При проучувањето на ова ветување, секогаш мора да имаме на ум два библиски текста. Првиот текст се Исусовите зборови: „Ги истражувате Писмата, зашто вие мислите дека во нив имате живот вечен; а токму тие сведочат за Мене.“ И: „Зашто, ако му бевте верувале на Мојсеј, и Мене ќе ми верувавте, зашто тој пишуваше за Мене. Ако, пак, на неговите пишани зборови не верувате, тогаш како ќе им поверувате на Моите зборови?“ (Јован 5,39.46.47)
Светото Писмо
Единствено Писмо во Христово време биле книгите кои денес се познати како Стар Завет; а тие сведочат за Него. Тие всушност и биле дадени само со таа цел. Апостол Павле напишал дека тие се во состојба луѓето да ги направат мудри за спасение во Исуса Христа (2 Тимотеј 3,15), а Господ посебно нагласил дека меѓу тие списи Мојсеевеите книги го откриваат Исус. Оној што ги чита Мојсеевите книги, и целиот Стар Завет, со било какви други очекувања, освен да го пронајде Христа и патот на животот преку Него, нема воопшто да успее да ги разбере. Неговото читање ќе биде залудно.
СИТЕ БОЖЈИ ВЕТУВАЊА СЕ ВО ХРИСТА
Другиот текст е во 2 Коринтјани 1,19.20: „Зашто Божјиот Син, Исус Христос, Кого го проповедавме меѓу вас, јас Силван и Тимотеј, не беше ‘да’ и ‘не’, туку во Него беше ‘да’, бидејќи Божјите ветувања, колку многу и да се, во Него се ‘да’. Затоа и ние велиме ‘Амин’ преку Него, за слава на Бога преку нас.“ Ниту едно Божје ветување никогаш не е дадено на човекот на друг начин, освен преку Христа. Личната вера во Христа е единствено потребна за човекот да го прими она што Бог го ветил. Бог не гледа кој е кој. Тој на секого бесплатно му ги нуди своите богатства. Но, никој не може да има дел во нив ако не го прими (ако не престане да го одбива – забелешка на преведувачот[i]) Христа. Тоа е чесно, бидејќи Христос им се дава на сите, само ако сакаат да Го имаат.
Накратко ќе изнесеме неколку најбитни пасуси од споменатите дела во врска со оваа животно важна идеја (а препорачуваме и едно детално размислување на оваа тема кое е изнесено во 13 глава од книгата Во потрага по крстот од Роберт Виланд (насловот на главата гласи: Што постигнал Христос на крстот).
„‘Преку праведното дело на еден дојде врз сите луѓе оправданието, кое дава живот‘ (Римјаните 5,18). Овде нема исклучок. Како што осудувањето дошло врз сите, така и оправдувањето дошло врз сите луѓе. Христос вкусил смрт за сите луѓе. Тој се дал самиот Себе за сите. Згора на тоа, Тој се дал себеси на секој човек. Бесплатниот дар е даден на сите. Факт дека тоа е бесплатен дар е доказот дека нема исклучок. Да им е даден само на оние кои имаат некои посебни квалификации, тогаш тоа не би бил бесплатен дар.“
„Според тоа, факт е, а тоа е јасно изразено и во Библијата, дека дарот на праведноста и животот во Христа дошол на секој човек на Земјата. Не постои причина било кој човек, кој некогаш живеел, да не биде спасен за вечен живот, освен ако тој самиот не сака. Толку многу има кои со презир го одбиваат дарот кој бесплатно им е понуден.“ (Е. Ј. Вагонер, Послание до Римјаните – коментари, стр. 101 од оригинал)
„Бог на секој човек му доделил мерка на верата, и тоа на сите подеднаква мерка, бидејќи мерката на благодатта е мерката на верата. ‚А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов‘ (Ефесјани 4,7). Христос му се дава на секој човек без резерва и сите имаат исти можности да го добијат наследството.“ (стр. 89)
„Дали тогаш се прашувате што може да го спречи спасението на секој човек? Одговорот е – ништо, освен фактот дека нема сите луѓе да ја прифатат и одржат верата. Кога сите би го сочувале сето она што Бог им го дава, сите би биле спасени.“ (стр. 69)
„‘Бог… сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината‘ (1 Тимотеј 2,4). И Тој ‚врши сѐ според волјата Своја‘ (Ефесјани 1,11). ‚Дали имате намера да поучувате за универзално спасение?‘ – може да праша некој. Ние имаме намера да го поучуваме токму она што го учи Божјето Слово – дека ‚се јави Божјата благодат, која носи спасение за сите луѓе‘ (Тит 2,11). Бог остварил спасение за секој човек и го дал на секого, но повеќето презриво го одбиваат и отфрлаат. Судот ќе го открие фактот дека на секој човек му е понудено потполно спасение и дека изгубените намерно го отфрлиле своето право на наследство стекнато со раѓањето.“ (Вагонер, Послание до Галатјаните – коментари, стр. 13 и 14 од оригинал).
