Секаде каде одел, Авраам подигнувал жртвеник на Господа. Додека го читате тоа, не заборавајте дека во ветувањето, дека сите народи ќе бидат благословени во Авраам, се спомнуваат семејствата. „Во тебе ќе бидат благословени сите семејства на земјата“ (Битие 12,3 – превод од англиски). Религијата на Авраам била семејна религија. Во неговото домаќинство никогаш не бил занемарен „семејниот жртвеник“. Тоа не се само празни зборови, туку тие доаѓаат од обичаите на татковците на кои им е дадено ветувањето и во кое ние сме учесници, ако ја имаме нивната вера и живот.
Пример на родителите
Бог му кажал на Авраам: „Зошто знам дека ќе им заповеда на синовите свои, и на домот свој по себе, да одат по патот Господов и да извршуваат правда и суд, и Господ ќе го исполни она што му го вети на Авраам“ (Битие 18,19).
Забележете ги зборовите: „Зошто знам дека ќе им заповеда на синовите свои, и на домот свој по себе, да одат по патот Господов и да извршуваат правда и суд“. Нема само да им заповеда да одат по Господовите патишта, и да остане на тоа. Тој ќе им заповеда, а последица на тоа ќе биде што тие ќе извршуваат и ќе одат по Господовите патишта. Неговото поучување ќе биде делотворно.
Природата на Исправните заповеди
Можеме да бидеме сигурни дека Авраамовото заповедање на своите деца и на неговиот дом не било грубо и самоволно. Тоа подобро ќе го разбереме ако ја разгледаме природата на Божјите заповеди. Тие „не се тешки“ (1 Јованово 5,3). „Заповедта Негова е живот вечен“ (Јован 12,50). Тие се живи во тоа што со себе го носат исполнувањето на она што го бараат. Оној што има намера да го следи Авраам во заповедањето на своето семејство со помош на строги, самоволни правила, па се однесува како некаков строг судија или тиранин, заканувајќи се што ќе направи ако не ги послушаат неговите заповеди и ги спроведува со сила, а не во духот на љубовта затоа што се исправни, туку затоа што е посилен од своите деца и може да ги држи со сила, има уште многу да научи за Авраамовиот Бог. „И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку подигнувајте ги во воспитанието и науката на Господ.“ (Ефесјани 6,4) Заповедањето кое со себе не носи поучување, помош и воспитување е само мртво слово.
Истовремено можеме да бидеме сигурни дека Авраамовите заповеди не биле како заповедите на Илија, слаби и мрзоволни укори упатени на неговите зли и непослушни синови: „Зошто правите такви работи, зашто слушам лоши зборови за вас од сиот народ. Не, деца мои, не се добри гласовите што ги слушам за вас. Немојте да правите така, бидејќи гласовите што ги слушам дека вие не му служите добро на народот Господов, не се добри“ (1 Самоилова 2,23.24). Божји суд го стигнал Илија и неговата куќа, „бидејќи синовите негови хулеа на Бога, а тој не ги запираше“ (1 Самуилова 3,13). Од друга страна, Авраам го пренесувал благословот во вечноста, бидејќи заповедите што тој им ги дал на своите деца имале во себе сила која потчинува.
ПРОПОВЕДАЊЕ НА БОЖЈОТО ЕВАНГЕЛИЕ
Авраам требал да биде благослов за сите народи. И секаде каде одел, тој бил благослов. Меѓутоа, тој благослов започнал во неговото семејство. Тоа бил центарот. Од семејниот круг се ширело небесно влијание кон ближните што го опкружувале. Сето ова ни станува многу појасно од извештајот дека Авраам, кога подигнал жртвеник, „го призва името Господово“ (Битие 12,8; 13,4). Во преводот на д-р. Јанг (англиски превод) читаме: „Проповедаше во името на Јахве.“ Без да укажуваме на различните места каде се среќава истиот израз, добро е да забележиме дека еврејските зборови се исти со оние кои се употребени во Излез 34,5, каде читаме дека Господ слегнал во облак, застанал пред Мојсеј „и го објави името Господово“ (Излез 34,5). Од ова можеме да разбереме дека, кога Авраам подигнал семеен олтар, тој не само што го поучувал своето тесно семејство, туку на сите околу себе „го објави името Господово“. Авраам, исто како и Ное, бил проповедник на правдата. Како што Бог го проповедал евангелието на Авраам, така тој го проповедал евангелието на другите. Господ не повикува ниту еден човек за само тој да го прими евангелието, туку и да го открие на другите. „И кој ќе чуе, нека каже: ‘Дојди!’“ (Откровение 22,17).
