Темата за пробиотиците во денешно време е доста актуелна, но веројатно според многумина ова е само уште една „мода“. Сепак од исклучителна важност е да се знае дека пробиотиците се нешто многу повеќе од „мода“ па затоа во понатамошниот текст приложуваме неколку важни информации за нив.

Што се тоа пробиотици?

Пробиотици се добрите бактерии (и одредени видови на квасци) кои го населуваат нашиот гастроинтестинален тракт и кои ја сочинуваат нашата микрофлора.

Зошто овие бактерии и квасци се толку многу важни за нашето здравје?

Затоа што овие бактерии и квасци имаат многу важни улоги во нашето тело. Ќе наведеме неколку:
– Ја овозможуваат и олеснуваат дигестијата и апсорпцијата на хранливите материи од храната;
– Вршат синтеза на одредени витамини и останати супстанци;
– Спречуваат развој на патогени бактерии, исто така тие го одржуваат нашиот гастроинтестинален систем здрав и непропустлив за разни штетни матери, имаат и имуномодулаторен и имуностимулаторен ефект.

Здрав гастроинтестинален систем населен со здрава микрофлора е основа за добро здравје и за добра снабденост на телото со сите витамини, минерали и останати нутриенти.
Природно пробиотиците се внесуваат преку употреба на: кисела зелка (која не е термички обработена), расолница, кефир, ртени житарки и останати производи кои се подготвуваат со помош на процеси на ферментација, а притоа не се термички обработени.

Пробиотици и антибиотици

Сепак со оглед на тоа што денес антибиотиците се присутни насекаде околу нас, а и често пати се употребуваат во терапевтски цели, треба да се нагласи дека во некои состојби понекогаш е потребна и суплементација на пробиотици бидејќи со употреба на производи, кои природно содржат пробиотици, не може за кратко време да се поправи огромната штета која ја нанеле антибиотиците.

Кога разговараме за пробиотици и за антибиотици добро е да се знае дека:
– Пробиотскиот суплемент се консумира неколку часа пред или по земањето на антибиотикот;
– Пробиотикот треба да се зема најмалку уште две недели по завршувањето на антибиотската терапија, бидејќи штетата која ја направиле антибиотиците не може да се поправи за кратко време;
– Од голема важност е квалитетот на пробиотскиот суплемент кој ќе го одберете.

Како да одберете квалитетен пробиотски суплемент?
• Внимавајте на тоа суплементот да содржи повеќе бактериски култури, најмалку 4 или повеќе од 4 видови на бактерии;
• Суплементот треба да има и доволен број на бактерии, околу 10 билиони бактерии во дневна доза се доволни за возрасен човек (при и по антибиотска терапија);
• Доколку се земаат превентивно или како доза на одржување поради некој здравствен проблем тогаш бројот на бактерии може да биде и помал, но секако тој треба да се одреди во консултација со стручно лице.

Некои важни нешта кои треба да ги знаете за пробиотиците

Бебиња коишто се родени со помош на царски рез треба да бидат суплементирани со пробиотик со широк спектар на бактериски култури во доза и во временски период препорачани од соодветно стручно лице, бидејќи овие новороденчиња не ја добиваат гастроинтестиналната микрофлора од мајката.

Лица со разни видови на егзема, алергии и други состојби поврзани со нарушена работа на имуниот систем може да почувстуваат подобрување при употреба на пробиотици.

Не секој пробиотик е квалитетен пробиотик и не секој пробиотик е исто ефективен за одредени сосојби. Како што е нагласено погоре за еден пробиотик да биде квалитетен треба да има што повеќе соеви на бактерии и што поголем број на бактерии, а што помалку останати додатоци во самиот суплемент. Постојат одредени соеви на бактерии кои имаат познати и специфични улоги за одредени состојби. Така на пример бактеријата Lactobacillus reuteri има докажана позитивна улога во намалување на грчевите кај новороденчињата, додека бактеријата Lactobacillus sakei има позитивна улога во проблеми со синуситe па поради тоа треба да се обрне внимание и на ова при на изборот на пробиотски суплемент.

Квалитетен пробиотиски суплемент кој ќе помогне во изградбата на здрава гастроинтестинална микрофлора е многу подобар избор од разните скапи витаминско/минерални суплементи. Со здрав дигестивен систем многу лесно ќе се апсорбираат сите витамини/минерали од храната, а ќе добиете и витамини и други супстанци кои ги продуцираат добрите бактерии во гастроинтестиналниот тракт, додека со нездрава микрофлора и со нездрав гастроинтестинален тракт никогаш не може добро да се искористи храната и разните суплементи кои се употребуваат.

Pin It on Pinterest