Тајната на радоста во неволјите.
Преку еден смртта премина на сите луѓе.
Преку Еден, мнозина ќе бидат направени праведни.
Христовата послушност во верникот.
Законот насочува кон Христос.
„Зашто, ако се помиривме со Бога преку смртта на Неговиот Син, уште додека бевме непријатели, тогаш уште повеќе ќе се спасиме преку Неговиот живот, откако сме се помириле. А освен тоа, се фалиме и со Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку кого добивме сега помирување“ (Римјаните 5,10.11).
Во единаесеттиот стих е наведен еден од родовите кој мора да се појави како резултат на спознанието дека сме „спасени преку Неговиот живот“. Кога луѓето имаат добро втемелено уверување дека се спасени преку животот на Исус Христос, кога ќе сфатат дека тоа е така во толкава мера, што тоа ќе стане дел од нивното битие, тие ќе се радуваат во Бога, преку Исус Христос, нивниот Господ. Кога знае дека е спасен со Христовиот живот, во срцето на поединецот не може да има ништо друго, освен радост. Тоа е тајната на радоста во неволјите.
„Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5,12).
Овој стих содржи само дел од тврдењето. Почнувајќи од 13 стих, па до крајот на 17 стих, ќе забележите дека има едно вметнување (дигресија). Потоа, во 18 стих, почетното тврдење продолжува и се довршува. Првиот дел од 18 стих е само еквивалент на првиот дел од 12 стих; тоа е истата вистина, изразена со други зборови – „И така, како што преку еден престап дојде осудувањето на сите луѓе“. Завршниот дел на 18 стих го довршува тврдењето: „Така и преку праведното дело на еден дојде врз сите луѓе оправданието, кое дава живот“.
Можеме да ги погледнеме, но накратко, и вметнатите стихови. Тие содржат големи вистини, но времето предвидено за оваа тема е толку ограничено, така што нашето разгледување мора да биде само за главните идеи на таа глава.
Во четиринаесеттиот стих сме упатени на изразот „смртта царуваше“. Какво е тоа царување на смртта? Што подразбира преминувањето на смртта врз сите луѓе? Апостолот кажува дека „смртта царуваше уште од Адам, па сѐ до Мојсеј“. Со тоа тој не мисли дека смртта не владеела и во било кое друго време, ниту дека смртта не владее во сегашноста. Делот од стихот кој се однесува на Адам и Мојсеј е дел од едно големо објаснување кое започнува во 4 глава. Тоа е дел од неговото објаснување за Авраам.
Накратко, според ова објаснување, вклучувањето на законот на никаков начин не е во судир со ветувањето на Авраам. Во Римјаните 4,13.14, ни е кажано дека „ветувањето на Авраам или на семето негово – дека ќе биде наследник на светот – беше дадено не преку законот, туку преку праведноста на верата. Зашто, ако се наследници оние што се од законот, тогаш верата нема никакво значење, и ветувањето е поништено“. Со овие стихови, апостолот на практичен начин докажува дека законот воопшто не е вклучен во оправданието на човекот; до оправдување се доаѓа само со вера, а не со дела. Зошто законот не е вклучен во оправдувањето на човекот? „Зашто законот породува гнев“ (Римјани 4,15).
Кога Авраам би бил оставен да се оправдува со делата на законот, тогаш не би имало ништо што би можело да му се засмета, освен гнев, зошто тоа е сѐ што законот може да направи. Но, од друга страна, кога не се оправдува со законот, кој е само средство за породување гнев против него, а се оправдува со верата, тогаш животот му се засметува. А тоа што ние го сакаме е животот, а не гневот. Сите луѓе копнеат по животот, а не по гневот. Оној што бара да биде оправдан со своите дела, ќе пожнее само гнев. Авраам ќе го прими наследството само на основа на ветувањето, и ќе ја прими праведноста само преку верата што ја имал.