Меѓутоа, ние не смееме да паднеме во заблуда претпоставувајќи дека Авраам уште од самиот почеток бил добар и дека Бог поради тоа го повикал, или дека токму тој, за разлика од сите други обични луѓе, немал никакви искушенија, ниту бил подложен на слабости. Добрината не е природна за човекот, а Авраам, исто така, бил човек. Бил слаб, смртен, со грешна природа, но „му поверува Аврам на Господ, и тоа му се засмета за праведност“ (Битие 15,6). Некои мошне лоши нешта се забележани за Авраам и ако ги спомнеме, тоа не е за да го понижиме, туку да покажеме дека Бог „го оправдува безбожникот“ (Римјаните 4,5). „А сѐ што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјани 15,4). Да се занемарат гревовите на патријархот, значи да се лишиме себеси од утехата која Бог ни ја наменил забележувајќи ги тие гревови. Да се прави херои од нив, како тие по природа да се поинакви од другите луѓе, значи да се обезвреди дејството на Божјата благодат.
Два пати Авраам немоќно излажал во врска со својата жена, поставувајќи ја во најсрамна можна положба, за да се заштити себеси од евентуална опасност. Неговата постапка во Египет била крајно нечесна. Овде попатно можеме да спомнеме дека сите врски на Божјиот народ со Египет биле на негова штета. Кога Авраам требало да влезе во Египет, тој свесно испланирал својата жена да ја претстави како своја сестра, со цел Египјаните да не го убијат него за да ја добијат неа. Без оглед на тоа дали Авраам мислел на тоа или не, очигледно е дека, додека од една страна оваа измама можела да го сочува неговиот живот, истовремено била замислена со ризик да ја загрози честа на неговата жена, зошто, ако Египјаните биле наклонети да грабнат нечија жена, уште помалку би се колебале да ја земат неговата сестра. Токму тоа и се случило.
Ниту еден човек не би можел да постапи покукавички и понечесно од ова. Меѓутоа, фараонот преку Божјите казни дознал дека таа му е жена на Авраам, а не сестра, и затоа огорчено го укорил Авраам поради неговата нечесна постапка. И не само тоа, туку со брза постапка Авраам морал посрамен да го напушти Египет. „И фараонот определи луѓе, кои го испратија Аврам и жената негова, со сѐ што имаше“ (Битие 12,20). Тоа значи дека на Авраам му било кажано веднаш да си замине, а на фараоновите слуги им е заповедано веднаш да го испратат далеку. Тоа било понижувачко, но Аврам немал што да каже во своја одбрана.
Па, сепак, човекот кој бил виновен за едно такво нечесно дело, станал татко на сите што веруваат и се нарекол „пријател Божји.“ (Јаков 2,23) Овде има утеха за сите. „Послушајте ме вие, што копнеете за правда, вие кои Го барате Господа! Погледајте ја карпата, од која сте исечени, и длабочината на јамата, од која сте извлечени. Погледајте го Авраам, вашиот татко, и Сара, која ве родила; зашто јас го повикав него кога беше сам, го благословив и го умножив“ (Исаија 51,1.2). Да благодариме на Бога што Христос не дошол да ги повика праведните, туку грешниците на покајание. Добрината која се покажала во животот на Авраам е истата таа добрина која Господ ја покажува кон секој грешник што го прифаќа Него.