„Некој може површно да каже: ‚Тогаш сите сме како што треба; што и да направиме што се однесува до законот (Божји), тоа е исправно, зашто сме откупени‘. Вистина е дека сите се откупени, но не сите го прифатиле откупувањето. Мнозина кажуваат за Христа: ‚Ние не сакаме овој човек да владее над нас, ниту сакаме да веруваме во благословите што Бог ги има за нас‘. Но, откупувањето е за сите. Сите се откупени со скапоцената крв – животот на Христос, и сите можат, ако сакаат, да бидат ослобоени од гревот и смртта.“ (стр. 61)
Ветувањето
Имајќи ги на ум овие принципи, го читаме првиот извештај за Божјето ветување на Авраам. „И му рече Господ на Авраам: ‘Излези од својата земја, и од родот свој, и од домот на татко си во земјата што ќе ти ја покажам Јас. А од тебе ќе направам голем народ, и ќе те благословам, и името твое ќе го прославам и ти ќе бидеш благослов. Ќе ги благословам оние што тебе ќе те благословуваат, и ќе ги проколнам оние што тебе ќе те проколнуваат и во тебе ќе бидат благословени сите народи на земјата“ (1 Мојсеева 12,1-3).
Евангелско ветување
Уште на самиот почеток можеме да видиме дека ова ветување на Авраам е ветување во Христа. Апостол Павле пишува: „И Писмото, предвидувајќи дека Бог преку вера ги оправдува незнабошците, однапред му благовести на Авраам: ‘Во тебе ќе бидат благословени сите народи.’ И така, оние што веруваат, се благословени заедно со верниот Авраам“ (Галатјани 3,8.9). Од ова дознаваме дека, кога Бог му кажал на Авраам дека во него ќе бидат благословени сите народи на земјата, Тој му го изнел евангелието. Благословот што требало да дојде на сите народи на земјата, можел да се добие само со вера.
АВРААМ И КРСТОТ
Проповедањето на евангелието е проповедање на Христовиот крст. Затоа апостол Павле кажува дека е испратен да го проповеда евангелието, но не со премудри зборови, за Христовиот крст да не ја изгуби силата. Потоа додава дека проповедањето на крстот е сила Божја за оние што се спасуваат (1 Коринтјани 1,17.18). Но, тоа е само уште еден начин да се каже дека тоа е евангелието, бидејќи евангелието е силата Божја за спасение.
Бидејќи проповедањето на евангелието е проповедање за Христовиот крст (и нема спасение на некој друг начин) и земајќи во предвид дека Бог на Авраам му го проповедал евангелието, кога кажал: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи на земјата“, јасно е дека во тоа ветување, на Авраам му е објавен Христовиот крст и дека ова ветување можело да се оствари само преку крстот.