Некои мислат дека постојат два начина на спасение, зашто Господ на Синај го дал законот, а до тоа време владеела смртта, така да, секако, тоа значи дека законот донел живот. Точно е дека Господ го дал законот на Синај, но законот постоел на светот многу порано пред да биде даден на Синај. Авраам го имал законот и само преку праведноста од верата можел да го држи тој закон. Според тоа, воведувањето на законот на Синај не бил во судир со Божјето ветување на Авраам. Не постоела друга поинаква фаза на планот на спасението која била претставена на планината Синај, ниту пак во времето на Излегувањето. Не постол повеќе закон после тоа време, отколку што имало порано. Авраам го творел законот. Да не постоел никаков закон, Авраам никогаш не би можел да се оправда, но тој го творел законот преку верата. Смртта владеела преку гревот уште пред времето на Мојсеј, но праведноста била засметана за живот. Тоа покажува дека законот веќе постоел, иако тие не го имале во пишан, јавен облик, како што го имале после тоа.
Што се однесува до царувањето на смртта, убеден сум дека ќе изгубиме многу добра и утеха кои се наоѓаат во оваа 5 глава, само поради погрешната примена на зборовите – „смртта царуваше“, како и изразот „смртта премина на сите луѓе преку еден човек, зашто сите згрешија“. Зошто смртта преминала на сите луѓе? Затоа што сите згрешиле! Преку еден човек гревот дошол на светот. Мнозина ќе застанат на ова место и ќе шпекулираат, прашувајќи се како тоа можело да биде и како тие сами за себе да најдат оправдување за тоа. Ќе прашуваат зошто сме овде, во оваа грешна состојба, без било каков избор, ниту право на глас, кога станува збор за нас самите. Сега знаеме дека во почетокот постоел еден човек, и дека тој паднал. Ние сме негови деца и не е возможно да бидеме родени во повисока состојба од онаа во која бил тој.
Некои ќе се исклучат самите себе од животот, затоа што не можат да ги сфатат сите детали и да најдат оправдување за тоа. Човечкиот ограничен ум не може да го разбере сето тоа, и затоа, подобро е тоа да го остави и да се посвети по потрага на понуденото спасение. Тоа е важното прашање што сите треба да го разберат. Знаеме дека сме во грешна состојба и дека таа грешна состојба е всушност состојба на потполна беспомошност и изгубеност. Сфаќајќи дека сме во изгубена состојба, зарем не е најдобро својата енергија да ја посветиме по потрага да ја постигнеме онаа положба во која можеме да бидеме во спасена состојба?
Што би помислиле за човек кој се дави во океанот и кога некој ќе му фрли јаже, да го погледне јажето и да каже: „Знам дека се давам и дека моја единствена надеж е да се фатам за тоа јаже; но јас нема да се фатам за тоа јаже доколку не знам дека навистина моја била грешката што сум паднал во водата. Ако тоа била моја сопствена грешка, тогаш ќе се фатам за јажето, зашто јас сум единствениот виновник за тоа што сум во оваа состојба. Но, ако некој ме турнал во водата, а јас тоа не сум можел да го избегнам, тогаш тоа јаже не ме интересира“. Сите би сметале дека тој човек е лишен од здравиот разум. Тогаш, согледувајќи дека сме грешници и дека сме во изгубена состојба, да се фатиме за спасението што ни се нуди.
„Смртта царуваше“, таа „премина на сите луѓе“. Стиховите 12 и 18 ни кажуваат што е таа смрт. Зошто преминала на луѓето? Затоа што „сите згрешија“. „Осудувањето дојде на сите луѓе.“ Зошто? До што довела? До осуда. Смртта е блиску до нас; гледаме како секој ден луѓе се положуваат во гробови. Но, дали овде станува збор за таа смрт? Добрите луѓе умираат; и, со само два исклучока, сите добри луѓе кои некогаш живееле на земјата, умреле. Дали тие умреле под осуда? Не, секако дека не. Дали тие умираат затоа што се грешници? Не; кога би биле грешници, не би биле добри луѓе. Не постоел човек на земјата над кого не е прогласена смртна казна, зашто никогаш на овој свет не постоел човек кој не бил грешник. И, ако некој станал добар човек и постојано одел со Бога, како што тоа го правел Енох, тоа било само преку вера.
