(текстот кој следува е дел од поглавјето „Знаците на последното време“ од книгата „Времето и знаците“)
Во контекстот на пророштвата за последното време ги приведуваме и следните Христови зборови: Се дига татко против син и син против татко, мајка против ќерка и ќерка против мајка, свекрва против снаа и снаа против свекрва (Лука 12,53), секој секому му е виновен и се дига секој против секого… Пукаат венчалните прстени и се распаѓа бракот, таа најинтимна човечка заедница од Бога предвидена и дадена за добро на човекот. Младите во брак стапуваат со рајски претстави за брачниот живот, со идила и соништа за рај на земјата, со огромни, оптимистички и копнежливи очекувања за среќа со највисоки дострели, а бракот го напуштаат јадосани, изневерени, со чемер, со силен бес и војна во срцето. Се распаѓа семејството, јатката на општеството, се распаѓа човечката заедница, се распаѓа светот.
Да ги слушнеме овие статистички податоци за развод во светот. Русија има најголема стапка на развод – околу 60 проценти од браковите завршуваат со развод. Соединетите Држави се на второ место со 51 процент на развод, што значи повеќе од една половина од браковите во Америка пропаѓаат. Шведска, Норвешка и Велика Британија не заостануваат многу, со стапки на развод од 48, 44 и 42 проценти. Болно вистинито, браковите се во неволја. А кога бракот трпи, кој уште е погоден? Секако, децата! Само во Соединетите Држави бројот на деца што живеат со еден родител се зголемил од 10 проценти во 60-тите години на минатиот век на речиси 30 проценти во 2000-тата.
Децата од дом со еден родител имаат повеќе здравствени проблеми, поголема склоност кон самоубиство, кон емотивни и ментални состојби и два пати повеќе изгледи да развијат психијатриски нарушувања и зависност од дрога во однос на другите деца. Секако, ако го имате Исуса, тоа не мора да биде така.