Овој факт е јасно прикажан во посланието до Галатјаните во 3-та глава. После изјавата дека ветувањето за благослов преку Авраам е наменето за сите народи на земјата, и дека оние што веруваат ќе го примат благословот со верниот Авраам, следат зборовите: „Христос нѐ откупи од проклетството на законот, откако поради нас стана проклетство, бидејќи е напишано: ‘Нека е проклет секој што е обесен на дрво!’, така што благословот даден на Авраам да дојде преку Исус Христос врз незнабошците, за да го добиеме ветениот Дух преку верата“ (Галатјани 3,13.14). Овде најјасно е кажано дека Авраамовиот благослов, преку кого требало да бидат благословени сите народи на земјата, требало да дојде само преку Христовиот крст.
Нешто што треба да се запамети
Ова е факт што треба добро да го запомниме уште на самиот почеток. Сето неразбирање за Божјите ветувања на Авраам и неговото потомство доаѓа од тоа што луѓето во нив не го гледаат евангелието за Христовиот крст. Ако постојано имаме на ум дека сите Божји ветувања се во Христа, дека можеме да ги добиеме само благодарение на Неговиот крст и дека поради тоа, по својата природа, тие се духовни и вечни, тогаш нема да има тешкотии, а проучувањето на ветувањето дадено на татковците ќе биде задоволство и благослов.
Ветувањето е повторено
Читаме дека Авраам, послушен на Божјиот повик, излегол од домот на својот татко и од своето родно место. „И ги зеде Аврам Сара, жената своја, и Лот, синот на својот брат, со целиот имот што го беа спечалиле, и слугите што ги беа придобиле во Харан, па излегоа за да отидат во земјата хананска.[1] И Аврам ја помина таа земја по нејзината должина до местото Сихем и до рамницата Морех; а тогаш во таа земја живееја Хананци. И му се јави Господ на Авраам и му рече: ‘Оваа земја ќе му ја дадам на твоето потомство.’ И му подигна таму Авраам жртвеник на Господ, Кој му се јави. Потоа оттаму тој замина кон планината, на исток од Ветил, и таму го распна шаторот свој; и Ветил му беше од запад, а Гај од исток; и таму Му подигна на Господ жртвеник, и го призва името на Господ.“ (1 Мојсеева 12,5-8)
Некои поими треба да се врежат во умот
Најдобро за нас е прво да го сфатиме значењето на Божјето ветување и постапувањето со Аврам од самиот почеток, и тогаш нашето понатамошно проучување ќе биде лесно, бидејќи тоа ќе биде само примена на овие принципи. Во овој последен библиски текст наведени се неколку предмети кои заземаат истакнато место во ова проучување, и затоа ќе ги наброиме овде. Прво:
СЕМЕТО (ПОТОМСТВОТО)
Кога Авраам пристигнал во Ханан, Господ му кажал: „Оваа земја ќе му ја дадам на твоето потомство (потомок – еднина – забел. на издавачот).“ Ако се држиме за Писмото, нема ниту еден миг да имаме проблем кое е тоа потомство (тој потомок). „Но ветувањата му беа дадени на Авраам и на семето негово (неговиот потомок). Не е речено: ‘И на семињата’ како за мнозина, туку како за еден: ‘И на семето твое’, кое е Христос“ (Галатјани 3,16). Тоа би требало засекогаш да ја реши дилемата за веќе да нема расправа околу тоа. Аврамовото семе (потомок), на кого му е дадено ветувањето е Христос. Тој е наследникот.
Сонаследници
Но, ние можеме да бидеме и сонаследници Христови. „Сите, кои сте крстени во Христос, во Христос се облековте. Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско; зашто сите вие сте едно во Христос Исус. А, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници“ (Галатјани 3,27-29). Но да не заборавиме дека, иако има многу илјади вклучени во семето, има само едно семе, бидејќи сите тие се едно во Христа, Кој е Семето.
Само во Христа
Оние што се крстени во Христа се облекле во Христа и затоа се едно во Него. Според тоа, кога е кажано дека Христос е Авраамов потомок на кого му се дадени ветувањата, тогаш во тоа се вклучени сите кои се во Христа. Меѓутоа, никој кој е надвор од Христа не е вклучен во ова ветување. Да се каже дека наследството ветено на Авраамовиот потомок можат да го добијат и другите, а не само оние што се Христови преку вера во Него, значи да се занемари евангелието и да се отфрли Божјето слово. „И така, кој е во Христос, тој е ново создание“ (2 Коринтјани 5,17).