Ако кажеме дека смртта, која подеднакво доаѓа на сите луѓе – добри и лоши, стари и млади – е извршување на таа пресуда со која „дојде осудувањето на сите луѓе“, тогаш завземаме став дека не постои надеж за ниту еден човек што умрел. Затоа, замајќи во предвид дека не постои време на проба после смртта, на човекот кој ќе умре во грев никогаш нема да може да му биде засметано дека е праваден. Доколку се каже дека добрите не умираат во гревот, туку само поради порано направените гревови, се побива Божјата правда и се оспорува Неговата припишана (засметана) праведност. Зошто, кога Бог ја прогласува Својата праведност над оној што верува, тој човек стои така чист како никогаш да не згрешил и не може да биде казнет како грешник, освен ако не се одрече од верата. Исус кажал: „Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот“ (Јован 5,24).
Кога Адам бил поставен во Едемската градина, Господ му кажал: „зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него (од дрвото), ќе умреш“ (1 Мојсеева 2,17). Тоа не значи „ќе умреш умирајќи“, како што е запишано во забелешката.[1] Тој израз не е ниту еврејски, ниту англиски. Тој значи токму тоа што го кажува: во денот кога ќе вкуси плод од дрвото на познавањето на доброто и злото – во тој ден Адам ќе умре. Токму тој ден кога јадел од плодот, Адам паднал, над него е прогласена смртна казна и тој бил мртов човек. Казната не била извршена тој миг и затоа знаеме дека Адам станал добар човек и дека казната никогаш не била извршена над него. Христос умрел за него. Меѓутоа, тој бил во истата состојба откако јадел од плодот од тоа дрво, во каква бил и фараонот откако биле убиени сите првенци во Египет, кога станал ноќта и кажал [sic][2]: „Сите ќе изгинеме!“ (2 Мојсеева 12,33).
[1]Во англискиот превод на Библијата, во King James верзијата, постојат забелешки за одредени стихови, т.е. нивни делови. Таа забелешка „ќе умреш умирајќи“ („dying thou shalt die“) е една од нив – забелешка на преведувачот.
[2]Sic е латински збор што значи „според тоа“, „па“, „слично на“, или „на таков начин“. При пишувањето се става во средни загради и обично е во италик – [sic] – за да укаже на неточен или необичен правопис, фраза, интерпункциски знак и/или друго, нагласувајќи дека цитираниот материјал е дословно препишан од оригиналниот цитат и не престставува транскрипциска грешка, туку намерно е така напишан. Во конкретниот случај, наведената изјава не ја кажал фараонот, туку Египтјаните – забелешка на преведувачот.
Кога ќе се донесе пресуда против убиец, судејќи по сѐ, тој е мртов човек. Но во случајот на Адам постоело нешто повеќе од тоа. Тој бил мртов и Божјиот Син требало да го оживее. Било само прашање на време кога ќе биде избришан од постоење. Меѓутоа, Христос дошол за да му даде на човекот време на проба и за да го подигне. Сѐ што треба Христос да му даде на човекот, е содржано во тој еден збор – живот. Сѐ е опфатено со тоа. Овој факт покажува дека без Него луѓето немаат живот. На неверните Евреи Исус им кажал: „Но не сакате да дојдете кај Мене за да имате живот“ (Јован 5,40). Веројатно тие одговориле: „Ние не мора да дојдеме, зашто веќе имаме живот“.
Во Езекиел 13,22 читаме: „Поради тоа што со лага го жалостите срцето на праведникот, кого Јас не сакам да го жалостам, и ги поддржувате рацете на грешникот, за да не се одврати од својот зол пат, па не го зачува својот живот“. Нема живот за безбожниците. Тие немаат живот. Тие се мртви. Христос кажал: „Кој верува во Синот, има вечен живот, а кој не верува во Синот, нема да види живот, но гневот Божји останува на него“ (Јован 3,36). Христос дошол за да им даде живот на мртвите. Тој им дава живот само на оние што тој живот совесно го примаат, кои го внесуваат Неговиот живот во своите животи, така што тој живот го зазема местото на нивните изгубени животи. Оној што го има Синот, има живот, а оној што го нема Синот, нема живот. Таквиот човек е мртов.