АВРААМ И ЛОТ
„А Аврам беше многу богат со добиток, со сребро и со злато“ (Битие 13,2). „А и Лот, кој одеше со Аврам, имаше ситен и крупен добиток и шатори. И земјата беше тесна, за да живеат заедно, бидејќи имотот нивни беше толку голем, што не можеа да живеат заедно. И стана караница меѓу пастирите на Аврамовиот добиток и пастирите на Лотовиот добиток. А во таа земја живееја тогаш Хананци и Ферезејци. Затоа Аврам му рече на Лот: ‘Не треба да се караме јас и ти, ни моите пастири со твоите пастири, зашто сме роднини. Не е ли пред тебе целата земја? Оддели се од мене. Ако тргнеш ти на лево, јас ќе тргнам на десно, ако ти појдеш на десно, јас, пак, на лево.’“ (Битие 13,5-9)
Тајната на Авраамовата великодушност
Кога ќе ја сфатиме природата на Божјето ветување на Авраам, тогаш можеме да ја разбереме тајната на неговата великодушност. Да претпоставиме дека Лот го избрал најдобриот дел од земјата. Тоа не би имало никакво влијание на Авраамовото наследство. Затоа што го имал Христа, тој имал сѐ. Тој не барал наследство во овој, туку во идниот живот. Тој со благодарност ќе ја прифати секоја благосостојба што Господ може да ја даде. Меѓутоа, ако неговото богатство во овој живот треба да стане мало, тоа нема да го намали наследството што му е ветено.
Христос, нашиот мир
Христовото присуство и благослов е во состојба да ги реши сите недоразбирања, но и да спречи тие да се појават. Во постапката на Авраам имаме вистински христијански пример. Како највозрасен тој можел да се повика на своето достоинство и да ги бара своите „права“. Но како христијанин, не можел да го направи тоа. Љубовта „не го бара своето“ (1 Коринтјани 13,5). Авраам покажал вистински Христов Дух. Кога оние што исповедаат дека се христијани се стремат да ги присвојат нештата на овој свет и се вознемирени дека можат да бидат лишени од некои нивни права, тие покажуваат дека не се свесни за вечното наследство што Христос им го нуди.
Повторено ветување
Авраамовата христијанска учтивост која била последица на неговата вера во ветувањето преку Христа, не останала незабележана од страна на Господа. Читаме:
„И му рече Бог на Аврам, откако Лот се оддели од него: ‘Крени ги очите свои, па погледни од местото, каде што си сега, на север и на југ, на исток и на запад, зашто целата земја што ја гледаш, ќе ти ја дадам тебе и на потомството твое довека; ќе го умножам потомството твое да биде колку што е песокот на земјата; ако некој може да го изброи песокот на земјата, ќе може да го изброи и потомството твое. Стани и изоди ја оваа земја во должина и во широчина, зашто ќе ти ја дадам тебе.’“ (Битие 13,14-17)
Не смееме да заборавиме дека „ветувањата му беа дадени на Авраам и на семето негово. Не е речено: ‘И на семињата’, како за мнозина, туку како за еден: ‘И на семето твое, кое е Христос’“ (Галатјани 3,16). Нема друго Авраамово семе (потомство) освен Христос и оние што се Негови. Затоа тоа безбројно потомство кое му е ветено на Авраам е еднакво на она за кое станува збор во следниот библиски текст:
„Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое никој не можеше да го преброи, – од сите племиња и колена, народи и јазици. Тие стоеја пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете. И воскликнуваа со висок глас, велејќи: ‘За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!’“ „А еден од старешините прозборе и ме праша: ‘Оние, облечени во бели облеки, кои се и од каде дошле?’ А јас му одговорив: ‘Ти знаеш, господине.“ А тој ми рече: ‘Тие се што дојдоа од големи маки; тие ги испраа облеките свои и ги избелија во крвта на Јагнето.’“ (Откровение 7,9.10.13.14)
Веќе дознавме дека благословот на Авраам преминува на сите народи преку Христовиот крст, така што во оваа изјава дека тоа неброено мноштво ги избелиле своите облеки во крвта на Јагнето, го гледаме исполнувањето на ветувањето за неброено потомство дадено на Авраам. „А, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници.“ (Галатјани 3,29) Не би требало читателот да пропушти да види дека земјата има истакнато место во повтореното ветување во 13 глава, Битие. Тоа го пронајдовме и во минатите глави и ќе го најдеме како главна карактеристика на ветувањето, било каде тоа да се појави.