Затоа, земајќи во предвид дека ветувањето за земјата дадено на Авраам и на неговиот потомок, кој е Христос, и на оние кои со крштевање се облекле во Него и кои се нови созданија, јасно е дека ветувањто за земјата е дадено само на оние кои се нови созданија во Христа – Божји деца преку вера во Исус Христос.
Тоа е уште еден доказ дека сите Божји ветувања се во Христос, и дека можеме да учествуваме во ветувањата дадени на Авраам само благодарение на Христовиот крст.
Затоа, никогаш да не го забораваме овој принцип кога читаме за Авраам и за ветувањето што му е дадено на него и неговото потомство (потомок) – дека тој потомок е Христос и оние кои се во Него. Тоа и ништо друго.
ЗЕМЈАТА
Аврам бил во Ханан кога Бог му рекол: „Оваа земја ќе му ја дадам на твоето потомство“ (1 Мојсеева 12,7). Да ги прочитаме сега зборовите кои маченикот Стефан, полн со Светиот Дух, со лице кое светело како лице на ангел, им ги упатил на своите прогонувачи:
„Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраам, кога беше во Месопотамија, уште пред да се пресели во Харан, и му рече: ‘Излези од твојата земја, од твојот род и од домот на татко ти, па појди во земјата што ќе ти ја покажам.’ Тогаш тој излезе од земјата Халдејска и се насели во Харан, а оттаму, по смртта на неговиот татко, Бог го пресели во оваа земја, каде што живеете вие сега“ (Дела 7,2-4).
Сето ова е само повторување на она што веќе го читавме во 12 глава од 1 книга Мојсеева. Да го прочитаме сега следниот стих: „И во неа не му даде наследство ниту една стапка земја, туку му вети, додека уште немаше дете дека ќе им ја даде во наследство нему и на неговото потомство по него.“
Овде дознаваме дека, иако едноставно е кажано: „на твоето потомство (потомок – еднина) ќе му ја дадам оваа земја“, Авраам секогаш бил вклучен во ова ветување. Тоа е очигледно од повторувањата на ветувањето кои следуваат во 1 Мојсеева.
ИСУС И ВОСКРЕСЕНИЕТО
Но, дознаваме и уште нешто повеќе, а тоа е дека Аврам всушност не ја наследил земјата. Немал ниту една стапка за да може да застане на неа. Меѓутоа, Бог му ја ветил земјата на него и на неговото потомство (потомок) после него. Што да кажеме на тоа? Дека Божјето ветување пропаднало? Никако! Бог не може да излаже. „Тој останува верен“ (2 Тимотеј 2,13). Аврам умрел без да го прими ветеното наследство, но умрел со вера. Од оваа лекција мораме да научиме, дека Светиот Дух сакал Евреите да научат, дека ветеното наследство може да се прими само преку Исус и воскресението. Ова е мошне јасно изразено со зборовите на апостол Петар:
„Вие сте синови на пророците и на заветот што Бог го беше направил со вашите предци, велејќи му на Авраам: ‘И во потомството твое (твојот потомок) ќе бидат благословени сите народи на земјата.’ Бог, откако Го воздигна Својот Слуга (ветениот потомок т.е. Христос – забел. на преведувачот), најнапред вам ви го прати за да ве благослови со тоа што секого од вас ќе го одврати од неговите зли дела“ (Дела 3,25.26)
Дознавме дека Аврамовиот благослов доаѓа на незнабошците, или на сите племиња на земјата, преку Исус Христос и Неговиот крст. Но, Аврамовиот благослов е поврзан со ветувањето дека ќе ја добие хананската земја. А неа можеле да ја имаат во своја сопственост само преку Христос и воскресението. Кога би било поинаку, Аврам би бил разочаран, а вака умрел полн со вера во тоа Божје ветување. Но, и ова ќе стане многу појасно во следните наши проучувања.