Значи, Адам умрел, и поради тоа секој човек што се раѓа на светот е грешник, и смртната казна се пренесува на него. Осудувањето се пренело на сите луѓе и не постои ниту еден човек на овој свет, а да не е под осудата на смртта. Единствен начин на кој може да се ослободи од таа осуда и таа смрт е преку Христос, кој умрел за него и кој, во своето сопствено тело, на крстот, ги понел нашите гревови. Тој ја поднел казната на законот и ја претрпел осудата на законот поради нас, а не поради себе, зашто Тој бил безгрешен.
„Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот –смртта… така и преку праведното дело на еден дојде врз сите луѓе оправданието, кое дава живот“ (Римјани 5,12.18). Каков е тој дар? Тоа е бесплатен дар, даруван со посредство на благодатта и им припаѓа на мнозина. Делото на Адам го турнал човекот во грев; Христовото дело ги извлекува луѓето од гревот. Еден престап на еден човек ги турнал сите луѓе во многу престапи, но послушноста на еден човек ги собира многуте престапи на многу луѓе и ги извлекува од осудувањето за тие престапи.
Тој бесплатен дар е всушност Христовата праведност. Како ја добиваме Христовата праведност? Не можеме Христовата праведност да ја одвоиме од самиот Христос. Затоа, за да ја добијат Христовата праведност, луѓето мораат да го имаат Христовиот живот. На тој начин, тој бесплатен дар им се дава на сите луѓе кои се оправдани со Христовиот живот. Оправдувањето е живот. Тоа е Христовиот живот. „Зашто, како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешни, така исто и преку послушноста на еден, мнозина ќе бидат направени праведни“ (Римјани 5,19). Тоа се едноставни и јасни изјави. Човекот нема да добие никакво добро ако се сомнева во нив. Тој само ѝ нанесува штета на својата душа. Да ги прифатиме и да веруваме во нив.
„Бесплатниот дар за оправдување за живот дојде на сите луѓе.“ Дали сите луѓе ќе бидат оправдани? Сите луѓе би можеле да бидат оправдани, кога би сакале, но Христос кажува: „не сакате да дојдете кај Мене за да имате живот“ (Јован 5,40). Сите се мртви во престапите и гревовите. Божјата благодат што носи спасение се јавила за сите луѓе. Таа е на дофат на сите, а тие што не ја прифаќаат се всушност оние што ја отфрлаат.
„Зашто, како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешни, така исто и преку послушноста на еден, мнозина ќе бидат направени праведни“ (стих 19). Тоа го решава целото прашање дали вие и јас можеме да направиме дела кои ќе нѐ направат праведни. Ние сме направени праведни преку послушноста на еден човек. Кој е тој човек? Дали јас можам да правам правда која на вас ќе ви помогне? Не. Дали вие можете да правите правда која на мене ќе ми помогне? Не. Да претпоставиме дека еден човек може да направи праведни дела кои ќе му се засметаат, правејќи го праведен – кој би бил тој човек? Јас тоа не можам да го направам за вас, ниту вие можете да го направите за мене. Па, тогаш, кој е тој човек? Исус Христос од Назарет!
Ова го рашава прашањето дали оправдувањето со вера доаѓа со посредство на законот (преку законот, т.е. делата на законот –забелешка на преведувачот). Со послушноста на Христос, мнозина се направени праведни или послушни. Праведноста е послушност на законот. Дали некогаш сте прочитале или сте слушнале дека некој човек совршено го држел законот? Или, дали некогаш сте слушнале за некого, без оглед на тоа колку високо ги поставил своите стандарди, а не нашол нешто надвор од тие стандарди што не можел да го постигне? Често, дури и светските луѓе имаат некој сопствен идеал, но колку поблизу дојдат до тој идеал, тие гледаат сѐ поголеми недостатоци во себе. Секој кој е искрен во обидот да постигне некој висок стандард, кога ќе дојде до него, ќе види дека има нешто и над тој стандард.