АВРААМ И МЕЛХИСЕДЕК
Кратката историја за Мелхиседек претставува врска која силно нѐ поврзува нас и нашето време со Авраам и неговото време, и покажува дека т.н. „христијанска ера“ постоела и во деновите на Авраам исто како што постои и денес.
Во четиринаесетта глава од Битие имаме сѐ што знаеме за Мелхиседек. Седмата глава во Посланието до Евреите ја повторува таа историја и на неа додава неколку коментари. Освен тоа, Мелхиседек се спомнува и во шестата глава, како и во Псалм 110,4.
Настанот е опишан вака: Авраам се враќал од походот против непријателот што го одвел Лот, кога Мелхиседек го пресретнал, изнесувајќи леб и вино. Мелхиседек бил салимски цар и свештеник на Севишниот Бог. Како таков, тој го благословил Авраам, а Авраам му дал десетти дел од пленот што го вратил назад. Тоа е настан од кој можеме да извлечеме неколку важни поуки.
Како прво, дознаваме дека Мелхиседек бил поголем од Авраам, бидејќи „помалиот се благословува од поголемиот“ (Евреите 7,7), а и затоа што Аврам му дал десетти дел од сѐ.
Царски Свештеник
Тој бил слика на Христос и бил како Него: „Подобен на Синот Божји“ (стих 3). Бил слика на Христос во тоа што бил и цар и свештеник. Неговото име значи „цар на праведноста“, а Салим, каде што владеел, значи „мир“. Според тоа, тој не бил само свештеник, туку и цар на праведноста и цар на мирот. За Христа е кажано: „Му рече Господ на мојот Господ: ‘Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои’“. „Се заколна Господ и нема да се покае: Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков“ (Псалм 110,1.4). А името со кое ќе се нарече е: „Господ, наша Праведност“ (Еремија 23,6).
Христовото царско свештенство вака е изнесено во Писмото: „И речи му: Господ над војските зборува вака: ‘Еве го човекот кому му е името Зачетник; Тој ќе израсне од коренот свој и ќе го изгради Господовиот Храм. Тој ќе го изгради Господовото Светилиште и ќе се прослави. Тој ќе седи и ќе владее на својот престол. А ќе биде и свештеник на престолот свој. Согласност за мир ќе биде меѓу нив“ (Захарија 6,12.13). Власта со која Христос како свештеник врши помирување за гревовите на народот е власта на Божјиот престол на кој седи.
Но, главната точка која упатувала на Мелхиседек е тоа што Авраам живеел во истата „ера“ како и ние. Свештенството тогаш било исто како и сега. Не само што сме Авраамови деца, ако сме од верата, туку нашиот Голем Првосвештеник, кој се искачил на небото, со Божја заклетва засекогаш е поставен за Голем Првосвештеник, „по чинот Мелхиседеков“. Со тоа, на двократен начин е покажано дека „ако сте вие, пак, Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници“ (Галатјани 3,29). „Авраам, таткото ваш, би се зарадувал да го види Мојот ден; и го виде и се зарадува.“ (Јован 8,56)
Авраам бил христијанин
Според тоа, Авраам бил христијанин како и секој кој живеел после Христовото распнување. „Во Антиохија за прв пат ги нарекоа учениците христијани“ (Дела 11,26). Меѓутоа, учениците не биле поинакви откако се наречени христијани, од тоа што биле порано. Кога биле познати како Евреи, биле исто толку христијани како и тогаш кога така биле наречени. Името не значи многу. Името „христијани“ го добиле затоа што биле Христови следбеници. Меѓутоа, тие биле исто толку Христови следбеници пред да бидат наречени христијани, како и после тоа.Стотици години пред времето на Исус од Назарет, Авраам бил токму она што биле учениците кога во Антиохија ги нарекле христијани. Бил Христов следбеник. Затоа, во полната смисла на зборот, тој бил христијанин. Сите христијани, и никој друг, се деца Авраамови.
