коски!
9 Заврти го лицето од моите гревови, избриши го сето мое беззаконие!
10 Боже, создај ми чисто срце, и постојан дух обнови во мене!
11 Не ме отфрлај од Твоето лице и не одземај го Твојот Свет Дух од мене!
12 Врати ми ја радоста на Своето спасение и поткрепи ме со слободен дух!
13 Ќе ги научам беззакониците на Твоите патишта и грешниците ќе Ти се обратуваат.
(Псалм 51:1-13 ; Библија)
13 Кој ги крие престапите свои, нема да напредува; а кој се кае и ги остава, ќе биде помилуван.
(Пословици 28:13 ; Библија)
19 Затоа, покајте се и обратете се, за да ви бидат избришани гревовите, за да дојдат, од лицето на Господа времиња на освежување
(Дела 3:19 ; Библија)