Постои само еден беспрекорен живот. Постои еден човек, човекот Исус Христос, кој успешно се спротивставил на сите сили на гревот кога бил овде на земјата. Тој беше Словото кое стана тело. Бог во Христос го помирил светот со Себе. Тој можел да застане пред светот и да го праша секој човек дали може да го осуди за некој грев. Во Неговата уста не се најде измама. Тој бил „свет, непорочен, неосквернет, одвоен од грешниците и возвишен над небесата“ (Евреите 7,26), и со Неговата послушност мнозина ќе бидат направени праведни.
Тогаш се поставува прашањето – како тоа може да биде? Тоа е истото прашање што Евреите го изнеле пред Христос, кога Тој рекол: „ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе“ (Јован 6,53). Тие одговориле: „Како може Овој да ни го даде телото Свое да го јадеме?“ (Јован 6,52). Денес би можеле да се најдат мнозина кои го поставуваат истото прашање, кога велат: како јас можам да го имам Неговиот живот или Неговата правадност? Дали Исус можел да им објасни како може да им го даде Своето тело? Не можел, освен со зборовите што им ги кажал – тие се дух и живот. Планот на спасението не може да му се објасни на човекот. Тоа е дело на едно бесконечно суштество и ние не можеме да го разбереме. Ние сме во незнаење што се однесува до прашањето како тој план се одвива. Преку целата вечност нема да разбереме како тоа е направено. Тоа може и можела да го направи само бесконечната сила. И само бесконечната мудрост може тоа да го разбере.
Ако го јадеме Христовото тело и ја пиеме Неговата крв, ќе го имаме Христовиот живот. Ако го имаме Неговиот живот, ние имаме праведен живот; Неговата послушност дејствува во нас и тоа нѐ прави праведни. Овде нема место за тврдењето дека, затоа што Христос бил послушен за нас, тогаш ние можеме да правиме што сакаме, а Неговата праведност секако ќе ни биде засметана. Неговата послушност мора да се покажува во нашиот живот секој ден. Тоа не е наша послушност, туку Христовата послушност која дејствува во нас. Преку овие „најголеми и драгоцени ветувања“ (2 Петрово 1,4) ние примаме божествен живот во себе. Животот што го живееме е животот на Божјиот Син. Тој умрел за нас и нѐ сакал со љубов која не можеме да ја сфатиме. Праведноста што ние ја имаме е Негова. Да му благодариме на Бога за тој неискажлив дар (2 Коринтјани 9,15). Бог ни овозможува да ја добиеме сета корист од таа послушност, затоа што сме донеле силна одлука да бидеме послушни. Затоа и ни е дадена.
Кога доаѓате кај Бога, носете ги овие текстови на своите усни: „Ние ќе се спасиме преку Неговиот живот“. „Преку послушноста на еден, мнозина ќе бидат направени праведни“. Пренесете ги на Бога во молитва. Тие се вистинити, зашто сам Бог тоа го кажал. Како можат да се добијат овие благослови? Со вера. Прифатете го тоа со вера, и е ваше, и никој не може да ви го одземе. Тогаш тоа го имате, дури и да не разбирате како тоа е возможно. Кога го имате тоа, вие имате живот. Каков живот? Божествен живот. А тогаш, кога ќе дојде време на искушение, време кога обично сте паѓале, можете да му кажете на сатаната дека тој нема никаква сила која ќе направи да паднете пред тоа искушение, зашто тоа не сте вие, туку Христос кој живее во вас.
Никогаш во животот на било кој човек немало време кога тој имал сила сам да се спротивстави на искушението. Ние не можеме да го направиме тоа. Тоа ни покажува дека мора да имаме живот кој е поинаков од нашиот природен живот, за да можеме да се спротивставиме на гревот. Тоа мора да биде живот кој никогаш не бил допрен од гревот, ниту гревот може да го допре. Повторувајте ги овие славни зборови повторно и повторно: „Неговиот живот е мој, гревот не може да ме допре. Неговата сила е моја сила; Неговата послушност е моја послушност и Неговиот живот е мој живот. Тоа бил безгрешен живот и со вера го имам и јас, се држам за него, затоа што е мој и гревот не може да го допре.“ Тоа е единствен начин да се спротивставите на искушенијата и тоа ќе биде успешно секој пат.