Десетокот
Читателот ќе забележи дека во Евреите 7 глава е кажано дека случајот на Авраам и Мелхиседек е доказ дека давањето десеток (десетти дел од приходите) не е левитски пропис. Многу време пред да се роди Левиј, Авраам дал десеток. А дал десеток на Мелхиседек, кој имал христијанско свештенство. Затоа оние што се Христови, и на тој начин Авраамови деца, исто така ќе даваат десеток од сѐ.
Треба да се забележи дека давањето десеток било добро познато во времето на Авраам. Тој му дава десеток на Божјиот свештеник како нешто што се подразбира само по себе. Тој го признал фактот дека десетокот му припаѓа на Господа. Извештајот во Левит не е почеток на системот за десеток, туку едноставно е потврда на тој факт. Дури и Левитите дале „десеток преку Авраам“ (Евреите 7,9). Не ни е кажано кога за прв пат е објавен на луѓето, но како што можеме да видиме, давањето десеток било добро познато во времето на Авраам. Во книгата на пророк Малахија, која посебно е упатена до оние што ќе живеат непосредно пред „да дојде Господовиот ден, ден голем и страшен“ (Малахија 4,5), ни е кажано дека оние што не го даваат десетокот го крадат Бога.[i]
Аргументот е едноставен: Авраам му дал десеток на Мелхиседек. Свештенството на Мелхиседек е свештенство преку кое доаѓаат праведноста и мирот. Ние се спасуваме благодарение на тоа свештенство. Авраам му дал десеток на Мелхиседек зошто Мелхиседек бил претставник на Севишниот Бог, а десетокот му припаѓа на Господа. Ако сме Христови, тогаш сме и деца Авраамови. Според тоа, ако не сме деца Авраамови, тогаш не сме Христови. Но ако сме деца Авраамови, тогаш ќе ги правиме Авраамовите дела. Па, тогаш, чии сме?
Леб и вино
Не смееме да занемариме уште едно нешто. Факт е дека Мелхиседек, кој бил цар на праведноста и мирот, и свештеник на Севишниот Бог, му донел на Авраам леб и вино за кои Христос кажал: „Тоа е Моето тело“ (Марко 14,22) и „тоа е Мојата крв“ (стих 24). Може некој да каже дека лебот и виното биле за освежување на Авраам и неговите пријатели. Тоа е вистина, но тоа во никаков случај не го намалува значењето на овој факт, зашто ние постојано го јадеме Христовото тело и ја пиеме Неговата крв.
Мелхиседек настапил како цар и свештеник, а Авраам го признал како таков. Забележете ја врската во Битие 14,18.19: „И Мелхиседек, царот салимски, изнесе леб и вино; а тој беше свештеник на Севишниот Бог, па го благослови велејќи: ‘Благословен да е Аврам од Севишниот Бог, Создателот на небото и земјата!’“ Потполно е јасно дека лебот и виното што ги донел Мелхиседек, добиле посебно значење поради фактот што тој бил свештеник на Севишниот Бог. Евреите во Христово време се потсмевале на тврдењето дека Авраам го видел Неговиот ден и дека му се радувал. Не можеле да видат докази за тој факт. Дали можебии ние во овој чин не гледаме доказ дека Авраам го видел Христовиот ден, денот на спасението?