(текстот кој следува е дел од поглавјето „Знаците на последното време“ од книгата „Времето и знаците“)
Катастрофални земјотреси ја толчат и сè повеќе ќе ја толчат, вулкани ќе ја столчат, а силни води ќе ја дотолчат нашата планета. Тоа е страшна спрега меѓу трите најмоќни природни сили што ќе се устремат против нашиот свет да го уништат. „Стравотија, јама и стапица се пред тебе, жителу на земјата!“ (Исаија 24,17).
Да го прочитаме следното апокалиптичко пророштво што го кажал лично нашиот Спасител Исус Христос кога го опишувал „последното време“ и кога ги набројал знаците карактеристични за „последните денови“ и за „крајот на светот“ (Матеј 24,3.14; 28,20):
„Ќе има знаци на сонцето, на месечината и на ѕвездите, а на земјата тага кај народите и неизвесност поради бучавата на морските бранови. Луѓето ќе умираат од страв очекувајќи го она што ќе го снајде светот, зашто небесните сили ќе се разнишаат… ќе има стравотии и големи знаци на небото“ (Лука 21,25.26.11).
„На земјата тага кај народите и неизвесност поради бучавата на морските бранови.“ – Тага и неизвесност поради бучавата на морските бранови! Каква и од каде е таа бучава на морските бранови која предизвикува страв, тага и неизвесност кај народите? Цунамите од Индискиот Океан од 26 декември 2004 и од 4 мај 2008 година, кои направија пустош во тој регион, само нè потсетуваат на она што ни претстои. Жителите во тие предели од светот и сега живеат во постојан страв и неизвесност од нови, уште пострашни цунами. Во 2011 година со свои очи ги гледавме стравотиите што ги предизвика цунамито во Јапонија, таа огромна сила на водната стихија како носи сè пред себе и остава пустош зад себе.
Веќе ги читавме зборовите на апостол Јован: „И настапија молскавици, татнежи, громови, и настана силен земјотрес, каков што никогаш немало откако постојат луѓе на земјата, толку голем и толку силен земјотрес… И сите острови исчезнаа, и горите веќе не се најдоа“ (Откровение 16,18.20). Страшно! Настанува распад на планетата. Сите острови исчезнаа, горите ги снема, планинските масиви потонаа! Каде исчезнаа островите? Каде заминаа планинските масиви – Алпите, Кордилерите, Андите, Пиринеите, Хималаите?… Таму од каде што дошле, од каде што настанале со набирање на земјината кора, при што се создале огромни амбиси во кои се собрале водните маси за време на потопот, формирајќи ги морињата и океаните. А ако тие се вратат таму од каде што испливале, во морските длабини, тогаш каде ќе заминат џиновските количества вода од морињата и океаните?
Секако, истиснати од своите вековни простори во кои биле сместени, тие се упатуваат во потрага по нови простори каде што ќе се сместат, ќе ги преминат своите милениумски граници и ќе кренат во освојување на копнените површини, при што настануваат невидени, катастрофални поплави со какви што нашата планета не се соочила уште од времето на потопот пред толку илјади години во кој изгинало сè живо на копното, освен она што било сместено во Ноевиот ковчег.
Значи, настанува гигантска динамичка просторна редистрибуција меѓу копното и водните маси кои полнат нови џиновски бездни и амбиси, при што безброј бродови и воени флоти, со целокупниот воен арсенал што го носеле во себе и му задавале страв на светот, ќе потонат во морските длабини, заедно со безброј човечки животи што ќе бидат жртвувани.
Можни се и реверзии. Науката тврди дека, на пример, постоело Панонско Море (и други мориња) кои истекле и зад себе оставиле котлини и огромни рамници, во случајов Панонската Низина. Но, со честите силни тектонски нарушувања во земјината кора, можно е да се затворат клисурите и теснеците низ кои течат реките и повторно, сега веќе густо населените котлини и низини, да се претворат во езера и мориња.
Насекаде слушаме за лизгање на земјишта. Под дејство на долготрајните силни дождови, што се честа појава низ цел свет, можно е да се лизнат цели ридови во клисурите и теснеците, да го препречат протекот на реките и да создадт нови езера и мориња кои ќе голтнат цели населени региони. Низ цел свет гледаме огромни поплави што уништуваат сè пред себе и зад себе оставаат вистински пустош. Австралија беше погодена со катастофални поплави кои опфатија добар дел од тој континент со површина голема колку Германија и Франција заедно.
Пакистан беше зафатен од милениумски поплави при што поголем дел од таа земја повеќе од еден месец беше претворен во вистинско море.
Овие денови (мај, јуни 2013) бевме сведоци на незапаметени поплави кои ја зафатија и ја пустеа речиси цела Европа. Слушавне изјави дека Германија не била зафатена со толку силни поплави во последните петстотини години. Според други изјави делови од Европа беа зафатени со најголеми поплави на сите времиња.
Слушаме и гледаме незапаметени поплави во Канада, во Индија, а утре и задутре ќе слушаме и ќе гледаме нови и сè нови катастрофални поплави и на истите и на нови подрачја во светот.
Во 2012 година најсилниот ураган на сите времиња „Сенди (Sandy)“ го растресе Њујорк и голем дел од источните делови на Соединетите Држави.
Сегашните сè позачестени и посилни урагани, тајфуни, циклони и торнада, кои се резултат на раздвиженоста на само горните слоеви на водните маси, пустат многу предели на земјата, оставајќи милиони луѓе без домови, уништувајќи економии на цели региони и однесувајќи со себе огромен број човечки животи. Но тие, колку и да се силни, страшни и катастрофални, се само бранови во када или бранови создадени од каменче фрлено во мирна вода споредени со побеснетите водни стихии кога, под дејство на силните земјотреси, ќе се разнишаат и ќе се кренат морските абисали и ултра абисали (најголемите морски длабини) кои ќе предизвикаат стотици метри високи бранови, силни да навлезат и во најдлабоките предели на копното, оставајќи зад себе пустош. Татнежите и силните бучави на тие гигантски морски бранови, вели нашиот Спасител, влеваат отровен страв, создаваат тага, очај и паника кај народите. – Несреќи со заслепувачка сила и брзина, најстрашни, ненадејни и најмалку очекувани! Овие пустења ќе се нижат едноподруго. Уште незакрепнат од една, светот го погаѓаат низи други последователни катастрофи. „Луѓето ќе умираат од страв очекувајќи го она што ќе го снајде светот“, продолжува Тој.