„А притоа дојде и законот за да се наголеми престапот. Но каде што се умножи гревот, благодатта се умножи уште повеќе, та, како што гревот завладеал со смртта, така и благодатта да завладее преку праведноста за живот вечен, преку Исус Христос, нашиот Господ“ (Римјаните 5,20.21).
Времето кога дошол законот, било она време кога тој бил изговорен од Синај. Тој дошол за престапот, или гревот, да може да се наголеми. Но таму каде се зголемил гревот, уште повеќе се умножила и зголемила благодатта. Гревот постоел во светот уште пред законот да биде објавен на Синај. Затоа, законот постоел и пред неговото објавување на Синај. Меѓутоа, Бог го изговорил на застрашувачки начин во таа громовност од планината, за секој да може да сфати дека гревот е многу пострашен. Тоа било направено за луѓето да можат да го видат гревот на начин како Бог го гледа.
Сите тие нешта биле запишани за ние да имаме корист од тоа. Изговарањето на тој закон преку громови, со толку свечена глетка на величественост насекаде наоколу, треба да остави ист впечаток и на нас како што оставил на синовите Израелови. Ние треба да ги гледаме облаците со громови и молњи и тоа треба да предизвика страв во нашите срца.
И секој што ќе се допрел до планината морал да умре (2 Мојсеева 19,12). Што се подразбира под тоа? Сето тоа било наменето за да ја покаже стравотијата на законот. Тој бил даден на тој начин за луѓето да можат да го видат неверојатното величество на законот и да сфатат дека преку законот никој не може да добие живот. Бил толку возвишен, што никој не можел да го држи. Сѐ што било поврзано со давањето на законот било осмислено, за на човекот да му покаже дека единствено нешто што може да се добие преку него е смртта. Тој бил со толку возвишени барања, неопишливи барања, така што тие никогаш не можат да допрат до неговите висини. Бил даден на таков начин, за да им покаже на луѓето дека во него имаат само смрт и осудување.
Тогаш, зарем законот не бил даден само за да внесе обесхрабрување во срцата на луѓето? Не. Да се вратиме на Авраам и ќе видиме на што уште може да нѐ поучи давањето на законот. На Авраам и на неговото праведно потомство им е дадено ветување за праведно наследство (потомство). Бог лично го дал тоа ветување на Авраам и на неговото потомство. Бог се заколнал во своето сопствено постоење дека ќе има праведни луѓе – луѓе чијашто праведност ќе биде еднаква на праведноста на законот. Но, овде бил и законот во такво страшно величество, така што од него не можела да произлезе никаква праведност. Тоа требало да биде само непроменлив стандард. Сега поврзете ги тие две нешта: Овој закон е толку свет во своите барања, така што ниту еден човек не може да добие никаква праведност од него, а тоа е покажано со начинот на кој е даден; но Бог се заколнал дека ќе постојат луѓе кои ќе ја имаат сета праведност што ја бара законот. Според тоа, самото давање на законот послужило за да им покаже на луѓето дека мора да постои, и дека постоел, некој друг начин да се добие таа иста праведност.
Значи, со давањето на законот, Бог го дал и Евангелието преку громови. Праведноста и мирот во полнина живеат заедно во Христа. Значи, во Него е животот. Во законот е осудувањето, но законот е во Христа, а во Христа е животот. Во Христа ја добиваме праведноста на законот преку Неговиот живот. Гласот што го објавил законот на Синај бил Неговиот глас, гласот на Оној што ја дарува таа праведност.
Сега погледнете ја силата на Мојсеевите зборови во 5 Мојсеева 33,2.3: „И рече: ‘Господ дојде од Синај, им се јави во Сеир, заблеска од планината Фаран и пристигна со илјадници светии; а во десницата Негова огнен закон за нив. Сепак, Ти го сакаш Својот народ.“
Давањето на тој закон било едно од најголемите можни изјави на љубовта, затоа што со најсилен глас им проповедал на луѓето дека животот е во Христа. Оној што го дал законот, бил Оној што ги извел од Египет. Тоа бил Тој кој му се заколнал на Авраам дека тој и неговото потомство ќе бидат праведни и со тоа им покажал дека не можат да ја добијат праведноста преку законот, туку преку Христа. Значи, постоело изобилство на благодат, зашто таму каде што гревот се наголемил преку давањето на законот, уште повеќе се зголемила благодатта. Тоа се случува секогаш кога некој грешник ќе се обрати. Пред обратувањето тој не ја сфаќа грешноста на своите гревови. Тогаш доаѓа законот и му покажува колку се ужасни тие гревови, но со него доаѓа и нежниот глас на Христос во кого е животот и благодатта.
Колку драгоцено е да се има тоа уверување за гревот кое е испратено во нашите срца, затоа што знаеме дека тоа е дел од работата на Утешителот што Бог го испраќа во светот за да сведочи за гревот. Дел од Божјата утеха е осведочувањето за гревот, зашто истата рака која осведочува за гревот, го има во себе и помилувањето, па, како што гревот владеел за смрт, исто така, преку праведноста, да владее благодатта за вечен живот, преку Исус Христос, нашиот Господ. Во оваа благодат повторно ги имаме тие драгоцени зборови – и тоа многу повеќе. Таму каде се наголемува гревот, уште повеќе се умножува благодатта.
Господ ги истражува срцата и Тој ги знае нашите гревови. Дали ќе одиме наоколу тагувајќи, воздивнувајќи и зборувајќи дека нашите гревови се толку големи така што Бог не може да им прости на такви грешници како што сме ние? Изгледа дека некои луѓе си замислуваат дека Бог никогаш не знаел за нивните гревови. Потоа кажуваат дека тие не се вредни во Божјите очи за Тој да ги отстрани нивните гревови. Тие не можат да видат како Бог може да ги спаси. Кој прави да чувствуваме дека сме грешни? Кој ни ја открива нашата безвредност? Како доаѓаме до тоа да откриеме дека сме згрешиле? Бог е тој кој ни ги покажува нашите гревови. Тој знаел цело време за нив. Ние ова не го земаме во предвид – дека Бог однапред ги знаел нашите гревови и дека Тој е Оној кој прв пат ни укажува на нив и нѐ осведочува за гревот.
Кога Бог го направил планот на спасението, Тој знаел што прави. Тој го познавал човечкото срце. Тој знаел за длабочината на пропаста до која ќе падне човештвото, како што ниту еден човек тоа не го знаел. Со Својот закон Тој прави да ги разбереме гревовите во своето срце, и потоа тој грев се наголемува онолку колку треба. Во нашите очи порано гревот бил мал, но Бог прави да го гледаме онаков каков што Тој го гледа.
Запомнете дека Утешителот е тој кој осведочува. Запомнете дека таму, каде во вашето срце или ум се наголемува гревот, уште повеќе ќе се зголеми благодатта. Вашата цврста вера во оваа вистина е она што прави благодатта ефикасно да ги отстранува гревовите. Христос е во состојба потполно да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кај Бога. Не можете да барате од Него ништо толку добро, ниту толку големо, како што е тоа што Тој е во состојба да го направи – и многу повеќе од тоа.
Бог не мора да зема мерка на благодат и потоа да го разгледа светот, за да види колку се оние на кои треба да им се подели и потоа да започне со работа, да ја раздели така што да има доволно за сите. Тој ни ја дава мерката на Светото Писмо, набиена, натресана и преполна. Без оглед колку големи се гревовите кои треба да се покријат, постои благодат која е повеќе од доволна да го направи тоа. Смртниот човек може да биде покриен со Христовата праведност како со облека. Затоа да го земеме со вера Христовиот живот и да живееме нов живот.